Симона Угриновска назначена за в.д директор на МНТ


Скопје, 5 февруари, 2018 - 14:48 (META) 

Министерството за култира ја назначи Симона Угриновска за в.д. директор на МНТ, соопшти денеска министерот за култура, Роберт Алаѓозовски.

-По оставката на Драган Спасов-Дац, за да може институцијата да работи непречено, за вршител на должност, според Законот дека лицето мора да доаѓа од редот на вработените, ја назначивме Симона Угриновска. Таа ќе ја извршува оваа функција сѐ додека не биде избран нов директор, за што според Законот треба да биде распишан конкурс – рече Алаѓозовски.

Угриновска досега работеше како организатор и продуцент во МНТ.

Назначувањето на Угриновска доаѓа по оставката на претходниот директор Драган Спасов Дац, кој минатата недела во алкохолизирана состојба удри пешак во скопската населба Кисела Вода. Претходно, Министерството за култура и Владата кажаа дека лице кое сторило таков тежок прекршок не може да раководи со институција и да извршува јавна функција.


Дац поднесе оставка по сообраќајката во која повреди девојка


Скопје, 31 јануари, 2018 - 12:55 (META) 

Министерството за култура извести дека денеска ја примило и ја прифатило оставката на в.д.директорот на Македонски народен театар, Драган Спасов-Дац откако вчера предизвика сообраќајна несреќа во која со телесни повреди се здоби 21-годишна девојка.

Денеска од Владата информираа дека, Министертвото за внатрешни работи и сите останати органи ќе го истражат настанот детално и во најкраток можен рок, сите наоди ќе и бидат презентирани на јавноста.

„Во секој случај, Владата смета дека секој мора да поднесе одговорност согласно законите. Лице кое сторило ваков тежок прекршок и довело во опасност друга личност, за среќа во случајот без сериозни последици по нејзиниот живот, не може да раководи со институција и да извршува јавна функција“, изјави претходно портпаролот Миле Бошњаковски.


Спасов: Глумците што одбија да ја играат „Ничија земја“ ќе бидат казнети


Скопје, 2 декември, 2017 - 13:43 (META) 

Вршителот на должност директор на Македонски народен театар (МНТ), Драган Спасов – Дац, најави дека, глумците, кои синоќа одбиле да ја играат претставата „Ничија земја“, ќе бидат казнети.

„Покрај мојата сугестија и наредба да се игра претстава, глумците своеволно одбија да ја играат претставата „Ничија земја“, како поддршка за приведените глумци што беа инволвирани во случувањата од 27 април во Собранието. Сите до еден ќе бидат казнети за непослушноста и по разговорот со мене, свесни се за проблемот што го направија. Театарот постои за публиката и така ќе остане. Ова го почувствував како атак кон мене и кон нашата публика“, напиша Спасов на својот фејсбук-профил.

Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, коментирајќи го овој случај, на денешната прес-конференција во МНТ праша „со кого и со што точно се солидаризираа актерите вчера?“

– Сметам дека секоја слична намера во иднина нема да биде добра ниту по развојот на културата ниту, пак, во однос на демократизацијата на културните институции – рече Алаѓозовски.

Глумците ја откажаа синоќешната претстава „Ничија земја“ солидаризирајќи се со нивниот колега Владо Јовановски, кој е во истражниот затвор во Шуто Оризари, бидејќи се товари за терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста на државата за настаните од 27 април во Собранието.