Премиерот Груевски најави проширување на позитивната листа на лекови

Позитивната листа на лекови ќе се проширува, а најголем дел ќе бидат лекови што ги користат заболените од малигни карциноми, најави денеска премиерот Никола Груевски од Петровец, каде што почна изградба на логистичко-дистрибутивен центар „Тинекс“.

„Станува збор за т.н. прва линија лекови, односно лекови кои се прво препорачани од лекарите во согласност со медицината базирана на докази. Процедурата веќе е почната во Министерството за здравство. За 15 до 20 дена треба да се отвори тендер за дел од нив, да почне процедурата за ставање на позитивната листа со сите потребни процедурални активности. Дел од нив се почнати, но интерно во Министерството за здравство. Следува работа на Комисијата од лекари, законски процедури за тоа“,  нагласи премиерот Груевски.

Според процените, како што посочи Груевски, целата процедура треба да заврши за три-четири месеци, односно до март или најдоцна почетокот на април, по што околу 15 нови лекови, од кои најголем дел за малигни заболувања, ќе се најдат на позитивната листа.