Владата на Орбан лани потрошила 40 милиони евра на анти-Сорос пропагандата


Будимпешта, 7 февруари, 2018 - 10:50 (META) 

Вкупно 40,5 милиони евра потрошила минатата година Владата на Унгарија на пропагандата против невладините организации и Институтот „Отворено општество“ на американскиот мултимилијардер роден во Унгарија, Џорџ Сорос, пишува унгарскиот центар за истражувачко новинарство „Atlatszo“, изнесувајќи ги резултатите од своето истражување.

Притоа, истражувачките новинари утврдиле дека третина од тие пари завршиле во џебот на Леринц Месарош (Lőrinc Mészáros), близок пријател на унгарскиот премиер Виктор Орбан.

„Atlatszo“ во текот на целата 2017 година следел колку владата троши на пропагандата, а откако на крајот на минатата година го побарале последниот комплет податоци, требало за него да платат 375 евра.

Во рамките на владините кампањи минатата година од април до ноември, со мала пауза во текот на летото, улиците во Унгарија беа исполепени со плакати против Сорос и против мигрантите.
Најголем дел од парите завршиле во џебот на Месарош, градоначалник на Фелчут, родниот град на Орбан и сопственик на неделник, портали и телевизијата „Ехо“. Станува збор за вкупно 12,8 милиони евра исплатени за реклами. На второ место е Андраш Томбор, бизнис-партнер на Арпад Хабоњи, советник кој работи за Орбан. На трето место е компанијата Одекс, која работи со билборди, а на четвртото е Енди Вајна, филмски автор кој тесно соработува со владата и сопственик на казина, кој „спечалил“ 3,3 милиони евра.


МИОА: Законот за владино рекламирање е повлечен заради доработка на текстот


Скопје, 26 август, 2016 - 16:51 (META) 

Владата го повлекла предлог-законот за владино рекламирање, односно за информативни и за рекламни кампањи на јавните институции, на предлог на Министерството за информатичко општество и администрација, а причина била потребата за доработка на текстот на законот, во согласност со добиените предлози и забелешки.

„Со оглед на фактот што во текот на изминатиот месец, во процесот на консултации со повеќе од 100 медиумски куќи и асоцијации, министерството презеде обврска да ги разгледа добиените предлози и сугестии и да ги прифати оние кои ќе овозможат подобрување на текстот на законот, Владата на предлог на министерството, во текот на вчерашниот ден го повлече текстот на законот од собраниска процедура. Можноста за повлекување на предлог-законот заради усогласување беше најавена уште на самите состаноци со медиумите и оттука, министерството најостро ги демантира сите шпекулации во однос на причините за повлекување на законот и информира дека единствена причина е потребата за доработка на текстот на законот во согласност со добиените предлози и забелешки“, стои во денешното соопштение на Министерството за информатичко општество и администрација.

Оттаму додаваат дека очекуваат во следниот период сите засегнати страни „со одговорно и конструктивно однесување“ да овозможат да се најде долгорочно системско решение за ова прашање.

Од СДСМ вчера изјавија дека предлог-законот е повлечен од собраниска процедура, благодарение на жестоката реакција на опозицијата. Според СДСМ, со законот власта имала намера да ја „запечати корупцијата на медиумите со државни пари“.

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја обвини СДСМ дека „е непријател на медиумите и не сака регулирање на владиното рекламирање по урнек на европските модели“.


ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ не сака владиното рекламирање да се регулира по европски модел


Скопје, 25 август, 2016 - 21:02 (META) 

Носењето на законот за владино рекламирање е дел од реформските обврски на Република Македонија, но СДСМ е против секоја реформа, стои во реакцијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на пратеникот на СДСМ, Томислав Тунтев, во врска со владината одлука за повлекување на предлог-законот за информативни и за рекламни кампањи на јавните институции од собраниска процедура.

„СДСМ е непријател на медиумите и не сака регулирање на владиното рекламирање по урнек на европските модели.
Секој медиум што не е под контрола на СДСМ, односно Сорос и кој отворено говори за деструкцијата и за незаконското работење на аболираниот криминалец Зоран Заев е предмет на закани и на навреди од СДСМ. За СДСМ единствено се прифатливи медиумите кои се дел од „фабриката“ финансирана од политичкото раководство на СДСМ и од Сорос. Ваквото дејствување на СДСМ е против човековите права и слобода на говор и информирање и затоа ќе биде казнето од граѓаните во првиот момент кога СДСМ ќе собере храброст да се појави на избори“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.


Законот за владино рекламирање е повлечен благодарение на опозицијата, велат од СДСМ


Скопје, 25 август, 2016 - 19:20 (META) 

Законот за владино рекламирање со кој власта сакаше да ја запечати корупцијата на медиумите со државни пари е повлечен благодарение на жестоката реакција на опозицијата, изјави попладнево на прес-конференција пратеникот на СДСМ, Томислав Тунтев.

„Пратеничката група на СДСМ денеска во Собранието спречи уште една лудост на ВМРО-ДПМНЕ. Никола Груевски е во очај, веќе не се срами своите политики на поткупување заради замолчување да се обиде да ги подметне како законски решенија, но очигледно и нему и на ВМРО-ДПМНЕ им е јасно дека тоа веќе не поминува“, рече Тунтев.

Попладнево до претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, пристигнало службено известување од Владата за повлекување на предлог-законот за информативни и за рекламни кампањи на јавните институции од собраниска процедура.

„Владата на Република Македонија на седницата, одржана на 25 август 2016 година, заклучи да се повлече од собраниска постапка предлог-законот за информативни и за рекламни кампањи на јавните институции“, стои во документот од Владата.

Од Владата засега нема официјално образложение зошто е повлечен предлог-законот од собраниска процедура.

Претходно СДСМ најави дека ќе го блокира донесувањето на законот и дека ќе поднесе 500 амандмани.


Владата го повлече од Собранието предлог-законот за рекламирање на јавните институции


Скопје, 25 август, 2016 - 18:29 (META) 

Владата на денешната седница одлучила да го повлече од собраниска процедура предлог-законот за информативни и за рекламни кампањи на јавните институции, јавува „24 Вести“.

Попладнево до претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, пристигнало службено известување за одлуката на Владата за повлекување на предлог-законот.

„Владата на Република Македонија на седницата, одржана на 25 август 2016 година, заклучи да се повлече од собраниска постапка предлог-законот за информативни и за рекламни кампањи на јавните институции“, стои во документот од Владата.

Предлог-законот, како што пренесував „24 Вести“, денеска требаше, но не беше ставен на дневен ред на седница на Собранието, бидејќи немало овластен предлагач.

Законското предлог-решение во собранска процедура беше ставено пред неколку дена. Опозициската СДСМ обвини дека со овој закон Владата сака да ја озакони корупцијата во медиумите и најави дека ќе поднесе 500 амандмани на предлог-законот.


ЗНМ: Со новиот закон за рекламирање, медиумите ќе станат огласна табла на Владата


Скопје, 4 јули, 2016 - 17:28 (META) 

Министерката за информатичко општество и администрација (МИОА), Марта Арсовска-Томовска, и нејзиниот заменик, Тимчо Муцунски, денеска до Собранието поднеле предлог-закон за владино рекламирање.

Предлог-законот предвидува Владата да може да се рекламира во медиумите, но, како што е наведено, само за работи од јавен интерес. Во предлог-законот, исто така, е наведено дека во рекламирањето не смее да се промовираат партиски интереси ниту, пак, да се напаѓаат одредени мислења и ставови на политичките партии.

Од Здружението на новинари на Македонија велат дека денеска биле на брифинг во МИОА, но го напуштиле состанокот поради лошата организација. Од ЗНМ побрале објаснување зошто на средбата не се поканети новинарите од новинарскиот синдикат, Советот на етика, Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и други, но не добиле никаков одговор.

„Министерката немаше одговор на прашањата дали овој предлог-закон е резултат на преговорите на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино или е само на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, како и на тоа дали гаранторите на договорот, САД и ЕУ, се запознаени и се во тек со процесот на подготвување на концептот на законот. Арсовска-Томовска се обиде да ги злоупотреби извештаите на меѓународниот фактор селективно интерпретирајќи делови со кои се согласува, а занемарувајќи ги другите делови. Генерален став на ЗНМ што беше истакнат на средбата, е дека со ваквиот закон ќе се легализира корупцијата на медиумите. На тој начин владините реклами ќе ги претворат медиумите во заложник на политичките и на економските интереси на Владата и на сопствениците на медиумите. Обврска на јавните институции е да ги направат достапни сите информации поврзани со нивната работа, а не јавните пари да ги користат за дневна промоција на владините политики. Со тоа медиумите стануваат огласна табла на Владата, платени со јавни пари“, сметаат од ЗНМ.

Од здружението додаваат и дека владините реклами ќе имаат силно влијание врз медиумскиот пазар, во кој Владата и досега беше најголем огласувач. Ваквата позиција ѝ дава можност на Владата да ја контролира уредувачката политика на медиумите и со тоа да ја задуши критиката.

ЗНМ предупредува дека со вакви погрешни концепти уште повеќе ќе се влоши состојбата со слободата на медиумите во земјава и стравува дека Македонија ќе остане во групата на неслободни земји, како што се Белорусија, Русија и Турција.

„Наместо рекламирање, ЗНМ предлага истите пари што Владата ги троши за медиумска промоција, да ги намени за субвенционирање на медиумите, за подобрување на квалитетот на медиумската содржина, збогатување на политички плурализам, поддршка за малцинските медиуми и за обука на новинари“, велат од ЗНМ.

Пратеникот од СДСМ, Томислав Тунтев, денеска во прес-центарот на Собранието, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека овој предлог-закон е уште еден срамен обид на партијата на власт да ги држи во заложништво медиумите.

„ВМРО-ДПМНЕ на најбрутален начин и со ваков еден сличен, ако не и идентичен закон, се обиде да ја продолжи корупцијата, односно да ја легализира корупцијата во медиумите. Ова не е производ на никаков договор, не е производ на никакви преговори, туку е едностран чин на партијата на власт која се обидува и понатаму да ги држи во заложништво медиумите. Имено, со пари од граѓаните идејата е да се финансираат информативни и рекламни кампањи“, рече Тунтев.