Зеленски ѝ честиташе на Силјановска Давкова за победата

„Ние ја поддржуваме Украина и ја нудиме солидарноста на сите македонски граѓански за постигнување на праведен мир и вистинска долгорочна безбедност“, му одговори новата македонска претседателка на украинскиот претседател Володимир Зеленски

Володимир Зеленски | Фото: President.gov.ua, CC0, via Wikimedia Commons

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски ѝ упати честитки на професорката Гордана Силјановска Давкова за победата на претседателските избори, на што таа му одговори дека Македонија ја поддржува Украина.

„Честитки до Гордана Сиљановска-Давкова за нејзината убедлива изборна победа. Ѝ посакувам успешен и плоден мандат. Го цениме нашето силно партнерство и ја цениме поддршката на Скопје за Украина во борбата против руската агресија. Со задоволство очекувам да ја зајакнеме нашата билатерална соработка со цел да ги вратиме мирот и стабилноста во нашата обединета Европа“, напиша Зеленски на социјалната мрежа X (поранешен Твитер) на украински и на англиски јазик.

Сиљановска-Давкова се заблагодари на честитката на украински, македонски и на англиски јазик истакнувајќи дека ниту една европска нација, која ги споделува и брани заедничките вредности не смее да биде изоставена од европското единство.

„Почитуван претседателе Зеленски, денеска кога го славиме Денот на Европа исто така се потсетуваме дека судбината на украинската нација е под закана. Ние ја поддржуваме Украина и ја нудиме солидарноста на сите македонски граѓански за постигнување на праведен мир и вистинска долгорочна безбедност. Ниту една европска нација, која ги споделува и брани заедничките европски вредности, не смее да биде изоставена од европското единство. Очекувам дополнително да ја зајакнеме билатералната соработка и се надевам на брз прием на нашите две земји во ЕУ“, напиша Силјановска Давкова.