!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Србија очекува следните три дена да се најде решение за проблемот со извозот во Хрватска


Белград, 9 август, 2017 - 13:57 (META) 

Српскиот министер за трговија и туризам, Расим Љајиќ, очекува во следните три дена да биде најдено решение за спорот помеѓу Хрватска и земјите во регионот, поради новиот правилник за увоз на овошје и на зеленчук, што Хрватска го донесе на 15 јули, а со кој значително се зголемуваат трошоците при извоз на свежото овошје и зеленчук.

– Никому не му е во интерес заострување на односите и оваа состојба да трае долго, бидејќи трговските војни на крајот само бројат штети и тука никој не може да профитира – ијзавил Љајиќ за телевизија „Пинк“.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, вчера телефонски разговарал со министерот за земјоделство на Хрватска, Томислав Толушиќ, при што хрватскиот колега покажал интерес за наоѓање решение за настанатиот проблем.

Министрите во регионот одржаа  состанок во Сараево, каде што беа донесени заеднички заклучоци во однос на правилникот од Хрватска.

Тие ја повикаа Хрватска итно да ги укине дискриминаторските одредби од правилникот, а трошоците за инспекцискиот надзор да се сведат на нивната реална висина. Меѓу другото, во заклучоците се наведува дека секоја земја, сè до решавање на проблемот, за да ги заштити сопствените економски интереси, ќе преземе соодветни конкретни мерки и механизми.


Регионот побара од Хрватска да укине одредби од правилникот за увоз на овошје и зеленчук


Сараево, 7 август, 2017 - 15:06 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, надлежните министри од Босна и Херцеговина – Мирко Шаровиќ, од Република Србија – Расим Љајиќ и од Црна Гора – Драгица Секулиќ, на денешниот итен состанок во Сареаво донесоа неколку заклучоци во врска со новиот хрватски правилник за увоз на свежо овошје и зеленчук.

Министрите ја повикуваат Хрватска итно да ги укине дискриминаторските одредби од правилникот, а трошоците за инспекцискиот надзор да се сведат на нивната реална висина.

Воедно министрите потписници бараат оваа недела да се одржи итен состанок со надлежните министри од Хрватска, а при тоа да се има предвид дека секое одложување за наоѓање решение ќе предизвика значителни последици врз производителите од земјите од регионот, со оглед на тоа дека сето ова се случува во период кога има зголемен извоз на сезонско овошје и на зеленчук.

Заклучоците со потпис од сите министри кои присуствуваа на состанокот ќе бидат испратени во Брисел.

Министерите од регионот во решвање на проблемот со Хрватска ја повикаа да се вклучи и Европската Унија.

Меѓу другото, во заклучоците се наведува дека секоја земја сè до решавање на проблемот, за да ги заштити сопствените економски интереси, ќе преземе конкретни мерки и механизми кои смета дека се адекватни.

Македонското Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство веќе достави нота до хрватското Министерство за земјоделство за стопирање на правилникот за контрола при увозот на овошје и зеленчук.


Србија ја обвинува Македонија за вонцарински бариери и најавува мерки на реципроцитет


Белград, 5 август, 2016 - 19:05 (META) 

Српскиот министер за трговија, туризам и телекомуникации Расим Љајиќ денеска изјави дека со одлуката на македонската влада за поскапување на фитосанитарните уверенија за увоз на пченица во Македонија, нашата држава вовела вонцаринска бариера кон Србија и најави можност од воведување на мерки на реципроцитет.

Љајиќ за агенцијата „Бета“ вели дека одлуката на македонското Министерствот за земјоделство, со која цените за фитосанитарни уверенија за увоз на пченица во земјава се зголемени за 833 отсто, е продолжение на лошата пракса на македонската Влада секоја година во ова време да воведува вонцарински бариери.

„На вонцаринските бариери од македонска страна секоја година им се дава различна форма, но суштината е секогаш иста – да се спречи слободната трговија и ограничување на извозот на пченица и брашно од Србија во Македонија. На тој начин се нарушува принципот на слободен проток на стоки и услуги“, вели Љајиќ.

Иако зголемувањето на цената на фитосанитарните уверенија не се однесува само на извозниците од Србија, додал Љајиќ, јасно е дека одлуката е насочена против српските фирми, кои во овој период од годината се најголеми извозници на жито во Македонија.


Лајиќ: Српските компании ќе бараат правда пред меѓународните судови


Белград, 26 септември, 2015 - 12:11 (META) 

Српскиот министер за трговија, туризам и за телекомуникации, Расим Лајиќ, изјави дека поради штетата што настанала од затворањето на границата со Хрватска, можно е компаниите да побараат правда пред хрватскиот или меѓународните судoви.

Тој оцени дека притисокот на Брисел бил пресуден врз одлуката на Хрватска да ја прекине блокадата на граничните премини.

– Некој ќе плаќа пенали и казни за ова затворање на границата. Можно е некој од претприемачите да бара правда пред хравтските или меѓународните судови, поради нанесената штета – изјави Лајиќ.

Гостувајќи утрово на националната телевизија РТС, Лајиќ оцени дека поради затворањето на границата, штета не претрпела само Србија, туку и другите земји како Македонија, Турција, Бугарија.

Тој истакна дека процена на штетите сè уште нема и ќе се знае кога ќе се види колку стока не е испорачана и колку договори не се испочитувани.

Хрватската влада попушти под притисокот на Европа и поради предупредувањата за штетите врз економијата од околните земји, ја отвори границата со Србија синоќа.