По вчерашниот голем пад, цените на нафтата во пораст


Лондон, 12 јули, 2018 - 15:03 (META) 

На главните пазари за сурова нафта денеска цените на нафтата повторно се во пораст, откако вчера го доживеаја најголемиот пад во последните две години.

Брент суровата нафта вчера доживеа пад на цената од 6,9 отсто, што е најголемиот пад во последните две години и достигна до цена од 73,4 долари за барел. Американската сурова нафта поевтини за пет отсто, и по овој најголем пад на цената во последната година, се нудеше за цена од 70,38 долари за барел.

Аналитичарите тоа го припишаа на соопштението од Националната нафтна компанија на Либија дека повторно ќе отвори четири терминали за извоз што беа затворени кон крајот на минатиот месец и дека ќе го зголеми производството. Поевтинувањето не беше спречено ниту од соопштението од американската влада дека резервите на американска сурова нафта се намалиле за 12 милиони барели во минатата седмица.

Сепак, денеска на светските берзи, суровата нафта повторно поскапе, па американската нафта на њујоршката берза се нуди за 70,88 долари, што е половина долар повеќе од вчера.

Брент суровата нафта на лондонската берза денеска поскапе за 1,38 долари, на 74,76 долари за барел.


Бензините и дизелот поскапуваат за два денари


Скопје, 28 мај, 2018 - 14:13 (META) 

Малопродажните цени на бензините и дизелот од ноќеска на полноќ се зголемуваат за два денари, одлучи Регулаторната комисија за енергетика.

Новата цена на „еуросупер БС-95“ ќе изнесува 73,50 денари за литар, „еуросупер БС-98“ ќе се продава по 75,50 денари, а дизелот ќе се продава по 65 денари.

Просечната цена на суровата нафта на светскиот пазар изминатите две недели изнесуваше 78,68 долари за барел, а курсот на денарот во однос на доларот 52,06 денари.


Горивата поскапуваат од ноќеска на полноќ


Скопје, 17 октомври, 2016 - 16:40 (META) 

Бензинот од ноќеска на полноќ ќе поскапи за 1,5 денар, а дизелот и екстралесното масло за домаќинство за два денари, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Според одлуката на РКЕ, еден литар „еуросупер БС-95“ ќе се продава за 63 денари, а „еуросупер БС-98“ за 65 денари.

Новата цена на литар „еуродизел“ e 50 денари, а на екстралесното масло за домаќинство 38,5 денари.

РКЕ ја донесе одлуката за промена на цената врз основа на просечната цена на сурова нафта на светскиот пазар и односот на курсот на денарот во однос на доларот во изминатите две недели.