!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ВМРО-ДПМНЕ: Од подготовките на арената „Филип Втори“, остана уште паркиралиштето за репортажни возила


Скопје, 23 јуни, 2017 - 16:12 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ денеска порача дека ако не се одржи Суперкупот на УЕФА на Национална арена „Филип Втори“, виновна за тоа ќе биде власта на СДСМ.

– До последниот извештај на УЕФА, Владата на ВМРО-ДПМНЕ редовно добиваше позитивни извештаи. Сè што беше побарано од стручните лица на УЕФА беше реализирано од наша страна. Единствените обврски што остануваат да се реализираат пред да дојде последната најавена посета од стручните лица на УЕФА се тековни работи околу климатизацијата и средување на просторот, таканаречен ТВ-компаунд, каде што треба да бидат сместени репортажните возила за ТВ-преносот на Суперкупот – рече Димче Арсовски, потпретседател на Унијата на млади сили на партијата, на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој нагласи дека нема сериозни пропусти во поглед на подготовките правени од претходната власт.

– Единствено треба да се обезбеди буџет за Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор со што сè би било реализирано во наредните 10 дена. Одржувањето на Суперкупот не смее во ниту еден случај да биде загрозено. Време за губење нема – рече Арсовски.


Владата ќе им помогне на овоштарите и ќе ги стопира парите за невладините


Скопје, 23 јуни, 2017 - 9:22 (META) 

Владата на вчерашната осма седница донела две одлуки, за помош на производителите на праски кои протестираа против ниските цени на откупот, како и за укинување на одлуката на претходниот состав на владата за доделување пари на невладините организации.

„Владата на Република Македонија донесе одлука за дополнителна финансиска поддршка на земјоделците – прозводители на праски со слаб квалитет. Станува збор за финансиска поддршка на производителите на праски, со откупна цена до  5 денари, што во периодот од 12 јуни до 30 јуни ќе се искористат во преработувачките капацитети. За да им помогне на овие земјоделци, Владата одлучи да обезбеди дополнителна финансиска поддршка за произведувачите на праските со ниска цена поради лошиот квалитет, од 6 денари по килограм“, се вели во соопштението.

Истовремено, на седницата вчера била дискутирана одлуката на Генералниот секретаријат на Владата од претходниот состав за финансирање здруженија и фондации со средства од буџетот во висина од околу 50 милиони денари или 850.000 евра. Бил задолжен  Генералниот секретаријат да ги преземе сите потребни чекори за запирање на постапката за распределба средства од буџетот на овие здруженија и фондации.

„Одлучено е да се извести Државниот завод за ревизија да ја преиспита претходната одлука за доделувањето на овие средства, а доколку постои основа за сомнеж за сторени злоупотреби, да се отвори истрага за обид за ненаменско трошење буџетски пари“, соопшти Владата.

Донесени се и одлуки за новиот тендер на ЕЛЕМ во вредност од 34 милиони евра, при што е наложено тој да се поништи. Станува збор за тендер за набавка на опрема за ископ на јаловина, а Владата му наложила на надзорниот одбор на ЕЛЕМ да ја поништи одлуката за распишаната јавна набавка и за тоа да биде известена.

Исто така, на осмата седница на Владата вчера констатирани се сериозни пропусти од страна на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор и на претходата Влада, во реализацијата на преземената обврска за одржување на УЕФА Супер купот 2017 на Арената „Филип 2“, со оглед дека стадионот не е подготвен согласно бараните стандарди на УЕФА. Задолжен е Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија, во соработка со другите надлежни министерства да ги преземе сите потребни мерки во рок од три дена и да најдат начин за одржување на УЕФА Супер купот, за што, како што е најавено претставници на УЕФА ќе дојдат во Скопје на 21 јули да ги проверат условите за одржување на натпреварот меѓу „Манчестер јунајтед“ и „Реал Мадрид“.

Истовремено, министрите биле задолжени да ги декласифицираат сите информации за службени патувања и репрезентации што претходните нивни колеги ги воделе како класифицирани, како и отсега тие информации да бидат јавни, освен ако не станува збор за информации што мора да останат заштитени по сила на закон.


Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва домаќин на Италија


Скопје, 9 октомври, 2016 - 12:55 (META) 

Македонија е домаќин на репрезентацијата на Италија, а фудбалскиот натпревар ќе се одржи вечерва на Национална арена „Филип Втори“ во 20.45 часот.

Натпреварот е во рамките на квалификациите за Светско првенство во 2018 година.

Од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) апелираат навивачите да дојдат навреме и нагласуваат дека вратите на арената ќе бидат отворени од 18.45 минути, а ќе бидат затворени 15 минути пред почетокот на натпреварот.


Арената „Филип Втори“, домаќин на Европскиот суперкуп во 2017


Скопје, 29 јуни, 2015 - 19:25 (META) 

Извршниот комитет на Европската фудбалска унија (УЕФА) на денешниот состанок во Прага одлучи националната арена „Филип Втори“ да биде домаќин на Европскиот суперкуп во 2017 година, пишува „Спортмедиа“ (sportmedia.mk).

Скопје ја доби честа да ги угости најдобрите два тима за сезоната 2016/17 и во август за две години да биде домаќин во воведната пресметка на лауреатите од сезоната претходно, дуелот помеѓу европскиот првак и победникот во Лига Европа. Ова е најголем фудбалски и спортски настан што Македонија воопшто ќе го организира.

Со овој дуел и официјално почнува сезоната во европските натпреварувања, а македонската престолнина ќе ја има честа да биде домаќин на најдобрите во 2017 година.