!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

СДСМ ќе поднесе три закони – за минимална плата, за стечајци и за радиодифузна такса


Скопје, 1 септември, 2017 - 16:14 (META) 

СДСМ пред пратениците во Собрание ќе поднесе пакет закони кои ќе бидат од особено значење за економско ранливите категории, соопшти денеска координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев.

Пакетот закони, како што информираше Тунтев, ги опфаќа законот за минимална плата, закон за стечајните работници и законот за укинување на радиодифузната такса.

– Побарав да ги донесеме по скратена постапка како предлог од група пратеници, односно, да бидам поконкретен, како предлог од координаторите на пратеничките групи. Oчекуваме поддршка од опозицијата и ако ја добиеме, денеска, до крајот на работното време, законите ќе ги поднесеме со нивна поддршка, ако не, тогаш ќе ги поднесеме како координатори на пратеничките групи од парламентарното мнозинство. Очекувам овојпат интересот на граѓаните да биде пред партискиот интерес – рече Тунтев.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ апелираше до опозицијата за конструктивност бидејќи, како што нагласи, со овие законски решенија ќе им се помогне на граѓаните.

Тунтев во Собранието денеска имаше средба и со тројцата европратеници, Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едвард Кукан, на која било разговарано за напредокот на политичкиот дијалог во Собранието и потребата за вклученост на сите парламентарни групи.


Владата договори дополнителна координација за законот за јазиците


Скопје, 1 август, 2017 - 11:39 (META) 

На 18. седница синоќа, Владата на Република Македонија, покрај за шумските пожари и за проблемот со струшката депонија, расправала и за Законот за јазиците, за стечајните работници, како и за повеќе социјални закони, соопшти владината служба за информирање.

Било дебатирано за усвојување на предлог-закон за употреба на јазиците и било договорено да се прави понатамошна координација, односно да се утврдат целосно надлежностите на двете предвидени институции што треба да се формираат: агенцијата за примена на јазиците и инспекторат за употреба на јазици. Предлог-законот за употреба на јазиците по утврдување на наведеното ќе биде ставен повторно на дневен ред на некоја од наредните владини седници, појаснуваат од владината служба за информирање.

Владата, исто така, го утврдила и предлог-законот за материјално обезбедување на стечајните работници, за кој се обезбедени финансиски средства со ребалансот на буџетот. Со овој закон, според најавите од Владата, ќе се реши долгогодишниот проблем на 3.000 стечајни работници.

На вчерашната владина седница се разгледувале и прашања од социјалната сфера: била усвоена информација за потребата од вработување нови социјални работници, бил утврден предлог-законот за измени и дополнување на Законот за социјална заштита, за кој се вели дека предвидува значително унапредување на правата на лицата со попреченост, бил утврден и предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата со кој се предвидува продолжување на додатокот за деца со посебни потреби по службена должност.

Била донесена и одлука да се зголеми капиталот на Република Македонија во Меѓународната банка за обнова и развој, со запишување на дополнителни 114 акции.

На осумнаесеттата седница, Владата ја усвоила и информацијата за можноста за вршење периодични здравствени прегледи од здравствени работници на корисниците во дневните центри за деца и за лица со пречки во развојот.


СДСМ: Парламентарното малцинство нема да ја киднапира иднината на граѓаните и на државата


Скопје, 30 март, 2017 - 10:36 (META) 

Ниту едно блокирање на демократските процеси, ниту едно беспотребно меѓусебно реплицирање од страна на парламентарното малцинство нема да ги спречи промените и да ја киднапира иднината на државата за која гласаа мнозинството граѓани, реагира денеска СДСМ на однесувањето на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од коалицијата во Собранието на Република Македонија.

СДСМ порачува дека ако Груевски и неговите соработници не ја кочеле работата на Собранието, стечајните работници денеска ќе имале решен статус и пристојни примања, а сите граѓаните би плаќале поевтина струја и немало да бидат оптоварени со радиодифузна такса.

„Околу 700.000 граѓани избраа нова влада за промени, правда, еднаквост и за живот за сите и ниту еден очаен обид на Груевски и на соработниците тоа не може да го спречи. Македонија ќе добие нова реформска влада на граѓаните, предводена од СДСМ за која има широка и недвосмислена поддршка“, завршува СДСМ.


Стечајците очекуваат поддршка од новата министерка Ременски


Штип, 13 ноември, 2015 - 15:58 (META) 

Преземањето на Министерството за труд и социјална политика од СДСМ, ги подгреа надежите на стечајците, кои веќе 13 години чекаат да им се реши статусот. Групата граѓани без решен статус подготви петта верзија на предлог-закон за стечајци, која треба да се најде на разгледување во Собранието.

Ова го најави претседателката на Здружението „Унит“, Лилјана Ѓеоргиевска, која предлог-законот го оцени како еден од најдобрите закони досега.

– Мислам дека е еден од најдобрите закони што сме ги имале досега, воопшто. Луѓето се согласуваат и одиме понатаму – изјави Ѓеоргиевска.

Претседателката на „Унит“ смета на поддршката на опозицијата, преку чии пратеници ќе го поднесат законот.

– Многу ќе ни биде важно изјаснувањето на новата министерка за труд и социјална политика. Сега е многу битно еден министер да стане и да објасни зошто и како треба да бидеме обесштетени и се надевам дека ќе проработи совеста на пратениците од владејачката партија, затоа што мислам дека доста е интересите на партијата да се ставаат пред голиот живот и егзистенцијата на луѓето – рече Ѓеоргиевска, која деновиве е на средба со стечајците во Источна Македонија.

Очекувањата се дека до изборите во април следната година, законот ќе биде изгласан, откако во декември ќе се најде на седница во Собранието.

Иако имаше повеќе ветувања и законски предлози, досега владејачкото мнозинство не застана зад понудените решенија.

Пред паралемнтарните избори во 2008 година, од тогашните 6.000 стечајни работници, само 2.300 добија паричен надомест до пензионирање или ново вработување.

В.К.


Претставник на стечајците од КПК „Куманово“, осомничен за кражба на стока од фабриката


Куманово, 12 ноември, 2015 - 15:05 (META) 

Секторот за внатрешни работи Куманово го сомничи 61-годишниот Ј.М., претставник на стечајните работници од Кожарско-преработувачкиот комбинат „Куманово“ АД Холдинг, за кражба на кожа и на кожени производи од магацинот на фабриката, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Претходно за истиот случај, пријави против непознато лице поднел стечајниот управник на кумановската фабрика.

Осомничениот Ј.М., кому, како што информираат од МВР, му бил доверен клучот од магацинот, во периодот од 2013 до 2015 година, на засега неутврден начин, изнесувал различна стока од магацинот, со што е причинета материјална штета од околу 3.550.000 денари или околу 58.000 евра.

Вчера, полициски екипи, по наредба на Основниот суд Куманово, извршиле претреси во домот и во други простории на три локации и одзеле разни предмети за кои, според МВР, постојат сомневања дека се сопственост на Кожарско-преработувачкиот комбинат „Куманово“.

„При претресот, пронајдени се повеќе од 100 парчиња машки и женски кожени јакни и бунди, 62 бали разновидна кожа, женски здолништа, женски чанти, кожени елеци, женски и машки пликоа, кожени мантили, паричници, ремени, машини за шиење кожа, разни делови за машини и повеќе други предмети. Сите предмети се запечатени, пренесени во магацинот на фабриката и истиот е пломбиран“, стои во соопштението од МВР.

Оттаму додаваат дека по целосното расчистување и документирање на случајот, против Ј.М. ќе биде поднесена соодветна пријава.