Со 84 жртви, поранешен полицаец стана најлошиот сериски убиец во поранешен СССР

Во период од 20 години, поранешниот полицаец Михаил Попков во руските градовите Иркутск, Ангарск и Усоље-Сибирскоје, убил вкупно 84 жени. Тој веќе издржува доживотна казна затвор за 22 убиства и за два обиди за убиство, а неодамна истражното биро во Иртутската област расветлило уште 60 убиства, за кои утврдило дека ги сторил Попков.

Со тоа, тој е досега најлошиот сериски убиец регистриран во Советскиот Сојуз или во државите што произлегоа од него. Претходно, ужасниот „рекорд“ го држеше Андреј Чикатило, кој убил 53 лица во периодот од 1978 до 1990 година. По него е Анатолиј Онопријенко, кој извршил 52 убиста, а следува Александар Пичушкин, кој во Москва убил 49 луѓе, а бил упасен во 2006 година.

Попков, кого го нарекуваат „Сибирскиот врколак“, убивал жени на возраст помеѓу 16 и 40 години, кои првин сексуално ги малтретирал и ги силувал. Експертите велат дека тој не е ментално болен ниту дементен, а сексолозите утврдиле дека има садистичка сексуална манија.

Попков порано бил полицаец во Ангарск, а бил уапсен во 2012 година поради убиства на 22 жени и обиди за убиство на уште две. Со новите откритија, сега нему на товар му се ставаат уште 60 убиства.

До сознанијата детективите дошле прегледувајќи повеќе од 350 слични кривични дела, кои се совпаѓаат со неговите убиства. Биле испитани повеќе од 900 сведоци, од кои 100 давале искази на местата на убиствата. Полицијата ги пронашла и оружјата со кои Попков ги убивал жртвите, како секири, ножеви и шрафцигери, а биле пронајдени и лични работи на жртвите.