Иванов: Нема да потпишам ваков штетен договор, нема да ме поколебаат закани и уцени


Скопје, 13 јуни, 2018 - 19:27 (META) 

Договорот помеѓу Македонија и Грција не го обединува општеството туку дополнително го поларизира. Ќе се залагам за решение кое нема да го нарушува достоинството на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија, рече претседателот Ѓорѓе Иванов во обраќање до јавноста во кое соопшти дека нема намера да го потпише договорот кој Скопје и Атина го постигнаа.

-На Заев и Димитров им кажав дека ова е нивен личен договор и нивна одговорност. Овој штетен договор претставува напуштање на досегашните суштествени позиции, неменување на Уставот и неприфаќање на име за севкупна употреба, т.е. ерга омнес. Ова е штетен договор, единствен во историјата на човештвото и за мене е недостоинствен и неприфатлив. Нема да легализирам политички дивоградби. Текстот на договорот е поразителен за Македонија. Се предвидува промена на преамбулата и сите членови на Уставот каде што се споменува Република Македонија. Тврдам дека тоа што го направи Грција со Македонците во Грција преку овој договор настојува да го направи со Македонците во Македонија. ЕУ И НАТО не смеат да бидат алиби за штетен договор – изјави Иванов.

Тој додаде дека целиот преговарачки процес се водел несериозно, неодговорно и нетранспарентно за што, како што рече сведочел и крајниот резултат и го повика мкедонскиот народ да не се плаши.

– На крај, го повикувам македонскиот народ каде и да се наоѓа да не се плаши. Не ја губете вербата во себе. Чувајте го и негувајте го нашиот многувековен идеал на непокорот. Мојот став е конечен и нема да ме поколебаат со никакви притисоци, уцени и закани. Нема да поддржам и потпишам ваков штетен текст на договор – порача Иванов.


ВМРО-ДПМНЕ: Без потпишан указ од Иванов нема закон за двојазичност


Скопје, 22 март, 2018 - 12:57 (META) 

Неуставниот, неприменлив и штетен закон за двојазичност, СДСМ и ДУИ на сила и шверцерски го истуркаа во Собранието, со флагрантно кршење на законот и деловникот за работа, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

– Насилието и кршењето на постапките е одраз на заробена и киднапирана држава од страна на Социјалдемократскиот сојуз, кои што охрабрени од власта која ја имаат се ставаат над законите. За ваквото самоволие и газење на демократијата, Социјалдемократскиот сојуз и ДУИ ќе сносат и политичка но и правна одговорност. За Талат Џафери ќе биде покрената и кривична одговорност за непочитување на Уставот и на законите на Република Македонија – вели Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој потенцира дека единствено претседателот на државата Ѓорге Иванов не подлегнал на притисоците на Социјалдемократскиот сојуз и ДУИ и застанал во одбрана на Уставот и државните интереси.

– Секој обид да биде погазена и институцијата Претседател, ќе повлече дополнителна одговорност за сторителите. Директорот на Службен весник, доколку се обиде да го објави законот за двојазичност без потпис на претседателот Иванов свесно ќе стори кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување”. Ова дело не застарува за година, две или три за да може да биде амнестиран од судството на Зоран Заев. Со оглед на тежината на делото и огромните штети по буџетот кои би ги предизвикало незаконското објавување во Службен весник, ставот 5 од членот 353 предвидува затворска казна од најмалку 5 години – вели Ѓорѓиевски.

Потсетува дека Уставниот суд во минатото има утврдено дека е неуставен двојниот потпис на Указот од страна на еден од поранешните претседатели на Собранието кога не е исполнет ниту еден од основите предвидени во член 82 од Уставот.

– Уставот и законите се јасни, Талат Џафери не смее да си дозволи да го потпише законот за двојазичност на местото наменето за потпис на претседателот Иванов. Талат Џафери и да го потпише законот на местото наменето за претседателот тоа нема да биде валидно бидејќи тој не може да го заменува претседателот Иванов кога тој во целост си ја врши својата претседателска функција – вели Ѓорѓиевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека без потпишан указ од страна на претседателот на Македонија нема закон и дека доколку некој се обиде и се дрзне да го прекрши Уставот ќе сноси и соодветна кривична одговорност.


Декларацијата против корупција е поддржана од 61 носител на функција


Скопје, 29 јануари, 2018 - 14:34 (META) 

Хелсиншкиот комитет за човекови права информира дека до денеска, Декларацијата за борба против корупцијата ја потпишале 61 носител на функција.

Од таму додаваат дека оваа Декларација до сега е потпишана од страна на Јавниот обвинител, Љубомир Јовески, специјална јавната обвинителка, Катица Јанева, 18 министри и еден заменик-министер во Владата, градоначалникот на Градот Скопје и градоначалниците на 35 општини.

„Преку потпишување на Декларацијата, носителите на највисоките функции во извршната власт на централно и локално ниво, како и највисоките претставници на двете обвинителства во земјата ја изразија нивната безрезервна поддршка во борбата против корупцијата. Оваа нивна активност следуваше по иницијатива на Хелсиншкиот комитет кој Декларацијата ја достави до сите релевантни чинители во државата“, се додава во соопштението на Хелсиншки комитет за човекови права.


Трамп потпиша указ со кој во САД се забранува влез на државјани од седум муслимански земји


Вашингтон, 28 јануари, 2017 - 15:55 (META) 

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша указ со кој се забранува влез на државјани од седум муслимански земји: Ирак, Иран, Либија, Сомалија, Судан, Сирија и Јемен.

При потпишувањето на указот, Трамп изјавил дека неговата администрација сака поригорозен надзор над бегалците и над посетителите од одредени земји за да се спречи терористички напад.

Тој додаде дека САД сакаат да ги примат само тие луѓе што ја поддржуваат нивната земја и кои длабоко го почитуваат американскиот народ.


И Обвинителството го истражува потписот на гласачката од Гостивар


Гостивар, 16 декември, 2016 - 16:04 (META) 

Гостиварското Основно јавно обвинителство отворило предмет во врска со случајот на Фатиме Сулејмани, односно за тоа дали некој друг гласал во нејзино име на избирачкото место 0396/1 во Гостивар, за што вчера расправаше и Државната изборна комисија по приговор од партијата Беса.

Како што соопшти попладнево Јавното обвинителство, предметот е отворен по допрен глас, а врз основа на наводите изнесени на вчерашната седница на ДИК.

„Надлежниот обвинител ги проверува наводите на гласачката во врска со дадените тврдења, односно дали таа била оневозможена да гласа затоа што претходно некој во нејзино име се потпишал во избирачкиот список или дали таа претходно сама го реализирала нејзиното право на глас. Предмет на проверка е и дали некој ги употребил нејзините документи со нејзина дозвола“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.

Инаку, вчера, во врска со овој случај, пред Државната изборна комисија сведочеа членовите на општинската изборна комисија во Гостивар и самата Сулејмани.

Според членовите на ОИК Гостивар, кога жената дошла да гласа, било утврдено дека на нејзиното место во избирачкиот список веќе имало потпис. За да утврдат дали нејзиниот потпис се совпаѓа со тој во избирачкиот список и во нејзината лична карта, на жената ѝ било кажано да се потпише на бел лист хартија. Претседателот на ОИК Гостивар изјави дека тој потпис се совпаѓал со потписот во избирачкиот список и затоа жената била вратена од гласање, за да не гласа вторпат.

Сулејмани, пак, пред членовите на Државната изборна комисија кратко изјави дека кога дошла да гласа, била вратена.

По двете контрадикторни сведочења, членовите на ДИК со шест гласа „за“ и со три „против“ донесоа одлука потписот да биде даден на графолог за вештачење.


Омбудсманот да побара толкување дали Талески смеел од притвор да ја води Општината


Битола, 29 септември, 2016 - 13:15 (META) 

Народниот правобранител Иџет Мемети да побара толкување од Собранието на Република Македонија, дали битолскиот градоначалник Владимир Талески од куќен притвор можел да ја води Општина Битола. Вакво барање до Мемети испрати советничката на ВМРО-НП од Битола, Габриела Илиевска, откако Собранието го одби нејзиното барање да даде толкување на член 163 од Законот за кривична постапка во врска со тоа дали градоначалникот имал право да потпишува службени документи додека бил во притвор.

Талески вчера, речиси десетина дена по укинувањето на куќниот притвор, излезе во јавноста и потврди дека од дома ја водел Општина Битола и бил во контакт со општинската администрација, па дури и со изведувачи на проектите.

„Ова го барам за да се дознае дали е законски Владимир Талески по определувањето на мерката притвор да има право да потпишува документација од станот каде се спроведува мерката и дали други лица без дозвола на судијата на претходна постапка смеат да му носат документи на разгледување и на потпишување“, стои во барањето на советничката Илиевска испратено до Народниот правобранител Мемети.

Илиевска, на почетокот на септември, додека Талески беше во куќен притвор, испрати барање до СЈО, до Основниот и до Апелацискиот суд во Скопје и до Собранието да дадат мислење за нејзиното прашање. Собранието ѝ врати дека „согласно членот 175 од деловникот на Собранието, барање за давање автентично толкување на закон може да поднесе секој пратеник, Владата, Уставниот суд, Врховниот суд, Јавниот обвинител, Народниот правобранител, градоначалниците на општините и на Град Скопје и советите на општините и на градот Скопје“.

Апелациски суд се изјасни за ненадлежен, додека Основниот суд и СЈО сè уште не испратиле известување до Илиевска.

– Во оваа држава е тешко да се добие мислење од институциите, а камоли правда! Борбата за докажување на незаконското работење на Талески продолжува. Немам намера да застанам сè додека некоја институција не ми одговори како може еден градоначалник гордо и без срам јавно да се фали дека од куќен притвор водел општина. Дали некоја од повиканите институции конечно ќе се замеша во сопствените надлежности – вели Илиевска за „Мета“.

За утре Советот на Општина Битола закажа седница и советниците се надеваат дека Талески ќе одговори на нивните прашања за функционирањето на Општина Битола додека тој беше во притвор.
Талески е првоосомничен во случајот „Транспортер“ на СЈО за криминал со бесплатниот школски превоз во Битола, тежок 360.000 евра.


СЈО да се изјасни дали градоначалникот Tалески има право на потпис од притвор


Битола, 30 август, 2016 - 13:23 (META) 

Битолските советници денеска на седница на Совет расправаат за кварталниот извештај за извршување на буџетот за 2016 година, потпишан од градоначалникот Владимир Талески. Откако градоначалникот го предложил буџетот, сега од дома бара извештај како тој се извршува, потврдуваат службите на Општина Битола.

Опозициските партии во Советот побараа оваа точка да се повлече од дневниот ред и да не се дискутира за неа, сè додека не се разјасни дали градоначалникот смее од куќен притвор да потпишува службени документи.

Советничката Габриела Илиевска од ВМРО-НП од Битола побара оваа точка на дневен ред да биде повлечена за 30 дена, сè додека СЈО и судовите не се изјаснат правно дали градоначалникот има право на потпис од куќен притвор.

Илиевска до Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, Основниот суд Скопје 1, Апелацискиот суд во Скопје и до Законодавно-правната комисија во Собранието испратила барање за давање мислење дали градоначалникот во притвор има право да потпишува службени документи.

– Битола се наоѓа во една страшно лоша состојба. Таа е заложник на еден човек и затоа барам мислење од овие институции за примената на членот 163 од Законот за кривична постапка. Дали ова лице има право да потпишува документација од дома, дали други лица без дозвола на судија смеат да го посетуваат и да му даваат службени документи на разгледување и за потпис – рече Илиевска.

Советникот од СДСМ, Зоран Стојчевски, ситуација со притворениот градоначалник ја опиша со една реченица: „Сè е исто, само него го нема“.

Предлогот на опозицијата за се одложи расправата за кварталниот извештај, мнозинството од власта не го прифати.

– Ќе кажам за медиумите, работата на Советот нема допирна точка со правата и со надлежностите на други институции – рече претседателката на Советот, Силвана Ангелевска.


Наумов: Ниту една одлука донесена од Ставрески не ми е доставена на потпис


Скопје, 11 април, 2016 - 15:00 (META) 

„Во Министерството за финансии ниту една одлука донесена од страна на министерот за финансии не му е доставена на дополнителниот заменик-министер за согласност и за потпис. Во пресрет на утрешната аукција на државни хартии од вредност и за сите наредни аукции, а се разбира и за веќе завршените, оваа информација сметам дека треба да ја имаат предвид сите домашни кредитори“, информира дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов.

Според него, нема да биде изненадување ако во наредниот период овој состав на Владата ги поништи и одлуките во Министерството за финансии, Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кои се без согласност од дополнителните заменици-министри.


Службеник во Општина Струга осомничен за криминал и за фалсификување потпис


Струга, 17 март, 2016 - 10:50 (META) 

Државен службеник во локалната самоуправа во Струга, во својство на раководител на едно од одделенијата во Општината, е осомничен за злоупотреба на службена положба и овластување, како и за фалсификување на потписот на градоначалникот.

Службеникот е суспендиран и за него се води дициплинска постапка, а истовремено Општина Струга самоиницијативно ја информирала полицијата и поднела кривична пријава.

Пријавениот, на почетокот на минатата година, во својство на службено лице вработено во Општина Струга, со искористување на својата службена положба и со пречекорување на своето службено овластување, на лице од Струга му ветил измена на урбанистички план за катарстарска парцела, за што противправно примил 12.500 евра.

Лицето, најнапред како раководител на одделението за административна поддршка на Советот, а од мај 2015 како раководител на секторот за инспекциски надзор, за да стекне противправна имотна корист, го довел во заблуда стружанецот, ветувајќи му дека може да изврши измена на урбанистичкиот план на парцелата бр. 1922 КО Струга.

„На оштетениот му ветил дека наместо предвидените објекти за индустрија, на катарстарската парцела може да упише објекти за станбено домување, кажувајќи му дека така поднесената иницијатива поминала на Совет на Општина Струга. Иако знаел дека тоа не е вистина, пријавениот побарал и трипати примил поткуп, вкупно 12.500 евра“, се наведува во информацијата на СВР од Охрид.


Централен регистар го прифати потписот на директорот на училиштето „11 Октомври“


Скопје, 20 октомври, 2015 - 14:06 (META) 

Потписот на в.д директорот на скопското основно училиште „11 Октомври“, Васко Лазаревски, поминал во Централен регистар со што сите договори што беа блокирани ќе може да се реализираат.

Откако разрешената директорка, Даниела Костадинова, го напушти училиштето, потпишувањето договори, плаќањето сметки и набавката на храна беа закочени.

– Мојот потпис вчера помина во Централен регистар. Оттаму одлучија дека дописот што советот на родители го испрати до Централниот регистар за потписот да не се верификува, е незаконски. Сега училиштето ќе почне нормално да работи, ќе се направат сите потребни набавки и ќе се спроведе тековното одржување – рече Лазаревски.

Поранешната директорка Костадинова, која кога си замина, со себе ги зеде и сите службени телефони и клучевите од просториите во училиштето, до денеска не се појавила во училиштето.