Докапитализација на МБОР, за поголема поддршка на стопанството

Докапитализација на Македонска банка за обнова и развој (МБОР) на среден рок и проширување на лепезата услуги што оваа банка ќе ги нуди на компаниите, е предлог кој Стопанската комора на Македонија ќе го достави до Владата.

Целта е во следните пет години банката својот постоечки капитал од 20 милиони евра, да го зголеми на 60 милиони евра. На тој начин, МБОР ќе може да врши кредитирање на крупни инфраструктурни проекти, да врши споделување на ризици при кредитирање на големи тендери, како и да обезбеди поголема вклученост при осигурувањето на наплатата на побарувањата на домашниот и на странскиот пазар.

– За поддршка на компаниите и за поголем извоз, потребно е да се зајакне капиталната база на Македонска банка за обнова и развој, за да се прошири асортиманот на услуги во стопанството, за поттик на развојот и на интернационализација на стопанството. Капиталот од 20 милиони евра е мал и е недоволен за да се прошири лепезата на финансиските услуги, но и за да се зајакнат постојните. За кредитирање покрупни инфраструктурни проекти, овие средства се премалку. Осигурување на наплатата на побарувањата, гаранциите, „факторингот“ како нова услуга, се значајни за  компаниите – изјави извршниот директо на Стопанска комора, Јелисавета Георгиева.

Дополнето со постојните кредитни линии и производи, овие активности ќе значат олеснување за компаниите за пристап до финансии и охрабрување за настап на странски пазари.

Предвидено е Владата во 2016 година да почне со буџетска поддршка за докапитализација на МБОР, за создавање подобра капитална база.

Од Стопанската комора ја истакнаа важната улога на оваа банка во досегашната поддршка на компаниите и на стопанството, преку кредитните линии на Европската банка за обнова и развој.

Исто така, упатија апел до фирмите за поголема искористеност на постојните услуги.

Колку за споредба, Банката за обнова и развој во Хрватска има капитал од 1,4 милијарди евра.