!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Димитров: Никој досега не побарал Македонија да стане дестинација за бегалци


Скопје, 25 август, 2017 - 10:37 (META) 

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров преку својот твитер-профил соопшти дека никој од претставниците на Европската Унија досега не побарал Македонија да стане земја дестинација за бегалци.

– Имав стотини средби од 1 јуни наваму. Ниту еден, ниту еден соговорник нема побарано Македонија да стане земја – дестинација за бегалци – напиша Димитров на „Твитер“.

Реакцијата на Димитров доаѓа по засилената кампања на граѓанската иницијатива „Будење“, која собира потписи во повеќе општини во земјава, против, како што велат, изградбата на станови за бегалци, кои државата планира да ги прими на своја територија.

Дел од медиумите тврдат дека зад иницијативата и собирањето потписи стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која изминатиов период речиси секој ден преку соопштенија и изјави на свои членови и пратеници во Собранието, обвинува дека Владата планира прием на бегалци и изградба на станови за нивно сместување.

Ваквите тврдења на опозицијата се актуелизираа по објавувањето на нацрт-стратегијата на Министерството за труд и социјална политика за интеграција на бегалци и на странци 2017-2027 и акцискиот план за интеграција на бегалци 2017-2027 година.

Од Владата и од МТСП ги негираат обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ, и тврдат дека не се планира населување на бегалци во земјава и дека Македонија останува само транзитна земја за мигранти.


„Еуровингс“ ќе почне да лета од Скопје до Минхен од октомври


Скопје, 17 март, 2017 - 13:46 (META) 

„ТАВ Македонија“ најави дека германската нискобуџетна авиокомпанија „Еуровингс“ ќе почне да лета на релација Скопје – Минхен од 31 октомври годинава.

Патниците од аеродромот „Александар Велики“ во Скопје ќе бидат поврзани со главниот аеродром во Минхен, „Франц Јозеф Штраус“.

Авиокомпанијата ќе оперира на оваа линија двапати неделно, во вторник и во петок, со воздухоплов „ербас A320-200“, со капацитет од 174 седишта.

Како што информираат од „Еуровингс“, продажбата на билети за дестинацијата Скопје – Минхен почна на 15 март и е отворена на веб-страницата на авиокомпанијата (www.eurowings.com).

– Оваа линија е директен доказ за успешното завршување на преговорите што ги имавме со авиокомпанијата во изминатиот период и се надеваме дека ова е само почеток на нашата успешна соработка, како и на инвестициите на „Еуровингс“ во Македонија – изјави генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алп Ер Тунга Ерсој.

„Еуровингс“ е со седиште во Келн и е дел од групацијата „Луфтханза“, а се смета за нискобуџетна авиокомпанија. Лета до повеќе од 150 дестинации во повеќе од 40 земји во Европа, а позната е по добрата мрежа на рути до атрактивни туристички локации.


Македонскиот бањски туризам претставен на саемот за туризам во Солун


Солун, 20 ноември, 2016 - 10:32 (META) 

Грчките туристички работници и грчката јавност имаа можност да се запознаат со македонските центри и можности за бањски и здравствен туризам на големиот Меѓународен саем за туризам „Филоксенија“ во Солун, каде што има 621 излагачи и делегации од 34 држави.

По иницијатива на македонскиот конзулат во Солун, Македонија е претставена на саемот со штанд со фокус за центрите за бањски туризам, а на саемот беа присутни и голем број туристички агенции и компании за автобуски превоз од Македонија кои имаа можност да се запознаат и воспостават контакти за потенцијална соработка со учесници од други држави на саемот.

Најпознатиот македонски туристички центар Охрид годинава беше во фокусот од балканските држави заедно со Белград, Пловдив и со Едрене на конференцијата на тема „Ребрендирање дестинации“ (Rebranding destinations).

Клучни прашања кои се дискутираа на конференцијата беа важноста една туристичка дестинација да има свој посебен идентитет и како тој се гради преку конкретна туристичка стратегија. За искуствата и стратегиите на Охрид, Белград, Пловдив и на Едрене на оваа тема говореа претставници на туристички сојузи и локални власти од Македонија, Србија, Турција и од Бугарија.

Од Грција, пак, говореше Јанис Михаилидис, менаџер на консултантска фирма на угостителство и туризам кој потенцираше дека најважната работа за да се развие и промовира добро брендот на една туристичка дестинација потребен е колективен напор односно поддршка од локалната заедница и локалните власти.

Покрај важноста за идентитетот на туристичката дестинација, се разговараше и за можностите за понудување регионални туристички пакети за странски туристи на Балканот.

Претставувањето на туристичките можности на Македонија, контактите меѓу туристичките организации и конкретниот фокус на бањскиот туризам во Солун отвора можности за привлекување поголем број и грчки, балкански, но и туристи од трети држави во Македонија.

Охрид е популарна дестинација меѓу грчките туристи и често и се нуди во аранжманите главно на туристичките агенции во Солун, па овие нови контакти може да помогнат да се зголеми грчкиот туристички прилив и во Охрид, но и останатите езерски, планински и бањски туристички центри во државата.


Министерот Кучи учествува на Стратешки форум во Блед


Блед, 6 септември, 2016 - 13:03 (META) 

Министерот за економија, Дритон Кучи, денеска учествува на Стратешки форум, кој се одржува во Блед, Словенија.

Форумот оваа година е под мотото „Зачувување на иднината“, а министерот Кучи се обрати на панел-дискусијата за туризам, на тема „Одржливост и безбедност во туризмот“.

– Туризмот претставува стратешка развојна дејност, која треба да биде иницијатор за развојот на земјата. Во услови на глобална конкуренција на туристичкиот пазар, постојано се јавуваат нови туристички дестинации, поради што развојот на туризмот треба да ги следи современите трендови кои се однесуваат и на функционирање на неговата материјална основа, а особено на заштитата на природните ресурси – истакна Кучи.

На панел-дискусијата, исто така, било истакнато дека одржливиот развој на туризмот подразбира и квалитет на туристичката понуда, врз која влијае безбедноста и сигурноста на туристите во туристичката дестинација.


Австрискиот канцелар до Германија: Преземeте ги мигрантите од Грција


Виена, 2 март, 2016 - 10:53 (META) 

Австрискиот канцелар Вернер Фајман ја повика Германија директно да ги преземе бегалците од Грција и од соседните држави на Сирија, така што ќе издава документи за нивно патување до целната дестинација.

Но, како што вели Фајнман, претходно е неопходно германската влада да утврди квоти за бегалците од Грција, Турција или Јордан.

Фејман за австриски „Курир“ изјави дека тој документ треба да им обезбеди влез на мигрантите на германската граница. Тој истакна дека повеќе не е подносливо дневно да се пропуштаат повеќе од 1.000 лица.

Австрискиот канцелар повтори дека неговата земја не смее да стане „чекалница за бегалци“ заради Германија и дека официјална Виена ќе се бори против тоа.

Од кабинетот на канцеларот објаснија дека ако Германија го прифати овој предлог, Австрија би ги пропуштала само тие бегалци што имаат документ за патување, а кој би ги издавале германските власти.

Фајман се залага и за основање фонд на ЕУ за бегалците во Европа, сличен на тој за спасување на банките.


„Рајанер“ планира да лета од Скопје


Даблин, 13 јули, 2015 - 12:13 (META) 

Нискобуџетната авиокомпанија „Рајанер“ планира да лета од Скопје, пишува „Ексјуавиејшн“ (exyuaviation.com).

Според овој медиум, од компанијата потврдиле дека имале разговори со македонската Влада, за Скопје да биде потенцијална дестинација на оваа компанија.

Македонската влада би им ги дала сличните субвенции како и на нискобуџетниот оператор „Виз ер“, наведува медиумот.