НБРМ: Финансискиот систем успешно одговори на ударот од ковид-кризата, подготвен за натамошните предизвици

Фото: Мета.мк

Финансискиот систем успешно одговори на првичниот удар од ковид-кризата и е подготвен да се справи и со натамошни предизвици. Финансиските регулатори внимателно ги следат состојбите и одвивањето на ковид-кризата, со подготвеност да ги приспособуваат своите политики, гарантирајќи за финансиската стабилност.

Ова е еден од заклучоците од вчерашната седница на Комитетот за финансиска стабилност, на која што беа презентирани оцените и видувањата за секој од сегментите на финансискиот систем, информираат од Народната банка.

Со седницата претседаваше гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, а учествуваа и министерот за финансии, Фатмир Бесими, претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Максуд Али и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), Крсте Шајноски.

Осврнувајќи се на движењата во банкарскиот систем, гувернерката Ангеловска-Бежоска нагласи дека според најновите показатели, на крајот на третиот квартал, остварувањата на системот се подобри отколку пред почетокот на ковид-кризата.

„Капацитетот на системот за справување со шокови е и зголемен, со значителни капитални и ликвидносни заштитни слоеви, а истовремено значајно е и што се солидни показателите за ефикасност. Истовремено, на крајот на септември, нивото на нефункционалните кредити е на историски најниско ниво од 3,4 проценти,“ истакна Ангеловска-Бежоска.

На седницата беше посочено дека имајќи ги предвид карактеристиките на ковид-кризата низ која што минува економијата, важно е и што нема позначителни промени во стапката на евроизираност на банкарскиот систем – таа е на речиси истото ниво како пред една година, со учество на девизните во вкупните депозити од околу 42 проценти, што е показател за согледувањата на економските агенти.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, посочи дека одржување на стабилноста на финансискиот сектор во време на ковид-кризата е од особено значење, вклучително и за реалниот сектор, бидејќи финансиите се крвотокот на економијата, односно двигател на економските активности.

Претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Максуд Али, истакна дека вториот бран на вирусот може да предизвика нови флуктуации на финансиските пазари, а со тоа и влијание врз вредноста на средствата на пензиските фондови.

„Развојот на технологијата, пак, бара брзо приспособување на регулативата на потребите на членовите на пензиските фондови, како и на супервизијата на пензиските друштва, за минимизирање на ризикот од ширење на вирусот и заштита на јавното здравје, при што треба да се обезбеди и деловна непрекинатост и непречено функционирање во пензиското осигурување,“ истакна Али.

Претседателот на Советот на експерти на АСО, Крсте Шајноски, нагласи дека во првото полугодие од годината е подобрена финансиската состојба на друштвата за осигурување.

На седницата, меѓу другото беше посочено дека во изминатиот период има појава на дезинформации и тврдења за одделни финансиски институции, коишто не се засноваат на факти. Имајќи ги предвид можните последици од ваквите појави врз финансискиот систем, беше посочено на потребата од заеднички залагања на финансиските регулатори за да не се дозволи ваквата појава да создава ризици, што би било и дополнителен влог во натамошното јакнење на финансиската стабилност. Притоа, беше истакнато и дека е важно економските агенти да ги следат референтните и официјалните извори на информации за финансиските институции и за сите сегменти на финансискиот систем.