Дамовски, Илиевски и Арнаудов излегуваат од „Шутка“, Апелација им одреди куќен притвор


Скопје, 21 февруари, 2018 - 13:03 (META) 

Организаторите на протестите на „За заедничка Македонија, Борис Дамовски и Богдан Илиевски и пратеникот Љубен Арнаудов, излегуваат од истражниот затвор „Скопје“, откако Апелацискиот суд Скопје им ги прифатил жалбите и им ја заменил мерката притвор со куќен притвор и да им бидат одземени пасошите, потврдиле за „Телма“ од судот.

Дамовски, Илиевски и Арнаудов се меѓу 35-те осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, минатата година.

Покрај нив тројца, Апелација им одредила куќен притвор и одземање на пасошите и на Јане Ченто, Иван Цветановски, кој работел во кабинетот на поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски и на Оливер Радулов од УБК.

Во истовреме, Апелацискиот суд одлучила поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков да остане во притвор, пратеникот Јохан Тарчуловски во домашен притвор, а отфрлени се жалбите и на Горан Ангеловски, Илија Славевски, Сашо Марковски и Вилијам Михајловски.


Судот им одреди притвор на пратениците Мукоски, Арнаудов и Василевски


Скопје, 5 декември, 2017 - 15:48 (META) 

Кривичниот суд по денешниот распит, попладнево им одреди притвор на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски, осомничени за насилствата во Собранието од 27 април. Нивните колеги, Жаклина Пешевска, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски, добија куќен притвор.

Мукоски, Арнаудов и Василевски попладнево, со полициска придружба, беа изнесени од задниот влез на Кривичниот суд и ставени во полициско комби, кое треба да ги спроведе во истражен затвор на издржување на мерката.

Од судот попладнево и официјално ги соопштија одлуките по денешниот распит на шестемина пратеници.

„Постапувајќи по предлог на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, пред судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 денеска беа повикани шест лица опфатени со предлогот на обвинителството, а по нивно изјаснување во однос на предлогот судијата на претходна постапка донесе решенија со кои за К.М., Љ.А. и С.В. го прифати предлогот на обвинителството и им определи притвор во траење од 30 дена. За Ј.Т. и Ж.П. судија на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и им определи куќен притвор. За Љ.Д. судија на претходна постапка не го прифати предлогот на обвинителството за определување притвор и му определи куќен притвор“, стои во соопштението од Кривичниот суд.

Притворените имаат право на жалба во рок од 24 часа.

Шестемина пратеници денеска дојдоа на сослушување во Кривичниот суд откако во петокот минатата недела, Собранието на пленарна седница одлучи да им го одземе имунитетот.

Од вкупно 36 осомничени за насилствата во Собранието, во притвор веќе се наоѓаат поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Митко Чавков, организаторите на протестите од „За заедничка Македонија“, Игор Дурловски, Богдан Илиевски, Борис Дамовски, актерот Владо Јовановски и уште дваесетина лица.

Обвинителството за организиран криминал и корупција сите ги товари за терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста на државата.


Собраниската комисија едногласно одобри да им се одземе имунитетот на пратениците


Скопје, 30 ноември, 2017 - 13:01 (META) 

Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања едногласно, со пет гласа „за“ и без воздржани или против, го одобри барањето на судот и донесе заклучок да му предложи на Собранието да им се одземе имунитетот на пратениците Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски и Жаклина Пешевска.

На комисиската расправа не присуствуваа членовите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и Тарчуловски и Мукоски, кои, исто така, се дел од ова собраниско тело.

Расправата за одлучување по оваа точка траеше кратко и единствен што се пријави за збор беше пратеникот од владејачкото мнозинство, Александар Кирацовски, кој рече дека насилството во Собранието на 27 април било напад врз демократијата и претставувало обид да се загрози животот на пратениците.

– Институциите имаат обврска и должност да го расветлат случајот докрај, за правдата да излезе на виделина и за ова никогаш да не се повтори. Ситуацијата е многу чиста, фактите се јасни, аргументите се поголеми од сите нас. Законот мора да важи за сите, па дури и за пратениците. Владејачкото мнозинство ќе гласа за овој предлог – рече Кирацовски.

Комисијата има обврска во рок од два дена да го достави извештајот од седницата до претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој, пак, треба да свика пленарна седница.

Како што дознава „Мета“ од собраниските служби, пленарната седница веројатно ќе се одржи утре.

МВР, по налог на Основното јавно обвинителство, завчера приведе 36 лица, поради насилствата во Собранието од 27 април годинава. Меѓу приведените се и пратениците Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски и Љупчо Димовски, поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност и поранешен министер за внатрешни работи, Митко Чавков, како и дел од организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“, Владо Јовановски, Борис Дамовски, Игор Дурловски и Богдан Илиевски. Сите се товарат за загрозување на уставниот поредок и на безбедноста. Судот на дел од приведените им одреди 30-дневен притвор, а на дел куќен притвор.


Утре напладне комисиска расправа за имунитетот на уапсените пратеници


Скопје, 29 ноември, 2017 - 21:06 (META) 

Седница на Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, на која ќе се расправа за барањата за притвор на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Жаклина Пешевска, ќе се одржи утре, со почеток во 12 часот, потврди претседателот на Комисијата, Павле Богоевски.

Одлуката е објавена и на веб-страницата на Собранието.

Барањата за одземање на пратеничкиот имунитет се поднесени вчера од Основен суд Скопје 1, односно од Одделението за организиран криминал и корупција, а претседателот на Собранието, Талат Џафери, вечерва ги препратил до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.


Џафери ги доставил барањата за притвор до надлежната комисија


Скопје, 29 ноември, 2017 - 20:04 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, до Комисијата за деловнички и мандантно-имунитетни прашања вечерва ги доставил барањата за одобрување притвор за пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Жаклина Пешевска, известија собраниските служби.

Барањата се поднесени вчера од Основен суд Скопје 1, односно од Одделението за организиран криминал и корупција.

Џафери ги доставил барањата до надлежната комисија во согласност со членот 53, став 5 од деловникот на Собранието, се вели во соопштението.


СДСМ: Проектите на ВМРО-ДПМНЕ се симбол за криминал и за корупција


Скопје, 1 јули, 2017 - 17:14 (META) 

Доколку Љубен Арнаудов и неговите сопартијци навистина се грижеа за интересите на граѓаните, одамна ќе ја увидеа реалната состојба и ќе инсистираа на одговорност за промашувањата во изведбата на автопатот Кичево – Охрид, но и на одговорност за провизиите од автопатиштата за кои слушна целата јавност, се вели во реакцијата на СДСМ на изјавата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Но наместо тоа, Арнаудов како и досега, продолжува да работи на штета на граѓаните и исклучиво во заштита на криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Таканаречените проекти на ВМРО-ДПМНЕ во инфраструктурата се симбол за криминал, корупција и за неспособност. Доказ за тоа се истрагите и обвиненијата за автопатиштата Миладиновци – Штип, Демир Капија – Смоквица, како и за споменатиот автопат Кичево – Охрид, каде што огромните пропусти во проектирањето и во изведбата нанесоа огромни штети врз угледот на Македонија и за чие санирање дополнително ќе се потрошат повеќе од 100 милиони евра пари на граѓаните“, стои во соопштението на СДСМ.


ВМРО-ДПМНЕ ја обвини Владата дека ја блокира изградбата на автопатот Кичево – Охрид


Охрид, 1 јули, 2017 - 15:43 (META) 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска ги обвини СДСМ и Владата дека ја блокираат изградбата на автопатот Кичево – Охрид. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Љубен Арнаудов, денеска од местото Мауцкер кај Охрид, каде треба да поминува автопатот, изјави дека претходната влада ја оставила изградбата на делницата во напредна фаза, а дека сега има целосен застој без никаков сигнал за нејзино продолжување.

– Неспособноста на СДС на дело се покажува токму тука. Граѓаните гледаат дека СДС немаат ниту капацитет, ниту визија и план за да ја водат Република Македонија. Единствено нешто кое добро им оди е блокирање, укинување и правење застои како што сега го прават со автопатската делница Кичево – Охрид – изјави Арнаудов.

Тој во името на ВМРО-ДПМНЕ порача дека изградбата на автопатот не смее да биде проблематизирана и опструирана и дека таа мора веднаш да продолжи, бидејќи автопатот е важен за Македонија и за целиот регион.

Инаку, како што претходно соопшти Владата, застојот во изградбата на автопатот е поради грешки во проектирањето, односно несовпаѓањето на проектираната и на изведената траса.


ВМРО-ДПМНЕ вети изградба на пристаниште во Охрид, кое ќе чини 2 милиони евра


Охрид, 11 јануари, 2017 - 13:09 (META) 

Во Охрид ќе се изгради долгоочекуваното пристаниште со кое ќе се задоволат потребите за пловните објекти во Охридското Езеро, истакна денеска на прес-конференција пред Студенчишкиот канал претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, Љубен Арнаудов.

– Меѓу главните проекти, кои се од витално значење за градот Охрид, е и долгоочекуваното пристаниште, проект кој ќе се реализира од 2018 до 2020 година, а ќе чини вкупно 2 милиони евра. Овој проект ќе се реализира за да се задоволат потребите за пловните објекти во Охридското Езеро. Изградбата на пристаништето ќе биде на локација пред Центарот за обука на вода кај каналот Биљанини извори. Ќе се гради со најсовремена инфраструктура која ќе овозможи сместување на минимум 300 помали бродови, десет бродови и простор за маневрирање. Пристаништето ќе има продавница за наутичка опрема, паркиралиште за возила, бензинска пумпа, ресторан, административен дел и магацински простор – рече Арнаудов.

Арнаудов ја истакна и изградбата на експресниот пат Охрид – Пештани кој, како што рече, ќе им го олесни движењето на граѓаните што живеат во галичкиот предел.


ВМРО-ДПМНЕ назначи нов претседател на ОК во Охрид


Охрид, 22 октомври, 2016 - 13:56 (META) 

Извршниот комитет на владејачката ВМРО-ДПМНЕ донел одлука со која за нов претседател на општинскиот комитет на партијата во Охрид е назначен д-р Љубен Арнаудов, актуелен директор на Општата болница во градот.

Досега оваа функција ја вршеше Атанаско Михаилов, исто така лекар, чиј мандат формално завршил уште во 2014 година. Назначувањето на новиот претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид се толкува како престројување на партијата на терен, во пресрет на изборите закажани за 11 декември.

Владејачката партија веќе распишала и интерен конкурс за кандидати за градоначалник на Охрид, иако локалните избори се догодина.

На огласот се јавиле десетина кандидати, кои поднеле свои видувања за идниот развој на градот. Најголемиот број од пријавените се членови на Советот на Општината или се функционери во локалната самоуправа.