Професорите им напишаа отворено писмо на пратениците

Професорите им напишаа отворено писмо на пратениците. Во писмото, професорите ги повикуваат народните избраници да ја запрат понатамошната постапка и да ги сослушаат пред да донесеат одлука што може скапо да го чини целото општество. Ви пренесуваме дел од писмото, а целото можете да го најдете на „Факултети.мк“.

„Почитувани пратеници, пред Вас наскоро ќе се најдат предлог-закони што се оспорија на стручни расправи и со прогласи во јавноста и против кои на улиците гласно и видливо се изјасни десетилјадна поворка од студенти и од учители, откако предлагачот ги пренебрегна нивните повици за суштински разговор, кој мора да се води врз основа на издржани анализи и наоди, поткрепени со докази.

Тоа се предлог- закони за чиј концепт и за чии текстови предлагачот во кратки рокови побара мислење од единиците на универзитетите и кои мнозинството од нив недвосмислено ги отфрлија како противуставни, нехумани, штетни, скудно и противречно составени, како полни со недоследности и со нелогичности, како неспроводливи и, најважно од сè, како средства за конечно уривање на универзитетската автономија.

Меѓу другото, студентите и академската заедница побара да се напуштат тамошните решенија и да се одложи донесувањето на овие закони, а постапката да се врати на почеток за да се стави на здрави нозе и заеднички со студентите и со академската заедница да се согледаат корените и причините за проблемите во високото образование, и тоа со анализа во која ќе се вклучат сите фактори за да може да се дојде до најделотворните решенија за нашиот високообразовен систем со сосема нов закон. Но, предлагачот и Владата не ги сочека ниту овие мислења и, пред воопшто да измине рокот што самите им го дадоа на универзитетите, ги усвоија предлозите и ги проследија во собраниска процедура. Против овој чин јавно, со име и со презиме, се изјаснија и повеќе од стотина универзитетски учители, а, еве, денес нивниот број многукратно се зголеми.

Кон овие повици, со лични јавни дописи и со писма потпишани групно, се придружија осумдесетина од највидните светски мислители и филозофи, кои предаваат на најугледните светски универзитети.

Затоа, со оглед на гласноста и на многубројноста на овие недвосмислени пораки, Ве повикуваме да го примените основното начело на демократијата – да го сослушате гласот на засегнатите страни.“