Рекорден број повици на единствениот повикувачки број за итни случаи

Кон Полиција биле упатени 40,51 отсто, кон Итната медицинска помош 17,61 отсто, a кон пожарникарите 15,21 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК

фото: Центар за управување со кризи (ЦУК)

Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи (ЦУК), изминатото деноноќие регистрирал рекорден број на повици од своето постоење, соопштија од ЦУК.

На бројот биле упатени вкупно 3.159 повици. Од нив, „реални“ повици биле 59,32 отсто, а 40,68 отсто биле за други потреби на граѓаните, што не биле итни.

Кон Полиција биле упатени 40,51 отсто, кон Итната медицинска помош 17,61 отсто, a кон пожарникарите 15,21 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.

Сите повици за итни случаи биле предмет на примање и на обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со институции и служби во Системот за управување со кризи (СУК).