!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Жестоки борби помеѓу сириските владини сили и бунтовниците во Дамаск


Дамаск, 19 март, 2017 - 17:34 (META) 

Жестоки борби избувнале денеска помеѓу сириските безбедносни сили и бунтовниците во источниот дел на главниот град на Сирија, Дамаск, пренесува „Би-би-си“. Борбите почнале откако бунтовничките сили извршиле ненадеен напад во областа Џобар, која е блиску до центарот на градот.

Според жителите на областа, бунтовниците истрелале артилериски гранати и ракети во центарот на градот за време на ненадејниот напад. Биле изведени и два самоубиствени бомбашки напади со автомобили во областа Џобар, во обид да ја пробијат одбранбената линија на сириските владини сили.

Сириската војска на акцијата на бунтовниците одговорила со воздушни напади.

Според сириските државни медиуми, при нападот на Џобар бунтовниците користеле и тајни тунели.

Во Дамаск, како што пренесува „Би-би-си“, има само неколку области кои се под контрола на бунтовниците, а Џобар е најблиската до центарот на градот. Борбите за контрола на военото подрачје, кое е поделено меѓу бунтовниците и џихадистите од една и владините сили од друга страна, траат повеќе од две години.


Судири меѓу бунтовниците и владините сили на кратко го прекинаа примирјето во Сирија


Дамаск, 30 декември, 2016 - 10:49 (META) 

Само два часа по стапувањето на сила на примирјето во Сирија, договорено со посредство на Русија и на Турција, избувнале судири меѓу бунтовниците и владините сили, тврди сириската Опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон, јавуваат светските агенции.

Опсерваторијата наведува дека бунтовниците го прекршиле примирјето, заземајќи позиции во провинцијата Хама, но додава дека судирите набргу прекинале и дека во моментов е мирно.

Портпаролот на бунтовничката група Џаиш ел наср, Мохамед Рашид, тврди дека примирјето го прекршиле владините сили, со гранатирање на селата Атшан и Скеик во провинцијата Идлиб, која се гранични со Хама.

Според Опсерваторијата за човекови права, пукотници имало и во јужните сириски провинции Дера и Кунејтра.

Примирјето меѓу владините сили и бунтовниците, посредувано од Москва и од Анкара, стапи на сила ноќеска на полноќ, по локално време.

Договорот за примирје не ги вклучува терористичките групи, како што се Исламска држава и поранешниот фронт Ал нусра.


Најмалку 200 работници киднапирани од ИД во Сирија


Дамаск, 7 април, 2016 - 19:48 (META) 

Најмалку 200 работници се водат како исчезнати по напад на фабрика за цемент во близина на главниот град на Сирија, Дамаск, јавуваат светските медиуми.

Засега нема точни информации што точно се случило со луѓето, колкав е нивниот број и кој го извршил нападот.

Според информациите, работниците биле земени од домот каде биле сместени, а кој се наоѓа на периферијата на гратчето Думеир, во близина на Дамаск.

Семејствата на исчезнатите работници од понеделникот, кога се случил нападот, немаат никаков контакт со своите блиски.

Сириската државна телевизија, повикувајќи се на неименуван извор од министерството за индустрија, објавила дека 300 работници се киднапирани од фабриката од милитанти на Исламска држава (ИД).

Управителот на фабриката претходно изјавил дека се работи за околу 250 лица, додека извори од бунтовничките групи соопштиле дека не станува збор за повеќе од 200 луѓе.

Како што пренесува „Би-би-си“, изминативе денови биле забележани жестоки борби меѓу сириските владини сили и припадници на ИД во околината на Думеир.


Сириската војска ја зазеде цитаделата во Палмира, во офанзивата против ИД


Палмира, 25 март, 2016 - 19:24 (META) 

Силите на сириската влада напредуваат во офанзивата против милитантите на Исламска држава за преземање на античкиот град Палмира во Сирија, каде, според извештаите на агенциите, денеска се воделе жестоки борби.

Според новинската агенција Сана, сириската војска ја презела контролата врз реконструираниот замок од 13. век, кој се наоѓа на рид во западниот дел од античкиот град. Провладината телевизија „Ал Мајаден“, според „Би-би-си“, пренесува дека станува збор за локација која е од стратешко значење.

Сириските државни медиуми и активисти јавуваат дека денеска на периферијата на Палмира се воделе жестоки битки меѓу владините сили, поддржани од руската воена авијација и милитантите на ИД.

Припадниците на ИД ја зазедоа Палмира во мај, минатата година. Тие предизвикаат гнев кај светската јавност поради уништувањето на два храма и уште неколку градби стари 2000 години во античкиот град кој е под заштита на УНЕСКО како светско културно наследство.