Кекеновски: ВМРО-ДПМНЕ не е акционерско друштво, па да ме исклучува така

На иницијатива на основачите и на ветераните на ВМРО-ДПМНЕ, партијата од своето членоство го исклучила професорот Јове Кекеновски, јавува „Република онлајн“.

Како што пишува порталот, повикувајќи се на свои извори, дисциплинската комисија на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Бутел, донела одлука за исклучување на Кекеновски од партијата. Како причини биле наведени неговите обиди за нарушување на угледот на ВМРО-ДПМНЕ и дејствување во спротивност со политиките и со определбите на партијата.

Информацијата за порталот ја потврдил претседателот на општиснкиот комитет од Бутел, Боби Бојчевски.

Кекеновски за „Мета“ вели дека досега не добил никакво известување дека е исклучен од партијата.

– Немам добиено апсолутно никакво известување од партијата дека сум исклучен. И кој е тој што ќе ме исклучи од партијата? Тоа најмалку е Боби Бојчевски. Ако се работи за акционерско друштво, ако ВМРО-ДПМНЕ е тоа, тогаш можат, но поинаку не верувам – изјави Кекеновски за „Мета“.

Кекеновски е еден од членовите на ВМРО-ДПМНЕ кој отворено зборува против политиките на актуелното раководство на партијата и бара оставка од лидерот на партијата и премиер на државата, Никола Груевски, особено по отворањето на аферата „Прислушување“.