Сириските бунтовници го презеле градот Ал Баб од милитантите на ИД

Сириските бунтовници, кои ја имаат поддршката на Турција, ја презеле речиси во целост контролата над градот Ал Баб од милитантите на Исламска држава (ИД), соопштиле турски официјални претставници, јавуваат светските агенции.

Турскиот министер за одбрана, Фикри Исик, денеска изјавил дека „може да се каже дека е заземена речиси целата територија на Ал Баб“.

Закариа Малахифиџи, од фракцијата Фастаким, за агенциите изјавил дека сите стратешки области во градот се преземени и дека во тек е „операција за чистење“.

Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон, пак, соопштила дека половина од градот Ал Баб и понатаму е под контрола на милитантите на ИД.

Инаку, градот Ал Баб е едно од упориштата на ИД и се наоѓа на околу 30 километри од границата со Турција. Офанзивата за преземање на градот почна во декември минатата година.

Турција, во август минатата година, почна воена операција, чија цел е што повеќе да ги оддалечи милитантите на ИД од границата со Сирија.