На расправата во Собранието, прифатени осум амандмани на предлог-законот за личен доход


Скопје, 11 декември, 2018 - 14:50 (META) 

Владата го прифати барањето на повеќе од 80 граѓански организации надоместоците на трошоци за настани од здруженија на граѓани да не се даночат, без разлика колку ќе траат. Зголемен е и износот за платената пракса кој е ослободен од оданочување, со намера да се стимулираат повисоки надоместоци за пракса. Се воведува даночно ослободување за патните трошоци за образовни активности во странство.

Ова се дел од усвоените амандмани на Законот за личен доход, на денешната Комисија за финансирање и буџет во Собранието.

„Младинските организации побараа и во законот појасно да се дефинира стипендијата која е ослободена од даночење, односно да се појасни дека не се плаќа данок и на надоместоците за школарина, превоз и исхрана, што исто така беше прифатено.Беа прифатени и четири други амандмани кои се однесуваат на подобрувања и појаснувања на текстот на Законот. Од вкупно 22 поднесени амандмани, беа прифатени осум. Прифатени беа амандмани од граѓанските организации, Стопанската комора на Македонија, Организацијата на работодавачи на Македонија и од Занаетчиската комора“, информираат од Министерство за финансии.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски денеска на Комисијата за финансирање и буџет рече дека во насока на обезбедување на поголема праведност во оданочувањето на доходот на граѓаните се предлага воведување на праведен прогресивен данок.

-Со законот, а во насока на воспоставување на поправеден систем на оданочување на доходот на граѓаните, се предлага воведување на прогресивно оданочување на доходот од  работа, доходот од авторски права, доходот од самостојна дејност и доходот од продажба на сопствени земјоделски производи – рече Тевдовски.

Конкретно, покрај даночната стапка од 10 отсто се предлага воведување на стапка од 18 проценти која ќе се однесува на даночната основа која надминува 1.080.000 денари на годишно ниво, односно 90.000  денари месечно. За даночната основа до 90.000 денари месечно, односно 1.080.000 денари годишно, останува примената на даночната стапка останува 10 проценти.


Бизнис-заедницата бара одложување на воведувањето на прогресивно оданочување


Скопје, 7 ноември, 2018 - 11:21 (META) 

Најсоодветен начин за уредување на прашањето за обезбедување дополнителни средства во буџетот, за обезбедување подобар квалитет на јавните услуги, е прво да се искористат сите расположливи можности за рационализација на расходите, е еден од заклучоците на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија.

„Пред сé рационализација на процесите на државната администрација, пред да се пристапи кон воведување поголеми обврски за субјектите во системот и поголемо даночно зафаќање, особено ако се има предвид континуираниот тренд на раст на сите даночни приходи во буџетот во периодот 2005-2017 година. Искуствата покажуваат дека системски промени од ваков вид треба да бидат најавени и усвоени многу претходно во текот на календарската година, во партнерски однос, преку усогласување со најзначајниот партнер од деловниот сектор, како би можеле субјектите навремено да го усогласат своето работење. Во конкретниот случај, предложената даночна реформа е презентирана на почетокот на месец ноември, на помалку од 60 дена до започнувањето на новата фискална и даночна година, во време кога голем број од деловните субјекти веќе ги имаат утврдено финансиските планови за следната година, што има сериозни импликации врз предвидливоста и стабилноста на деловното опкружување“, се вели во соопштението на Стопанска комора.

Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија смета дека најдобриот начин за усогласување на ставовите по однос на ова прашање е барањето доставено до Владата во септември 2018 година, во рамките на Проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива“, кој се спроведува со поддршка на американската агенција за меѓународен развој УСАИД.

„Во поднесеното барање, четирите комори во државата заеднички побараа одложување на реформата за воведување прогресивно оданочување. При тоа, посочениот период треба да биде искористен за спроведување на широки консултации со сите засегнати страни, вклучувајќи ја и бизнис заедницата, во насока на согледување не само каков ќе биде планираниот ефект врз приходната страна на буџетот, туку и какви ќе бидат ефектите врз севкупното деловно опкружување и продуктивноста на македонската економија“, се вели во еден од заклучоците на Стопанска комора.


Богов сугерира да се оданочува сивата економија, не го коментира прогресивниот данок


Охрид, 13 април, 2018 - 13:53 (META) 

Прогресивното оданочување е владина политика и тука Народната банка не може да се меша, но можам да сугерирам да се зафатат со оданочување на сивата економија, одговори Гувернерот на Народната банка, Димитар Богов, на новинарско прашање во врска со прогресивното оданочување на седмата годишна истражувачка конференција во организација на Народна банка која што втор ден се одржува во Охрид.

– Можам да сугерирам дека во земјите од регионот, каде што сивата економија е прилично висока и голем дел од економските активности не се оданочени, има простор јавните финансии да се подобрат преку зафат од оние економии кои сега не плаќаат данок – изјави Богов.

Тој рече дека во поглед на фискалната политика, тоа е владина политика и секоја влада со неа оди на избори пред гласачите.

– Тоа е нивно право и одговорност. Монетарната политика соодветно ќе се прилагоди на секоја фискална политика. Ако фискалната политика е конзервативна тогаш има простор и монетарната политика да биде порелаксирана и обратно. Даночната политика не би ја коментирал – додаде Богов.


Министерство за финансии: Приливите по основ на лични трансфери не се оданочуваат


Скопје, 18 декември, 2017 - 12:32 (META) 

Со предложените измени на Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари, се прави понатамошно усогласување со европското законодавство во делот на даночната евиденција и нема промени во оданочувањето на дознаките, се вели во соопштението на Министерство за финансии.

Во него се додава дека, со овие измени, се овозможува УЈП да има покомплетна евиденција на сите приливи, независно од нивното потекло, како и зајакнување на борбата против даночното затајување.

„Притоа, предложените измени не претставуваат никаква промена на даночната политика, односно не претставуваат оданочување на дознаките. И понатаму ќе се применува постоечкото законодавство, според кое, приливите по основ на лични трансфери, помош и подароци не се оданочуваат, додека дел од останатите приливи и понатаму ќе бидат предмет на оданочување, како на пример приливи по основ на извршена услуга“, се вели во соопштението на Министерство за финансии.

Оваа реакција на министерството следува откако медиумите објавија дека со новите законски измени, ќе се одданочуваат и приливите по основ на лични трансфери, помош и подароци.


Земјоделците да поднесат барање до УЈП за паушално оданочување


Скопје, 4 ноември, 2015 - 11:08 (META) 

Земјоделците имаат можност данокот на доход да го плаќаат паушално, доколку нивниот приход од земјоделска дејност за годинава не надмине 1.300.000 денари, соопштуваат од УЈП.

Тие се целосно ослободени од персонален данок, доколку приходот во 2015 година изнесувал до 300.000 денари.

Доколку приходите се движат од 300.000 денари до 1.300.000 денари, предвидени се даночни олеснувања во висина од 80 проценти од остварениот приход, односно данок се плаќа само на 20 проценти од остварениот приход.

Од данок на доход, ослободени се и субвенциите доделени од државата.