Итна набавка на нова компресорска станица е решение за проблемот со хируршките сали

Надлежните сè уште бараат што ја предизвикува непријатната миризба во операционите сали

Влезот на хируршки клиники е блокиран од возила. Фото: Мета

Набавка на нова компресорска станица е сериозно решение кое би донело комплетна сигурност во однос на пружањето здравствени услуги кон пациентите, истакна вчера Маја Манолева, заменичката министерка за здравство во телевизиско гостување. Донесен е заклучок да се укаже на јавната установа заеднички служби за потребите на здравството на Клинички центар да спроведе итна набавка на нова компресорска станица со дислокација на компресорската станица, но и да спроведе итна набавка за нова инсталација на сите хируршки клиники во Клиничкиот центар.

„Побарав од Владата да ја задолжи јавната установа за сите овие активности кои би требало да ги спроведе да направи оперативен план за динамика и спроведување на истите. Во меѓувреме, се работи и на утврдување на причините кои доведоа до појава на ваква непријатна миризба во операционите сали. Ова решение кое го изнаоѓаме во периодот кое е сега преодно решение. Набавката на нова компресорска станица е навистина сериозно решение и би ни донела комплетна сигурност во однос на пружањето на здравствени услуги кон нашите пациенти“, рече Манолева.

Поради проблемот со компримираниот воздух на Клинички, бројот на операции е двојно намален. Пациенти се враќаат, со образложение дека нема услови да се изведе операцијата доколку не е итна.

Во хируршките сали интервенции се изведуваат само врз пациентите кои се итни случаи. Редовната работа и функционирање на операционите сали се наруши откако поради непријатна миризба, тие беа затворени. Поради колапсот, голем товар понесоа „8 Септември“ и Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“, на кои повеќекратно им се зголеми бројот на операции кои ги изведуваат.