Цариниците запленија стероиди што се забранети за употреба

Николовски кажа дека легалните аеродроми се таргет за криминалците и дека целта им била допинг-супстанците да стасаат на таргетираниот аеродром и потоа да ја дистрибуираат на различни пазари

Фото: Царинска управа

Царинската управа спречила меѓународен канал на нелегална трговија со анаболични стероиди чие производство, продажба и употреба е со закон строго забрането, соопштија денеска оттаму. Запленети биле вкупно 32 кутии со 192 килограми анаболични стероиди со вредност од 5,5 милиони денари, штетни по здравјето на граѓаните, а до сторителите е поднесена кривична пријава.

Станува збор за Оxanaboilic и Metanabol за орална употреба, како и Testec, Testen и Sustamix за инјекционална употреба. За случајот, како што информираа од Царинска управа, добиле и признание од Светската антидопинг агенција дека македонската Царина влегла во трага на меѓународен ланец на нелегална трговија на забранети стимулативни супстанци кои предизвикуваат зависност.

„Со оваа заплена Македонија во моментов е во топ тројката на земји на светско ниво на листата на Светската антидопинг агенција за заплени на забранети супстанци“, истакна директорот на Царинска управа, Бобан Николовски на прес-конференција.

Тој кажа дека легалните аеродроми во моментов се таргет за криминалците и дека целта им е допинг-супстанците да стигнат на таргетираниот аеродром и потоа да ја дистрибуираат на различни пазари.

„Во случајов станува збор за производител од Индија, со „дебело“ криминогено минато, кој сакал со лет од Сингапур – Истанбул и потоа Истанбул – Скопје, стоката да ја дистрибуира на фиктивен пазар, односно како крајна дестинација е наведена Чешка, каде ваквите производи се исто така строго забранети“, кажа тој.

Истрагата која ја спровела Царинската управа врз основа на сомнение, утврдила дека податоците за чешката компанија се лажни, односно дека истата нема извршено нарачка на ваков вид на производи. Притоа направен бил и тест со спектометар кој покажал дека станува збор за анаболични стероиди.

Во соработка со јавен обвинител, МВР направило и форензичка анализа при што било потврдено дека станува збор за анаболични стероиди.

И од Агенцијата за лекови и медицински средства – МАЛМЕД и од Национална антидопинг агенција во рамки на Светската антидопинг агенција, како и од Министерството за спорт, добиен е одговор дека анаболичните стероиди се согласно Закон строго забранети. До Основното Јавно Обвинителство, поднесена е кривична пријава против сторителот.