Да се избегнува непотребно полевање бавчи и перење автомобили – апел од скопски „Водовод“

Врз основа на податоците на УХМР од каде се најавуваат високи температури кои деновиве достигнуваат и над 40 степени, како и податоците на ЈП Водовод и канализација – Скопје за зголемена потрошувачка на водата, апелираме до скопјани рационално да ја користат водата, се вели во соопштението

Фото: Jacek Dylag on Unsplash

Да се избегнува непотребно трошење на водата за полевање зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, за полнење на базени, но и спречување на злоупотребата преку дивите приклучоци, апелираат од ЈП „Водовод и канализација“.

„Врз основа на податоците на Управата за хидрометеоролошки работи од каде се најавуваат високи температури кои деновиве достигнуваат и над 40 степени, како и податоците на ЈП Водовод и канализација – Скопје за зголемена потрошувачка на водата, апелираме до скопјани рационално да ја користат водата“, наведено е во соопштението од претпријатието.

Со дивите приклучоци, додаваат оттаму, се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснадбувањето до сите корисници во град Скопје.

„Апелираме до граѓаните ако забележат див приклучок, истиот да го пријават на 023073 010, [email protected], www.vodovod-skopje.com.mk или преку мобилната апликација достапна за Android и iOS, и потсетуваме дека дивите приклучоци се забранети со Закон (Закон за вода за пиење и одведување урбани отпадни води, член 23) и истите се утврдуваат од страна на овластен комунален инспектор на општината и на Градот (Закон за вода за пиење и одведување урбани отпадни води, член 37), врз основа на што за сите утврдени иматели на див приклучок ќе биде поткрена прекршочна постапка за сторено кривично дело“, потенцираат од Водовод и канализација.