Објавен е конкурсот за Град на културата за 2024 година

Пријавувањето се врши со електронско аплицирање на Националниот портал за е-услуги, почнувајќи од денес, а заклучно со 29 декември

Крушево - „Град на културата“ за 2023 година / Photo by Ali Nuredini on Unsplash

Министерството за култура денеска го објави Конкурсот за финансирање проект од национален интерес – манифестација „Град на културата во 2024 година.“

Според насоките, пријавувањето се врши со електронско аплицирање на Националниот портал за е-услуги, почнувајќи од денес, заклучно со 29 декември до 23 часот и 55 минути.

Деталните упатства и поддршка при регистрирањето, може да се најдат на овој линк, како и преку контакт-центарот на Националниот портал за е-услуги.

На конкурсот, чија цел е создавање услови за рамномерен културен развој, достапност на културните вредности за граѓаните, како и заживување на културата на локално ниво, може да учествуваат општините во Република Северна Македонија, со исклучок на Град Скопје и скопските општини.

„Еден од приоритетите на Министерството за култура е унапредувањето и достапноста на македонската култура, а со проектот „Град на културата“ се зајакнуваат културниот развој и развојот на туризмот на локално ниво, а соработката со локалната самоуправа придонесува за економски и туристички поттик на општините низ државава“, велат од Министерството за култура.

„Град на културата“ годинава беше Крушево, чија програма се одвиваше под мотото „Крушево – жив споменик на културата“.