Организаторите на „Секс скаутс енд рокенрол“ викнати во полиција, град Скопје го раскина договорот со Прв извиднички одред

Фото: ФБ, PrvSkopskiIzvidnicki

Град Скопје се оградува од активностите на Првиот скопски извиднички одред кои предизвикаа реакции во јавноста, информираа денеска оттаму. Ова следува по скандалот кој беше обелоденет во јавноста, по сведоштвото на родител кој го споделува искуството на неговото дете кое минатитот викенд било дел од настан организиран од првиот скопски извиднички одред. Наводно, активностите биле несоодветни, односно вклучувале соблекување на облеката и поставување прашања колку сексуални партнери имале децата.

По скандалот, денеска организаторите на извидничкиот камп близу Скопје биле повикани на разговор во полициска станица откако родител пријавил во МВР дека малолетни деца биле вклучени во непримерни активности. Со овој случај се занимава и јавното обвинителство.

Во град Скопје во меѓувреме информираа дека го раскинуваат договорот со Прв скопски извиднички одред.

„Сакаме да информираме дека во проектната документација доставена до нас ја нема наведено спорната активност, ниту имаат доставено каква било информација која би укажала на одржување на истата. Дополнително, учесниците на настанот учествувале во приватна режија и не биле организирани од училиштата. Имајќи предвид дека настанот кој се случил предизвика лавина негативни реакции во јавноста и нè шокираше и нас како институција, Град Скопје го прекинува договорот со Првиот скопски извиднички одред“, стои во соопштението на градските власти.

Тие ја споделуваат загриженоста и осудите од страна на стручните лица и општата јавност и се согласуваат дека сексуалното образование не може да се спроведува од ентузијасти туку исклучиво од професионалци во областа.

Со реакција денеска се огласи и Сојузот на извидници на Македонија како младинска чадор организација која обединува 22 извиднички одреди на национално ниво.

„Жалиме што член на нашата организација во даден момент се почувствувал небезбедно и се обврзуваме да не се соочиме со слична ситуација во иднина. Вооедно, ги охрабруваме сите извидници кои во даден момент се почуствувале небезбедно и непријатно (од било која причина) да не контактираат нас и согласно нашите можности и ингеренции, да превземеме соодветно дејвствие. Телата на сојузот ќе спроведат интерна истрага и врз исходот од истата и истрагата од надлежните институции, ќе превземат мерки за санкционирање на одредот организатор“, стои во соопштението на Сојузот.

Во него стои дека од 2017 година со носењето на резолуцијата на светската извидничка конференција, Сојузот на извидници на Македонија како организација членка се обврзува дека преку извидништвото ќе понуди безбедна едукативна околина за деца и млади, како и улогата која возрасните ја имаат за постигнување на истото.

„Сојузот ја разбира сериозноста на ситуацијата и со внимание пристапува кон решавање и намалување на последиците од истата. Следствено на тоа, телата на сојузот ги превземаат неопходните мерки во насока ваков или сличен случај веќе никогаш да не се повтори и сите членови да се чувствуваат безбедно при учество во која било активност на национално или локално ниво, согласно извидничката програма“, се додава во соопштението.