На протестот пред Владата се бараше нова судска постапка за смртта на Алмир


Скопје, 21 март, 2018 - 16:54 (META) 

Со оставање играчки, балони, детска облека на оградата пред Владата мина денешниот протест поради преквалификација на делото од „убиство“ во „сообраќајка“ во случајот со загинувањето на четиригодишниот Алмир Алиу од Куманово.

На четвртиот протест учествуваа голем број граѓани, а двајца од организаторите, актерот Висар Вишка и Дијана Тоска побараа судскиот процес против Бобан Илиќ, кој го возеше автомобилот што го прегази Алмир Алиу, да почне од почеток и со обвинители што не се од Куманово, јави „Порталб“.

Protest za Almir Aliu 4 pred Vlada 21mar18 - Meta– Се собравме денес да протестираме за трулата правда во Република Македонија. Срамно, пред наши очи органите на правдата убиството на 4 годишниот Алмир го преквалификуваа во престап во сообраќајот. Овде сме да кажеме дека нема да го дозволиме тоа. Правда за Алмир мора да има. Бобан Илиќ изврши убиство! Случајот за Алмир ќе биде правично и праведно воден единствено доколку судската постапка започне одново и истата ја водат стручни, непристрасни и некорумпирани обвинители и судии, и тоа надвор од Куманово. Обвинители и судии кои ќе одлучуваат професионално, правично,чесно и непристрасно – рекоа тие.

Protest za Almir Aliu 3 pred Vlada 21mar18 - MetaДемонстрантите, кои носеа фотографии од Алмир, албански знамиња и транспаренти „Нема правда, нема мир“, и „Каде ви е совеста македонско обвинителство“ на албански јазик, како и транспаренти со исправен среден прст побараа разрешување на републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески и најавија кривични пријави против јавната обвинителка Сузана Кусиѓерска поради, како што рекоа, намерно неизнесување на факти и сведоштва.

Побараа одговорност и од премиерот Зоран Заев поради неизвршување на ветените правосудни реформи.

– Бараме одговорност од Зоран Заев, оти не само што не се спроведоа правосудните реформи туку се дозволи истите судии да делат правда – рече Вишка.

Владата се огласи со соопштение по протестот, велејќи дека „судските одлуки се одлуки на правосудните органи како независни институции“, но дека Владата „со должно внимание ги зема предвид пораките од денешниот протест“.

„Овој став на Владата е во насока на сеопфатните заложби за реформи во правосудниот систем кој треба да ги врати достоинството и довербата во судските институции, и најмногу од сè да ги врати непристрасноста, независноста и владеењето на правото и правдата, во работата и одлуките на сите институции во правосудството“, стои во соопштението.

Истовремено, Владата порача дека ги осудува сите изрази на говор на омраза и на радикални постапки.


Протестен марш за запирање на изградбата на рудникот Казандол пред Владата во 12 часот


Скопје, 8 декември, 2017 - 10:31 (META) 

Граѓаните од Југиосточниот Регион денеска ќе се соберат на протестен марш пред зградата на Владата во 12 часот, за да го искажат својот став дека се против изградбата на рудникот Казандол.

На настанот „Протестен собир за итно запирање на рудникот Казандол“, кој е објавен на „Фејсбук“, се вели дека „во Македонија место за рудници со отворен коп нема.“

„Иако живееме во Скопје, негативните последици од рудниците ќе ги чувствуваме и ние. Рудниците се проблем на целата земја. Да покажеме солидарност со нашите сограѓани, да покажеме став против, да побараме итно запирање на изградбата на рудникот.  Донесете ги своите транспаренти, пораки и одлучност за сопирање на рудниците на смртта“, се вели во апелот на „Фејсбук“.


Продолжуваат протестите против Вучиќ во Белград, Ниш и во Нови Сад


Белград, 6 април, 2017 - 20:08 (META) 

Неколку илјади претежно млади лица, незадоволни од победата на Александар Вучиќ на претседателските избори во Србија, и денеска излегоа во центарот на Белград, на четвртиот по ред „Протест против диктатурата“, јавува дописникот на „Мета“ од Белград.

Учесниците на протестот, кој е организиран преку „Фејсбук“, носеа знамиња на Србија и транспаренти со натписи „О (не)свести се“, „Вучиќ арамијо“, „Долу диктатурата“, „Денеска сум на улица за утре да не живеам на неа“…

Демонстрантите бараат намалување на бројот на членови во Републичката изборна комисија (РИК) и во Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) поради неправилности за време на кампањата за претседателските избори, смена на претседателката на српското собрание, Маја Гојковиќ, и против раководството на српската национална радиотелевизија поради „режимското известување и нерамномерната застапеност на кандидатите“, како и за средување на избирачкиот список.

Демонстрантите денеска се движеа по малку изменета рута, која се држи во тајност за да се избегнат инциденти.

„Протестите против диктатурата“ продолжија и во Ниш и во Нови Сад, каде за сабота е најавен контрамитинг на приврзаниците на Александар Вучиќ.

Вучиќ денеска повторно изјави дека протестите на улиците се доказ дека Србија е демократска држава. Сепак, двајца од неговите министри, за полиција, Небојша Стефановиќ, и за труд, Александар Вулин, ја обвинија опозицијата за организирање на протестите и предупредија дека изборната волја не може да се смени на улица.


Пензионерите во Србија протестираат за поголеми пензии


Белград, 28 март, 2017 - 15:01 (META) 

Во центарот на Белград денеска протестираа пензионерите кои се незадоволни поради намалување на пензиите, а ги поддржаа и двајцата претседателски кандидати, Вук Јеремиќ и Бошко Обрадовиќ, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

На плоштадот Никола Пашиќ, но и на прошетката до Владата на Србија и do Уставниот суд, што се одржа во знак на протест, се собраа околу илјада пензионери.

Пензионерите од Уставен суд бараат да ја оценi уставноста на законот по кој, во ноември 2014 година, се намалени пензиите.

Учесниците на протестот носеа транспаренти на кои пишува „Ограбувањето на пензионерите не е реформа“, „Сакаме да живееме, а не да преживуваме“ и др.

Пензионерите во Србија тврдат дека од нивни пари се финансираат изборите и се плаќаат странските инвеститори, па затоа бараат да им се вратат пензиите на ниво пред намалувањето.


Герила-акција за Иванов и за Канческа-Милевска на отворањето на „Браќа Манаки“


Битола, 10 септември, 2016 - 20:45 (META) 

Активистите на „Битолското движење“ вечерва со герила-акција ги пречекаа претседателот на државата, Ѓорге Иванов, и министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, на црвениот ќилим на отворањето на меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Герила-акцијата беше изведена во моментот кога Иванов заедно со министерката чекореше по црвениот ќилим, а активистите на „Битолското движење“ извадија три транспаренти.

На транспарентот за Иванов пишуваше „Хорхе = банално зло“, на вториот, кој ѝ беше наменет на министерката за култура, стоеше „Веома врло културно“, а на третиот со порака за двајцата беше напишано „Маските долу“.

Активистите довикуваа за да му го привлечат вниманието на Иванов и да ги прочита пораките наменети за него и за министерката за култура.

Претседателот помина на црвениот ќилим, се фотографраше, но влезе на гала-претставата без да даде изјава.


Демонстрантите во Велес преку транспаренти порачаа „Никогаш повеќе ваква власт“


Велес, 17 април, 2016 - 20:40 (META) 

Со транспаренти „Никогаш повеќе ваква власт“, демонстрантите во Велес на масовен протест побараa оставка од претседателот Ѓорге Иванов, за, како што велат, срамниот обид за аболиција на врхушката од власта, пишува „Нова ТВ“.

Тие, исто така, барале да се почне процес за избор на експертска влада, која ќе го подготви теренот за вистински слободни, веродостојни и демократски избори.

За утре, освен во Скопје, се најавуваат протести и во другите градови во земјава.

 

 


Со фрлање јајца и со извици „судска мафија“, граѓани протестираа пред Уставниот суд


Скопје, 24 февруари, 2016 - 19:00 (META) 

Со фрлaње јајца по фасадата на зградата на Уставниот суд и со извици „Судска мафија“, „Партиски судии“, „Мафијашка држава“, „Оставка“, „Готово е Никола“, „Робија“,„Нема правда – нема мир“, стотици граѓани протестираа пред судот поради одлуката за која, како што велат, е во одбрана на криминалците од власта кои местеле избори.

Протестот под мотото „Да го одбраниме Уставот од Уставниот суд“ го организираше граѓанската платформа „Ајде“.

На транспаренти беа наведени имињата на петмината судии (Никола Ивановски, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски) на Уставниот суд, кои денеска ја поддржаа одлуката да се прифати иницијативата за разгледување на уставноста на дел од одредбите на Законот за помилување, која како, што истакнаа демонстрантите, е „срам за уставниот поредок“.

Според поранешниот директор на Фондацијата „Отворено општество – Македонија“, Владимир Милчин, овие пет судии се соучесници на изборниот криминал, ги погазиле правната држава и правдата и се покажа дека секој може да биде амнестиран за криминал.

– Никола, Уставниот суд не е изборна програма да се проширува и надградува како што ќе ти текне. За да се спасат газдите, утре ќе бидат пуштени на слобода педофили и дилери на дрога. Кој ќе го штити Уставот од вас? Се срамиме до вас. Највисокото тело што треба да го штити Уставот го исплука и го погази – порачаа демонстрантите.

Според Билјана Бејкова, од НВО Инфоцентар, денеска Уставниот суд донел срамна одлука, газејќи ги Уставот, законите и правдата.

– Со оваа одлука Уставниот суд е сојузник и одговорен за изборните измами. Власта признава дека правела криминал и уставниот суд ја презеде одговорноста. Со оваа одлука власта покажува дека се плаши – изјави Бејкова.

Граѓаните прашуваат зошто токму сега Уставниот суд одлучил да расправа за иницијативата за измени во Законот за помилување.

Пред Уставниот суд симболично беше поставена табла јајца и транспарент на кој пишуваше: „За демoкратија се потребни јајца“. На дел од транспарентите метафорично беше напишано наместо „Уставен“, „Усрамен суд“. Демонстрантите носеа и црвени листови со кои симболично му порачаа на Уставниот суд дека му давааат црвен картон.

Демонстрантите за утре закажаа нов протест пред Уставниот суд и ги повикаа граѓаните да донесат од дома тенџериња, тапани, сврчиња за да бидат погласни во искажувањето на својот револт.


Лекарите се собраа на протест во дворот на Клиничкиот центар


Скопје, 12 ноември, 2015 - 11:18 (META) 

Со мети и со транспаренти на кои пишува „Закон за лекарска дејност“ и „Јас сум Љубомир Огненовиќ“, лекарите се собраа на протест во дворот на Клиничкиот центар, објави „Плусинфо“.

На овој начин, сакаат да го искажат својот револт, бидејќи нивниот колега Љубомир Огненовиќ беше застрелан на работно место, а истовремено и да го кренат гласот против деградирањето на нивната професија.

Од Јавното обвинителство, вчера за „Мета“ изјавија дека јавниот обвинител што ја води истрагата за вооружениот инцидент во Клиничкиот центар, побарал да бидат одземени снимки од видеонадзорот.

Како што пренесе МТВ, лекарите на Клиниката за дигестивна хирургија во наредните три дена ќе работат само на итни случаи, а ваквата одлука, според директорот Александар Караѓозов, била донесена поради револт од начинот на кој медиумите известувале за вооружениот инцидент во кој беше ранет хирургот Љубомир Огненовиќ.


Студентите одлучија да спијат на факултетите


Скопје, 11 февруари, 2015 - 12:27 (META) 

Студентите се собраа на платото пред Универзитет „Свети Кирил и Методиј“, каде ќе го одржат седмиот пленум, на кој треба да одлучат дали ќе ги окупираат факултетите сè додека Владата не го исполни ветувањето дека ќе се повлечат измените на Законот за високо образование и да се формираат работни групи со сите засегнати страни за изработка на нов закон за виско образование.

Од „Студентски пленум“ изјавија дека ќе функционираат со паралелен систем на предавања каде критички ќе ги разгледаат последните измени на законите.

Ним им се приклучија и студентите од Техничките факултети, кои донесоа транспаренти со кои бараат автономија за Универзитетот.

Тие одлучија да спијат на Факултетите, а нивните барања се целосно да се одложат сите измени на Законите од високо образование и да се формираат работни групи кои ќе почна да работат на нов закон.

– На пленумот ќе се дискутира за тоа дали да се окупира универзитетот и одлуката ќе зависи од расположението на студентите. По ветувањето од Владата дека ќе се формираат работни средби од двете страни за носење нов закон за високо образование, сè уште нема конкретна најава за таква средба. Такви ветувања сме виделе и порано, но засега сè останува само на најава – рече Анастасија Петреска од „Студентски пленум“.

Студентите велат дека е време да креираат автономна зона и да го освојат универзитетот назад.

„Студенти, ние сме академски граѓани, ние сме биле и ќе бидеме цивилизирани! Повикуваме на мирно и фер однесување кон сите! Секој кој е дел од „Студенски пленум“ го знае и го почитува ова. Се оградуваме од какво било насилно однесување и од непочитување“, се вели на официјалната фејсбук-страница на „Студентски пленум“.


Членови на ЛГБТ-заедницата го блокираа влезот на Јавно обвинителство


Скопје, 13 ноември, 2014 - 11:48 (META) 

Околу 30 луѓе од ЛГБТ-заедницата денеска го блокираа влезот на Јавно обвинителството, во знак на револт затоа што досега нема заврница за ниту еден случај кога оваа заедница била мета на напади.

Тие, со транспаренти, побараа да се решат овие случаи, како и последниот кога беше нападнато кафулето „Дамар“, на годишнината од формирањето на ЛГБТ-заедницата.