Наскоро почнува изградбата на мини-град на местото на Скопски Саем


Скопје, 16 април, 2018 - 11:36 (META) 

Еден од најбогатите бизнисмени од Албанија, Самир Мане, вчера во емисија на албанската телевизија „Клан“, најави дека следниот месец ќе започне изградбата на инвестициски комплекс на местото на стариот Скопски саем, вреден 300 милиони евра.

Тоа значи дека наскоро ќе почне уривањето на халите во кои 45 години се одржуваа најголемите саемски манифестации во Македонија.

Големиот комплекс со станбени и деловни згради ќе се протега на површина од 155.000 метри квадратни, соопшти компанијата „Скопје Ист гејт“ минатата есен, чиј мнозински акционер „Балфин груп“ го изгради трговскиот центар Скопје Сити Мол.

„Балфин груп“ неодамна го откупи имотот на банкротираниот Скопски саем од банките доверители за 21 милион евра.

Скопски саем е изграден во 1972 година, како дело на четворица врвни домашни архитекти Димитар Димитров, Живко Гeлевски, Благој Мицевски и Славко Ѓуриќ. Се протега на плац од 25.000 квадратни метри, од кои 16.000 се затворен простор во шест саемски хали.


Албанската „Балфин груп“ го купила земјиштето на Скопски саем од бугарската „Кардфинанс“


Скопје, 25 октомври, 2017 - 13:41 (META) 

Парцелата на Скопски саем, сосе објектите, е продадена, а „Скопски саем“ како бренд и компанија ќе ги продолжи своите активности за организирање саемски манифестации на нови локации, потврди Дејан Кошутиќ, директор на „Скопски саем“, на денешното отворање на саемот „Технома 2017“ во „ВИП-арена – Борис Трајковски“.

Тој појасни дека на 28 јули годинава нов сопственик на парцелата и на компанијата „Скопски саем“ станала бугарската компанија „Кардфинанс“. Сега таа, иако не е повеќе сопственик на парцелата, продолжува со саемската дејност, рече тој.

Кошутиќ ги потврди информациите дека албанската корпорација „Балфин груп“, која во понеделникот објави дека купила 155.000 квадратни метри земјиште во Скопје на раскрсницата на булеварот Александар Македонски и улицата Беласица, е новиот сопственик на просторот на Скопски саем. „Балфин груп“, инаку, го изгради и неколку години стопанисуваше со „Сити мол“, а минатата година го продаде на британска компанија за сума од 92 милиони евра.

Покрај парцелата на која се саемските хали, која се протега на повеќе од 150.000 квадратни метри, во планираниот деловно-станбен комплекс што на 250.000 квадратни метри планира да го гради „Балфин груп“, веројатно ќе се најде и парцелата од околу 80.000 квадратни метри меѓу хотелот „Континентал“ и Скопски саем. Таму сега има само огромна дупка, ископана во 2008 година, кога помпезно беше најавуван проектот „ЕРА сити“.

Компанијата „ЕРА Велење“ од Словенија, која во 2001 година го купи Скопски саем сосе земјиштето, поради неподмирени хипотеки кон НЛБ и „Комерцијална банка“, го загуби имотот и тој беше продаден на бугарската „Кардфинанс“.

Според објавата на веб-страницата на албанската „Балфин груп“, на парцела од 250.000 квадратни метри во следниве пет до седум години ќе се изгради трговски центар на 45.000 квадратни метри, како и станбени и деловни згради. Инвестицијата се прави преку фирмата – ќерка „Скопје ист гејт риал естејт дивелопмент“.


Црниот петок и дождот го наполнија Сити мол


Скопје, 27 ноември, 2015 - 14:39 (META) 

Полни продавници и ходници со луѓе, главно млади, со по неколку кесиња тешко се движат низ гужвата во Скопје сити мол по повод т.н. Црн петок – првиот ден по американскиот празник Ден на благодарноста, кој како можност за шопинг со попусти, очигледно заживува и кај нас и добива македонска димензија.

Приодите кон Сити мол и паркинзите од утрово се полни со автомобили.

Во овој најголем центар во земјава попустите кои ги нудат продавниците се движат од 10 до 50 проценти.

Пред сите продавници кои се вклучени во акцијата на излозите е истакнато колкаво е намалувањето што го нудат на овој ден.

Купувачите се жалат дека во некои продавници попустот е само на некои артикли, а не на сите, како што тие очекувале.

Секоја од продавниците има различен тип на попуст, како на пример, дисконт за сметка над одредена сума на пари.

Продавачите не сакаат да откријат за колку е зголемен бројот на купувачите или прометот, но потврдуваат дека за денес ангажирале поголем број вработени.


Бесплатни прегледи за ХОББ во „Сити мол“


Скопје, 18 ноември, 2015 - 11:05 (META) 

По повод Светскиот ден за хронична опструктивна белодробна болест – ХОББ 2015 година, кој се одбележува под мотото „Не е предоцна“, Институтот  за белодробни заболувања и туберкулоза – Скопје денеска организира бесплатни прегледи за мерења на дишната функција.

Прегледите ќе се изведуваат во период од 10 до 13 часот во „Сити мол“.

Со овој настан треба да се испрати порака до населението на Република Македонија за важноста на препознавањето на оваа болест, како и за нејзино навремено дијагностицирање и лекување.

Навременото дијагностицирање и правилното лекување на оваа болест ќе го подобрат квалитетот на живот и животниот век на овие болни.

Еден од најголемите ризик-фактори за појава на ХОББ е пушењето.