Земјотресот во Јапонија затвори фабрики, економистите загрижени

Некои од најголемите јапонски компании, вклучувајќи ги „Сони“ и „Тојота“, го прекинаа работењето на југот на Јапонија по катастрофалниот земјотрес во тој регион.

Тоа ја зголеми загриженоста на економистите во поглед на можните пошироки економски последици поради прекинот на производството, јавува „Франс прес“.

Југозападот на Јапонија вчера го погоди земјотрес со јачина од 6,5 степени според Рихтеровата скала, во кој најмалку девет лица загинаа, а 1.000 се повредени. Многу куќи и сообраќајници се разурнати.

Поради оштетувања на инфраструктурата, неколку компании, вклучувајќи ги и оние од металската, автомобилската индустрија и технолошкиот сектор, го прекинале производството.