Стивен Хокинг сака да глуми негативец во филм за Џејмс Бонд

Најпознатиот теоретски физичар на денешницата, Стивен Хокинг, без оглед на тешката болест и на поодминатите години, и понатаму е особено активен, а ни смисла за хумор не му недостига. Во најновото интервју за магазинот „Ваерд“ (Wired), научникот изрази желба да се обиде пред камери.

Откако се појави во сериите како што се „Симпсонови“, „Ѕвездени патеки“ или „Бубалици“, сега сака да игра и на филм. Хокинг смета дека неговата појава, лице во количка со компјутерски генериран глас, го прави идеален за улогата на негативец во некои од следните филмови за Џејмс Бонд.

Седумдесет и двегодишниот физичар вели дека без разлика на болеста и понатаму ужива во комуникацијата, сака да држи предавања и да ја популаризира науката.