!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Државата денеска се задолжи 71,6 милиони евра, утре треба да враќа 66,9 милиони


Скопје, 31 октомври, 2017 - 17:32 (META) 

Министерството за финансии денеска издало државни обврзници во вкупна вредност од 71,58 милиони евра, а најголемиот дел од вака добиените пари ќе ги потроши утре за враќање на 66,88 милиони евра земени преку претходно издадени државни хартии од вредност.

Како што соопшти Министерството, издадени биле едногодишни денарски обврзници, во вредност од речиси 49 милиони евра, со камата од 1,85 отсто, потоа двегодишни денарски обврзници во вкупна вредност од 5,14 милиони евра и камата од 2,1 отсто и тригодишни денарски обврзници во вредност од 8,72 милиони евра и камата од 2,35 отсто, како и 15-годишни девизни обврзници во вредност од 8,61 милиони евра со камата од 3,8 отсто.


ВМРО-ДПМНЕ: Тевдовски не може да ги убеди стопанствениците дека државата е задолжена


Скопје, 20 јули, 2017 - 15:38 (META) 

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, со прес-конференции ниту ќе ги покрие штетите од недомаќинскиот ребаланс, ниту ќе ги убеди стопанствениците дека државата е задолжена и дека само што не ни се случило грчко сценарио, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на министерот за финансии, Драган Тевдовски, на која тој го објави долгот на државните институции.

Од партијата велат дека Тевдовски „во својот познат конфузен стил“ зборувал за презадолженост на државата кон стопанството, а најдобар демант за оваа манипулација дошол од самите стопанственици кои вчера го кажале токму спротивното.

„Второ, кога Тевдовски зборува за задолженост, веројатно мисли на 70 милиони евра или речиси 4,5 милијарди денари кои тој преку аукции на државни хартии од вредност ги направи во последните четириесетина дена. Трето, дека се работи за набрзина подготвена прес-конференција исполнета со паушални и со неточни бројки, говори и фактот што министерот не знаеше да каже кога и како овие наводни долгови биле направени“, се додава во соопштението.


Министерството за финансии со аукциите ќе го пополнува годинашниот буџетски дефицит


Скопје, 24 јануари, 2017 - 17:02 (META) 

Разликата од она што денеска е повлечено на аукцијата на државни хартии од вредност и она што утре ќе биде вратено во стопанството врз основа на државни хартии од вредност доспеани за враќање, ќе се искористи за финансирање на буџетскиот дефицит, предвиден со буџетот за 2017 година, се вели во реакцијата на Министерството за финанисии на денешното соопштение на СДСМ за задолжувањето.

– Зошто сега се повлекува поголема сума? Ликвидноста на пазарот е особено висока, што придонесе за значително намалување на каматните стапки на државните хартии од вредност. Значи, по пониска цена може да се обезбеди капитал за финансирање на буџетскиот дефицит кој е предвиден со буџетот – се вели во соопштението на Министерство за финансии.


Министерство за финансии: Намалена каматата на хартиите од вредност


Скопје, 10 јануари, 2017 - 16:28 (META) 

И покрај политичката пропаганда на СДСМ, кој настојува да ги прикаже државните хартии од вредност како нешто ненормално во јавноста, иако самите ги воведоа, довербата на инвеститорите во економските политики е огромна, што продонесе за намалување на каматата на државните хартии од вредност, се вели во реакцијата на Министерството за финансии на соопштението на СДСМ за задолжувањето.

Во него се додава дека инвеститорите побарале државни хартии од вредност во износ кој надминувал 5 милијарди денари, а Министерството запишало 1,9 милијарди денари во согласност со понуденото во проспектот.

– Како резултат на големата побарувачка на државните хартии од вредност на пазарот на капитал, каматата, односно цената што ја плаќа Министерството за финансии на инвеститорите е намалена за 0,2 процентни поени, што воедно е и најниската камата последниве години – се вели во соопштението на Министерство за финансии.

Во него се додава дека со буџетот за 2017 година предвидено е буџетскиот дефицит да се покрива и од домашни извори.

– Во моментот на пазарот на капитал има голема побарувачка за државните хартии од вредност, што значи дека тие можат да се издадат со пониска камата, односно со помала цена на капиталот – додаваат од министерството.


Министерство за финансии: Аукциите се во согласност со законите, Наумов шири невистини


Скопје, 28 ноември, 2016 - 15:49 (META) 

Со ребалансот на буџетот, износот на аукции на државни хартии од вредност не е зголемен, туку е намален, велат од Министерство за финансии по повод соопштението на дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов, во кое тој бара усогласување на задолжувањата од ДХВ со буџетот на РМ.

– Владата на почетокот на годината носи одлука за максималниот износ за аукции на државни хартии од вредност. Тоа е максималниот лимит кој не смее да се надмине. Сепак, сумата на издадените хартии од вредност може да биде помала од овој лимит, во согласност со износите на буџетот. Со аукциите годинава се издадени државни хартии од вредност кои се неколкукратно помали од лимитот предвиден и со одлуката на Владата и од лимитот предвиден со ребалансот, што може секој граѓанин да го провери на веб-страницата на Министерството за финансии – велат оттаму.


МФ: Денешната аукција на државни записи е согласно календарот на аукции


Скопје, 6 септември, 2016 - 15:48 (META) 

Во однос на соопштението на дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов, за денешното задолжување, Министерството за финансии информира дека денешната аукција на државни записи е во согласност со календарот на аукции за државни хартии од вредност.

– Средствата кои се јавуваат како разлика помеѓу побараните на проспектот и реализираните со аукцијата ќе останат како депозит за следната година. Потсетуваме и дека за да го намали нето-задолжувањето на основа на државни хартии од вредност, Министерството за финансии изминативе месеци не одржа шест аукции предвидени со календарот – се вели во реакцијата на Министерство за финансии.


ВМРО-ДПМНЕ: Нема ништо незаконско во издавањето државни хартии од вредност


Скопје, 7 јуни, 2016 - 18:41 (META) 

Наместо да лаже и да манипулира, СДСМ треба на граѓаните да им објасни што е незаконско во издавањето државни хартии од вредност од страна на Министерството за финансии кога тие се предвидени со буџетот и гласани во Собранието, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на опозициската партија во врска со новото задолжување од 15,1 милиони евра.

„Според манипулациите од фабриките за афери на СДСМ, сите влади во светот на сите развиени економии го кршат законот со тоа што издаваат државни хартии од вредност. Според измислиците на фабриките за афери на СДСМ, токму СДСМ се првите кои го прекршиле законот бидејќи тие први почнаа да издаваат државни хартии од вредност во 2004 година. Дотолку повеќе што каматната стапка на државните записи во време на СДСМ беше дури пет пати поголема од денеска“, стои во реакцијата на владејачката партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека додека СДСМ ги повторува „излитените измислици“, Македонија е меѓу најниско задолжените земји во Европа.


ВМРО-ДПМНЕ: Кире Наумов и СДСМ добија нова „воспитна“ од банките


Скопје, 13 јануари, 2016 - 17:09 (META) 

Уште еднаш Наумов и СДСМ се обидоа да го блокираат нормалното функционирање на Република Македонија, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на дополнитениот заменик-министер за финансии, Кире Наумов.

Од владејачката партија велат дека банкарскиот сектор уште еднаш ги спречил СДСМ и Наумов во нивните деструктивни намери.

„СДСМ и Наумов уште еднаш добија нова и пожестока шлаканица од банките на кои се обидоа да им се мешаат во деловната политика. Надежта последна умира, па човечки е да се надеваме дека овојпат Наумов и СДСМ ќе ја научат лекцијата дека никаде во свет политичарите не смеат да се мешаат во деловните одлуки на банките и на фирмите. Државните хартии од вредност се инструмент за финансирање на буџетот што го користат сите економии во светот. Аукциите се предвидени со буџетот, гласани во Собрание и се користат за финансирање на сите расходи на буџетот – за исплата на обврските за проекти, за поврат на ДДВ“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.