!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Приведени диви продавачи на стока со брендовите на тимовите од Супер купот


Скопје, 8 август, 2017 - 14:43 (META) 

Полицијата денеска на Плоштад Македонија привела две лица поради продажба и дистрибуција на неавторизирана стока со брендови на фудбалските клубови „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“.

„Денеска, околу 12 часот, на Плоштад Македонија две лица се приведени во Полициската станица Центар, поради продажба и дистрибуција на неавторизирана стока со брендови на „Реал Мадрид“ и на „Манчестер јунајтед“. Од страна на Пазарна инспекција, ќе им биде поднесена прекршочна пријава во согласност со Законот за трговија по член 2, став 2 – вршење дејност без регистрирано правно лице“, информираат од МВР.

Од таму додаваат дека ангажирани се 2.600 полициски службеници кои се задолжени за безбедноста на присутните во фудбалската арена „Телеком“, реонот околу фудбалскиот стадион и зоните за обожаватели, каде што поголем дел од денот престојуваат навивачите на двата клуба.

Според инструкциите на УЕФА, на стадионот може да се внесат само знамиња на фудбалските клубови „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“ и знамиња на Шпанија и на Англија.


Пријава за скопјанец што препродавал билети за Супер купот


Скопје, 8 август, 2017 - 13:24 (META) 

СВР Скопје извести дека почнала постапка против еден скопјанец за препродажба на билети за Супер купот, по новиот став во Кривичниот законик со кој станува кривично дело препродажбата на билети за спортски и за културни манифестации.

Скопската полиција вчера идентификувала еден скопјанец кој на интернет нудел билети за вечерашниот Супер куп на УЕФА, на кој ќе се соочат „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“. Со наредба од Основен суд Скопје 1 извршен е претрес во неговиот дом, при што биле пронајдени и одземени билети кои ќе бидат дадени на вештачење.

СВР Скопје против скопјанецот ќе поднесе пријава според член 277, став 2 од Кривичниот законик, кој беше внесен во законот на 28 јули годинава.


Иницијатива за бесплатно сместување за обожавателите што ќе дојдат за Суперкупот


Скопје, 25 јули, 2017 - 10:26 (META) 

Поради огромниот пораст на цените за сместување во хотелите во Скопје и кај некои станоиздавачи поради претстојниот Суперкуп на УЕФА, неколку млади луѓе почнаа акција да го обелат образот на Скопје пред фудбалските обожаватели. Со нивниот проект „Суперкуп Скопје“ SuperCupSkopje, членовите на заедницата WeTalkIT ги поврзуваат фудбалските обожаватели на кои им треба сместување со луѓе од Македонија кои имаат желба да им понудат бесплатен престој.

Целта на овој проект е што поголем број граѓани да бидат домаќини на еден или двајца гости во својот дом, за да им овозможат место за преноќување на обожавателите кои ќе дојдат да го следат натпреварот помеѓу „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“.

За да му овозможите сместување на некој од обожавателите, сè што треба да направите е да се логирате на специјалната веб-страница и да наведете каков тип сместување може да понудите. Гостите заинтересирани за сместувањето преку е-маил директно ги контактираат оние тие што објавиле сместување, а домаќинот потоа самиот одлучува кој гостин или гости сака бесплатно да ги прими во својот дом.


Спотот на ФФМ за Суперкупот на УЕФА како реклама за „Скопје 2014“


Скопје, 3 јули, 2017 - 14:01 (META) 

Натпреварот од Суперкупот на УЕФА, кој на 8 август во Скопје ќе го играат „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“, повторно ја подгреа страста кај вљубениците во фудбалот, откако медиумите информираа дека „УЕФА го објавила“ промотивниот видеозапис.

На јутјуб-каналот на УЕФА, пак, како и на нејзината веб-страница нема тако нешто. Последната информација на веб-страницата на Унијата е објавена на 17 јуни, а вели дека во Скопје ќе се игра натпреварот меѓу „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“, но – видеозаписот го нема.

Тој е објавен од Фудбалската федерација на Македонија, која, иако членка на УЕФА, сепак не ја претставува целата европска фудбалска федерација.

Видеозаписот, инаку, е во манирот на класичните промоции за телевизиската публика веќе видени во изминатава деценија, кога се промовираше Македонија како туристичка дестинација или винските ресурси на Македонија, но за разлика од тие спотови, овојпат доминираат градбите од „Скопје 2014“.

Во видеозаписот е претставена и Националната арена „Филип Втори“, каде би требало да се игра натпреварот, ама претежно се гледаат Матка, Скопје од Водно, но и споменикот на Филип Втори, Владата, Милениумскиот крст, црквата „Свети Спас“, кадри од центарот на градот… Во втората половина следува поопсежно претставување на стадионот, испресечено со кадри од Порта Македонија, Археолошкиот музеј, и т.н. сува фонтана на плоштадот Македонија.


Спасовски се сретна со претставници на УЕФА


Скопје, 10 јуни, 2017 - 16:33 (META) 

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска одржал работна средба со Жељко Павлица и со Франк Вијнвелд, претставниците на Европската фудбалска федерација (УЕФА), кои се вклучени во организацијата на претстојниот Супер куп на УЕФА, што треба да се одигра на 8 август во Скопје, помеѓу екипите на „Реал Мадрид“ и на „Манчестер јунајтед“.

Спасовски на претставниците на УЕФА им соопштил дека сите капацитети на МВР ќе бидат ставени на располагање за успешна организација на овој настан.

Претставниците на УЕФА го нагласиле огромното значење на МВР за организација на овој натпревар.


Ибрахимовиќ оди во Манчестер јунајтед


Манчестер, 30 јуни, 2016 - 18:15 (META) 

Шведскиот фудбалски репрезентативец Златан Ибрахимовиќ потврдил дека следната сезона ќе настапува за славниот англиски клуб Манчестер јунајтед, пишува лондонски „Гардијан“. Ибрахимовиќ, според весникот, утре треба да допатува во Велика Британија, да го потпише едногодишниот договор со клубот.

Триесет и четиригодишниот напаѓач остана без ангажман по заминувањето од францускиот клуб Пари Сен Жермен, за кој настапуваше четири сезони и усвои исто толку шампионски титули.

Според „Гардијан“, Ибрахимовиќ се согласил да игра за Манчестер јунајтед за неделна плата од 220.000 фунти.

Ибрахимовиќ е второто засилување во тимот на Манчестер, откако кормилото на клубот го презеде португалскиот стратег Жозе Мурињо. Претходно Мурињо успеа од Вилјареал да го донесе бекот Ерик Бејли.

Мурињо и Ибрахимовиќ претходно соработуваа во италијанскиот клуб Интер, во сезоната 2008-2009.

„Играч кој ми дал толку многу како Ибрахимовиќ засекогаш ќе остане во моето срце. Тој е посебен и е еден од најдобрите напаѓачи во светот“, изјави подоцна Мурињо.


Мурињо и Манчестер јунајтед постигнаа договор


Манчестер, 26 мај, 2016 - 20:45 (META) 

Жозе Мурињо и Манчестер јунајтед, по тридневни преговори, денеска постигнале договор португалецот да биде нов тренер на славниот тим од „Олд Трафорд“, јавува „Би-би-си“.

Преговорите, кои ги водеа агентот на Мурињо, Хорхе Мендес и претставници на раководството на Манчестер јунајтед се завршени, но засега не е потпишан официјален договор.

Именувањето на Мурињо за нов тренер на клубот се очекува официјално да биде соопштено утре.

Португалскиот стратег доаѓа на местото на холанѓанецот Луис ван Гал, кој во понеделникот, оваа недела доби отказ, два дена по триумфот на Манчестер јунајтед во ФА купот.