Пломп: Нема време за губење, очекуваме реформска, отчетна и одговорна влада


Скопје, 15 февруари, 2017 - 14:31 (META) 

Нема време за губење и од македонските политичари исклучиво зависи да одлучат за иднината на својата земја, изјави амбасадорот на Кралството Холандија, Ваутер Пломп, по денешната презентација на истражувањето „Неосновани притворени – правни и буџетски импликации“, во ЕУ-Инфо центарот во Скопје.

– Ако ме прашувате како ги коментирам последните случувања и преговорите за формирање на владата, можам само да го повторам тоа што комесарот Јоханес Хан, како претставник на Европската Унија го кажа за време на неодамнешната посета на земјава, а тоа е дека  – нема време за губење. Од друга страна ќе потенцирам дека исклучиво зависи од македонските политички партии и политичари да одлучат за иднината на нивната земја – рече Пломп.

Тој додаде дека Холандија се надева дека Македонија ќе има влада која ќе биде реформски ориентирана, особено на реформите кои се однесуваат на владеењето на правото, како и и во другите области кои што се битни во овој процес.

Холандскиот амбасадор нагласи дека, како дел од реформите, особено значајна е отчетноста која подразбира и поддршка на работата на Специјалното јавно обвинителство.

– Една од битните работи на која идната реформска влада ќе треба да се фокусира е отчетноста и одговорноста. Кога зборуваме за отченост тоа значи поддршка на работата на Специјалното јавно обвинителство, односно поддршка од страна на судовите и сите други органи за да може СЈО да ја заврши својата работа независно – нагласи Пломп.


Ахмети на средба со Пломп: ДУИ е свесна за тешките одлуки што треба да се донесат


Тетово, 27 декември, 2016 - 15:30 (META) 

Демократската унија за интеграција (ДУИ) многу внимателно ја следи постизборната ситуација и е свесна за тешките одлуки што треба да се донесат во блиска иднина, истакнал лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на средбата со амбасадорот на Кралството Холандија во земјава, Ваутер Пломп.

На средбата, која се одржала во седиштето на партијата во Тетово, Ахмети и холандскиот амбасадор размениле мислења за ситуацијата создадена по изборите на 11 декември и за иднината на земјата.

„Претседателот на ДУИ истакна дека партијата многу внимателно ја следи состојбата и е свесна за тешките одлуки што треба да се донесат наскоро, земајќи ги предвид создадените околности. Ахмети нагласи дека јазичната еднаквост, системските реформи, економската еднаквост и интеграцијата остануваат приоритети, но и транспарентноста на судските постапки кои резултираа со дилеми во јавноста“, стои во соопштението од ДУИ за средбата, во кое се додава дека партијата останува посветена на остварувањето на својата политичка програма во согласност со очекувањата на граѓаните во овие „тешки и предизвикувачки времиња“.

Ахмети на средбата со холандскиот амбасадор зборувал и за потребата од подготовка и одобрување на заедничка платформа на албанските парламентарни партии.

„ДУИ останува посветена и целосно отворена за да се постигне успех со оваа исклучително важна иницијатива“, велат од партијата.


Тасева: Нема политичка волја за заживување на Законот за заштита на укажувачите


Скопје, 14 ноември, 2016 - 14:13 (META) 

Во ниту една државна институција во земјава не се спроведува Законот за заштита на укажувачите (whistleblowers), иако е донесен пред точно една година, а нема ниту интерес и политичка волја кај надлежните за имплементација на законот.

Ова беше главна тема на денешната завршна тркалезна маса во рамките на проектот на „Транспаренси интернешнл Македонија“, насловен „Законот за заштита на сведоци – искуства и предизвици“, а поддржан од Кралството Холандија.

Претседателката на „ТИ Македонија“, Слаѓана Тасева, истакна дека Законот за заштита на укажувачите, донесен пред една година, е еден од најдобрите во кој се вградени најдобрите меѓународни практики и искуства, но следниот предизвик е борбата тој да заживее и да почне да се применува. За ова, како што истакна Тасева, нема ниту волја, ниту интерес кај државните институции, кои треба да преземат марки за внатрешно и за надворешно пријавување на неетичко и на незаконско дејствување и да ги заштитат пријавувачите.

– Нашите институции, без исклучок, не преземаат никакви чекори за заштита на пријавувачите и немаме никакви активности и интерес за спроведување на Законот, а знаеме дека интересот оди од горе надолу, односно од тие што раководат со институциите. Мораме да бараме одговорност за непримена на законот. Во овие две години, двапати се носеше буџет, но во него не видовме средства наменети за спроведување на овој закон – рече Тасева, додавајќи дека е потребна барем една институција што ќе направи исчекор и ќе покаже дека е возможна примена на ова законско решение, особено во предизборниот период, кога е потреба заштита на луѓето што имаат да пријаваат некакви неправилности.

Таа истакна дека поголема заинтересираност покажале приватните компании, кои, исто така, имаат обврски кон законот. Сепак, според Тасева, ваквот случај е, пред сè, поради стравот на фирмите од санкциите што произлегуваат од законот.

– Иста казна е предвидена и за приватните фирми и за јавните институции, но поради селективната правда која постои, кога инспекторите ќе тропнат на врата, сигурно нема да го казнат, на пример, директорот на Државната комисија за спречување на корупција – посочи Тасева.

Амбасадорот на Кралството Холандија, Ваутер Пломп, истакна дека поддршката на Холандија за овој проект произлегува од нивниот став дека борбата со корупцијата е најважното прашање што земјите од Западен Балкан мора да го решат на својот пат кон интеграцијата во Европската Унија. Според него, покрај владата и невладиниот сектор, чија соработка треба да биде континуирана, одговорност за демократските процеси имаат и граѓаните како поединци, чија волја се изразува на избори, кои се нивна најмоќна алатка.

– Изборите се ден кога поединецот е исто толку моќен како кој било друг политичар. Ако не гласате, дозволувате другите да одлучат за вашата иднина. Демократијата не е само гласањето еднаш на секои четири години или еднаш на предвремени избори. Одлуките на политичарите секој ден влијаат на граѓаните и затоа граѓаните мора да бидат информирани кога и како тие одлуки ќе влијаат врз нив. Демократијата е сопственост на граѓаните, а не на политичарите – заклучи Пломп, додавајќи оти се надева дека колку што е можно повеќе граѓани ќе излезат и ќе гласаат на изборите на 11 декември.

На денешниот настан, присуствуваа и претставници од Министерството за внатрешни работи и од канцеларијата на Народниот правобранител, кои ја истакнаа потребата од поангажиран пристап во спроведувањето на заштитата на укажувачите.

Иако поканети, на тркалзената маса не дојдоа претставници од Јавното обвинителство и од Државната комисија за спречување корупција, институција која, како што рече Тасева, традиционално не соработува и не презема ништо за да се овозможи примената на законот.

На денешната тркалезна маса беа презентирани и резултатите од истражувањето на агенцијата „Рејтинг“, спроведено во рамките на проектот, според кое, 31,7 отсто од вработените во јавниот и во приватниот сектор знаат дека е донесен Закон за заштита на укажувачите и се запознание со нивите права. 63,1 отсто би пријавиле незаконско постапување, но дури 70,3 отсто сметаат дека доколку пријават, би имале последици, што укажува на недоволна заштита од институциите.

Истражувањето е спроведено преку телефонска анкета, врз репрезентативен примерок од 400 вработени во 23 општини во земјава.


СДСМ најавува техничка влада, Холандија предупредува таа да биде без „лица под истрага во СЈО“


Скопје, 21 мај, 2016 - 17:32 (META) 

Формирање на нова техничка влада за спроведување на реформите потребни за одржување на фер и кредибилни избори, најавува Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Од таму засега не откриваат дали во моментов се водат разговори за формирање на таква влада и за нејзиниот формат.

Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, на денешната прес-конференција рече дека тоа го кажале уште по констатирањето на оставките на нивните министри и враќањето на старо-новите министри од ВМРО-ДПМНЕ во Владата.

– Кажавме уште во моментот кога е направен обидот да се сруши владата од Пржино, со цел токму да се прикријат криминалите на Груевски, дека сè што направиле досега ќе погазат, ќе биде погазена и оваа влада – рече Шилегов.

Вчера и потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, на протестот во Велес рече дека многу брзо ќе се формира влада што ќе ги исполни условите за одржување на фер и демократски избори.

Инаку, вчера во соопштението од холандската амбасада со освртот од посетата на заменик-министерот за надворешни работи на Холандија и генерален директор за европска соработка, Роберт де Хроут на земјава, се предупредува на тоа кои се лица може да учествуваат во една таква влада.

„Учеството на лицата кои се под истрага на Специјалното јавно обвинителство во привремената Влада, или било која друга политичка функција не придонесува кон враќање на довербата на граѓаните“, беше наведено во соопштението.


Милевски со холандскиот премиер: Да продолжат реформите од Договорот од Пржино


Леуварден, 21 мај, 2016 - 11:46 (META) 

Претседателот на Либерално-демократската партија (ЛДП), Горан Милевски, во Леуварден, Холандија се сретнал со премиерот на Кралството Холандија, Марк Руте со кого разговарал за актуелната политичка и општествена криза „која ја продуцира партијата на власт и напорите на опозицијата да се воспостави повторно владеење на правото и враќање на демократијата во државата“, соопштуваат од ЛДП.

„Премиерот на Холандија, г-динот Руте разговараше подетално со лидерот на ЛДП, Милевски, за ставовите на неговата земја и на земјите-членки на Европската Унија поврзани со разрешувањето на политичката кризата во Македонија.
Двајцата ја поздравија одлуката за одложување на изборите и продолжување на реформите во државата со имплементирање на точките зацртани во Договорот од Пржино“, стои во соопштението.

Претседателот на ЛДП изразил благодарност за поддршката што Холандија и останатите земји-членки на Европската Унија им ја даваат на граѓаните на Македонија во нивната борба за повлекување на срамната аболиција.

Покрај средбата со премиерот Марк Руте, во рамките на конгресот на владејачката либерална партија ВВД, Милевски се сретнал и со пратениците во Холандскиот парламент задолжени за надворешна политика и Европски прашања Хан тен Броеке и Ен Мулдер, како и со министерот за безбедност и правда, Ард ван дер Стеур.

„Пријателска Холандија и понатаму внимателно ќе ги следи состојбите во Македонија, беа констатациите и на останатите претставници со кои се сретна делегацијата на ЛДП“, стои во соопштението од партијата.


СДСМ нема да отстапи од принципиелните ставови, истакнал Заев на средбата со Де Хроут


Скопје, 19 мај, 2016 - 18:42 (META) 

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија останува на принципиелните ставови и посветеноста на процесите за враќање на слободата, демократијата и правдата во Македонија, потенцирал лидерот на СДСМ на денешната средба со генералниот директор за европска соработка и заменик-министер во Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија, Роберт де Хроут.

На средбата Заев и Де Хроут разговарале за актуелната политичка состојба во земјава и продлабочувањето на кризата по одлуката на претседателот Иванов за аболиција, како и за едностраните одлуки на владејачката коалиција.

„Во Македонија мора да се вратат правдата, слободата, демократијата, владеењето на правото и европските вредности. Секој што го прекршил законот мора да одговара, тоа е демократско начело. Тоа е можно единствено преку целосно поништување на одлуката на Иванов за аболиција и организирање на слободни, фер, демократски и кредибилни избори, со целосно исполнување на условите. Аболицијата мора да се укине за сите, а не само за поединци. Едностраните одлуки ја усложнуваат длабоката политичка криза. Но немаме дилеми. Се потврди и досега дека сите еднострани одлуки ВРМО-ДПМНЕ и ДУИ сами си ги погазуваат. Така ќе биде и овој пат. Ние нема да дозволиме никој да ја држи во заложништво иднината на Македонија“ рекол Заев, стои во соопштението од СДСМ за средбата.