Енергетската ефикасност во фокус на саемите за градежништво и за недвижности

„Градежниот сектор е од клучно значење за енергетската и за ресурсната ефикасност. Објектите трошат околу 40 проценти од енергијата и 40 проценти од ресурсите што се произведуваат на глобално ниво и поради тоа најмногу придонесуваат во продуцирањето на стaкленички гасови“, истакна амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Техада, на денешното свечено отворање на саемите за градежништво и за недвижности, кои ќе бидат отворени до 4 март.

Енергетската ефикасност е во фокусот на годинешното издание на овие два саема, кои се случуваат во „Метрополис арената“.

Таа додаде дека Швајцарија ќе продолжи да ја поддржува промоцијата на енергетската ефикасност, особено во градежниот сектор и ќе помогне во зголемување на јавната свест за значењето на енергетската ефикасност.

Директорот на Агенцијата за енергетика, Александар Дукоски, порача дека 40 проценти од енергетските потреби на Македонија се за задоволување на потребите на домаќинствата.

– Тоа на нас ни укажува дека тука има голем потенцијал за намалување на потрошувачката. Поради тие причини сметаме дека енергетската ефикасност е прво гориво за економскиот развој на Република Македонија – изјави Дукоски.