Возачот на ЈСП осомничен за предизвикување на несреќата во која загина 17-годишно момче

Во несреќата биле вклучени и две други возила - возачот на едно од нив, 17-годишно момче, загина, а неговиот сопатник е во животна опасност

Фото: ЈСП Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 51-годишниот возач на автобус на ЈСП, кој беше дел од сообраќајната несреќа на општинскиот пат Шуто Оризари –Горно Оризари, во која загина 17-годишниот возач на една од двете други возила кои биле дел од сообраќајната несреќа.

Од Обвинителството тврдат постои основано сомнение дека возачот на автобусот сторил кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

„Кога дошол во близина на крстосница со сервисна улица која го поврзува општинскиот пат со улицата „Александар Урдаревски“, постапил спротивно на член 25 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, па со автобусот свртел во лево за да избегне кабаст отпад, шут и друго ѓубре расфрлани по десната страна на коловозот и преминал на левата страна, односно на дел од коловозот наменет за движење на возилата од спротивната насока“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Според членот од законот на кој се повикува обвинителството, „возач смее да прави дејствија на патот како претекнување или промена на сообраќајната лента само ако се увери дека со истото дејствие нема да наштети на други возила или имот“. Според обвинителството, возачот невнимателно го сторил дејствието, односно преминувањето во спротивната страна на коловозот.

„Како резултат на наведениот пропуст, возачот со предниот лев дел од автобусот се судрил со автомобил „форд галакси“ со скопски регистарски ознаки, со кого управувал 17-годишник кој немал стекнато право за управување со моторно возило“, велат од јавното обвинителство.

Сопатникот во автомобилот се здобил со тешки телесни повреди и е во животна опасност.

Надлежниот јавен обвинител за осомничениот предложи мерки на претпазливост – привремено одземање на патна исправа за преминување на државна граница и забрана за издавање нова, привремено одземање на возачката дозвола, забрана за напуштање на живеалиште, односно престојувалиште, како и обврска осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице.