Редакцијата на онлајн магазинот „Балканист“, (основан во Србија) (Balkanist.net) беше непријатно изненадена кога дозна дека имаат руски двојник (Balkanist.ru) чија уредувачка политика е дијаметрално спротивна од нивната.

“Балканист.нет“ е платформа која од 2013 г. нуди вести и аналитички написи за Балканот и источна Европа на англиски јазик од автори од различни земји.

Уредничката на магазинот Лили Линч за “Мета.мк“ изјави дека „веб-сајтот на руски јазик нема никаква врска со нашата публикација“.

Доменот за „balkanist.ru“ e креиран во септември 2018 година со цел да ги собере на едно место авторитетните руски балканисти и да ја насочува политика на Москва кон овој „тревожен регион“.

На социјалните мрежи во Србија, појавата на руската верзија на „Балканист“ беше коментирана како уште еден обид да се помогне пропагандата на режимот на Александар Вучиќ, овој пат насочена кон руската публика.

Така на пример, аналитичарот Милош Поповиќ напиша на Твитер:

„Српскиот претседател си доби портпарол на руски. Се нарекува @balkanist2018 и го има украдено името од оригиналниот Балканист (@Balkanist).“

Тактиката да се полни медиумската сфера со нови публикации со исто или слично име како популарни или независни медиуми беше карактеристика на пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ. Во време на владеењето на оваа партија, блиска на режимите на Вучиќ и Путин, беше основан „Курир.мк“, кој се уште служи како главно партиско гласило. Неговото име е исто како регионално популарниот српски сајт „Kurir.rs“, кој своевремено се закануваше и со тужба за кражба на брендот. На сличен начин беше основана и сега згаснатата „ТВ Нова“, која имаше исто име како независната  „Нова ТВ“, како и десетици локални медиуми.