Ѕанакопулос: Топката сега е на теренот на нашиот сосед


Атина, 13 февруари, 2018 - 11:39 (META) 

Топката во моментов е на теренот на нашиот сосед, кој ќе треба и во практика да покаже дека е промената реториката на Владата што може да доведе до опипливи резултати во односите на двете земји, изјави портпаролот на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос.

Во врска со различните позиции на Скопје и Атина во однос на промената на македонскиот Устав, што грчкиот премиер Алексис Ципрас го спомена како предуслов, а македонскиот премиер Зоран Заев отфрли можност за измени, Ѕанакопулос за радиото „Алфа 989“ рече дека тоа е предмет на преговорите и уште еднаш ги повтори грчките позиции.

– Многу добро знаете дека едно заемно прифатливо решение, токму за да биде заемно, потребни се двајца. Потребни се и двете страни. Во оваа смисла ние многу јасно ги имаме кажано нашите позиции. Говориме за сложено име, кое ќе важи за сите и ќе биде за севкупна употреба. Тоа значи дека не може да биде поинаку од промена на уставното име на соседот и ова сметаме дека е рамката во која би можело да се најде токму ова заемно прифатливо решение – рече Ѕанакопулос.


МОФ: Агитирањето меѓу млади луѓе за партиски цели мора да престане


Скопје, 6 март, 2017 - 15:48 (META) 

„Учениците треба да бидат оставени сами да размислуваат и критички да се изразуваат, а секое наметнување туѓ став врз нив, секое заплашување и злоупотреба најостро го осудуваме. Агитирањето меѓу млади луѓе за остварување партиски цели мора да престане“, се вели во соопштението на Младински образовен форум (МОФ).

Оттаму додаваат дека „директорите, професорите и родителите треба да реагираат на секоја намера учениците да бидат вмешани во агендата на политички партии и под превезот на нивното право на здружување да се поткреваат меѓуетнички тензии“.

– Вакви активности на долг рок ќе донесат сегрегација и отуѓување на младите, зголемување на говорот на омраза и креирање конфликти. Жалиме што учениците почнуваат да се прашуваат на кои начини може да се заштитат бидејќи се чувствуваат небезбедно да одат на училиште или да се движат по улица поради својата етничка припадност. Срам е што острите реторики се користат за да се создаде привидна меѓуетничка тензија – се вели во соопштението на МОФ.

Тие бараат училиштата да не дозволат ширање тенденциозни материјали, постери или соопштенија, да ги заштитат учениците од присилување за излегување на протести и да не дозволат да се создаваат поделби меѓу учениците.

– Ги повикуваме надлежните институции да ги испитаат ситуациите на терен и информациите кои се шират во јавноста, а се однесуваат на злоупотреба на малолетници за остварување политички цели – се додава во соопштението на МОФ.


Се интензивира фашистичката реторика во Европа и во САД, оценија ОН


Њујорк, 9 декември, 2016 - 11:39 (META) 

Стандардите за заштита на човековите права во светот се под невиден притисок, соопштија синоќа Обединетите нации, предупредувајќи дека „фашистичката реторика“ станува застапена и во Европа и во САД.

Говорејќи во пресрет на Меѓународниот ден за човекови права, кој е одбележува на 10 декември, високиот комесар за човекови права на ОН, Зеид Рад ал Хусеин, побара луѓето во светот за се спротивстават на опасната ерозија за заштита на човековите права.

– Оваа 2016 година беше катастрофална кога станува збор за човековите права во светот – вели Ал Хусеин, предупредувајќи дека на крај сите ќе имаат штета „ако порасне ерозијата на внимателно изградениот систем на човекови права и владеењето на правото“.

Тој нагласи дема многу лидери не влијаеле ефикасно, ниту искрено на таквите проблеми, што придонело да се искористи стравот на луѓето, за да се испраќаат дезинформации и поделби и да се даде ветување кое не може да се исполни.

„Во некои делови на Европа, како и на САД, реториката против странците е полна со неиздржливи критики и со омраза, се шири во застрашувачки размери и таа не запира и не се намалува, Фашистичката реторика веќе не е ограничена на тајното подземје, таа стана составен дел од дневниот дискурс“, предупреди Ал Хусеин.

Високиот комесар за човекови права на ОН, кој утре треба да го отвори кампот „Денеска стани за нечии права“, од сите побара да го отфрлат насилството и омразата кои му се закануваат на денешниот свет.


„Бомбите“ ја сменија реториката, а политичарите останаа одлепени од реалноста


Скопје, 24 ноември, 2016 - 16:14 (META) 

„Бомбите“ што ги објави опозицијата, покрај што предизвикаа промени на политичката сцена, влијаат и врз реториката на политичарите на предизборните митинзи, кои во овој предизборен период засилено користат националистички термини, но и навреди, сметаат аналитичарите.

„Федерализација“, „кантонизација“, „двојазичност“ се дел од најупотребуваните термини од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на митинзите. Тој, за овие наводни идни државни процеси го обвинува лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој, пак, од друга страна, на митинзите постојано истакнува дека Груевски е „криминалец“.

На промоцијата на кандидатите за пратеници на ДУИ, шефот на кабинет на Али Ахмети и носител на кандидатската листа во првата изборна единица, Артан Груби, извикуваше на цел глас „УЧК, УЧК“, на што му одговорија мал број од присутните. „УЧК“ беше една од скандираните фрази и на митингот на движењето Беса во вторникот неделава.

Политичкиот аналитичар Алберт Мусли смета дека објавувањето на „бомбите“ од опозицијата, сепак, извршило влијание и врз реториката на политичарите на митинзите, така што владејачката партија сака да го отргне вниманието од нивната содржина, а опозицијата сака да посочи како не треба да изгледа општествениот живот.

– Меѓу досегашните изборни кампањи и оваа, сегашната, има разлика во реториката на политичарите на митинзите бидејќи „бомбите“ извршија своевидно влијание. Владејачката партија целосен фокус на кампањата става на меѓуетничките прашања и се обидува да го отргне вниманието од соджрината на „бомбите“, додека опозицијата дава една визија во која сака да покаже дека треба да се променат практиките на оваа власт кои беа откриени во „бомбите“ – вели Муслиу.

За националистичката реторика со која се заплашуваат галасачите, Муслиу смета дека ВМРО-ДПМНЕ најмногу ја употребува при обраќањето кон своето членство, за да го задржи. Овие фрази, според него, немаат цел да ги придобијат неопределните гласачи.

– Заев, пак, со добра кондиција возвраќа на таа тема и се обраќа токму на неопределниот дел од гласачите – додава Муслиу.

И консултантот за односи со јавноста, Гоце Пачемски, смета дека „бомбите“ имаат влијание врз изборната реторика, особено во настапите на опозицијата.

– Но, вистинското прашање е дали таквата реторика ќе има некаков позначителен ефект врз расположението на електоратот? Јас мислам не, од причина што најголемиот дел од електоратот генерално не им верува на политичарите, а таа недоверба, која се таложеше и се зголемуваше во изминатите две и пол децении, креираше разочараност и незаинтересираност за она што политичарите го говорат – вели Пачемски.

Тој додава дека во периодот што доаѓа, политичарите треба да го сменат и начинот на однесување и да прифатат дека тие се „слуги на народот“, а не обратно.

– Повторно и упорно, нашите политичари во своите настапи не се раководат од вистинските потреби на граѓаните, туку од сопствените претпоставки за тоа какви се потребите. Затоа, голем дел од пораките звучат како да се одлепени од реалноста. Исто така, голем дел од политичарите, немоќни да понудат издржани решенија за вистинските потреби на граѓаните, повторно и упорно се држат до крајно исполитизирани теми за кои сметаат дека ќе им донесат најмногу поени кај електоратот (на пример, национални права, употреба на јазикот, конзсензулано одлучување, федерализација и др.). Но, судејќи според одредени реакции, се чини дека кај голем дел од граѓаните ваквите теми и пораки (по)веќе не поминуваат. Едноставно, граѓаните бараат одговори на нивните егзистенцијални прашања, а не хипотези и теории на заговор – додава Пачемски.


Хан: Отворете ги границите и стивнете ја реториката


Брисел, 23 септември, 2015 - 13:48 (META) 

Европскиот комесар за соседска политика, Јоханес Хан, побара од сите држави на Западен Балкан да ги отворат границите за непречен протек на стока и да ја стивнат реториката.

– Ги повикувам сите земји на Западен Балкан одговорно да се однесуваат спрема мигрантите, а особено да не ги затвораат граничните премини – рече Хан во пресрет на денешниот самит на Европската унија.

Хан рече дека затворањето на премините за товарен сообраќај има директни економски последици по целиот регион.

Тој наведе дека вчера телефонски разговарал со премиерот на Србија, Александар Вучиќ, и со шефицата на хрватската дипломатија, Весна Пусиќ, а разговарал и со српскиот министер за труд и за социјална политика, Александар Вулин, кој бил во посета на Брисел.

Хан наведе дека ЕУ е подготвена да им помогне на земјите на Западен Балкан, пред сè, на Македонија и на Србија, за да излезат на крај со бегалската криза.

Тој најави дека в петок ќе оди во Белград и со Вучиќ ќе ги посети каповите за бегалци.

Европската унија се надева дека ќе може да издвои повеќе од една милијарда евра помош за сириските бегалци, а ќе уплати дополнителна милијарда за Турција, која прими речиси два милиона бегалци пред судирите, соопштено е денеска во седиштето на Унијата.

Европската комисија планира да ги зголеми средствата во фондот за сириските бегалци за 300 милиони евра, покрај претходно издвоените средства.