Вуксановиќ: Одлуката ги поби шпекулациите за Алачки

Сите шпекулации околуодлуката на пејачката Адријана Алачки, која на 8 октомври минатата година имаше сообраќајна несреќа, во која животот го загуби 76-годишен скопјанец, паднаа во вода, тврди нејзиниот адвокат Оливер Вуксановиќ, откако денеска Јавно обвинителство Скопје ја отфрли кривичната пријава.

Тој ги демантира шпекулациите дека Алачки возела во алкохолизирана состојба.

– Имајќи ги предвид доказите кои Обвинителството ги прибавило во текот на постапката, како и записникот од местото на настанот, утврдено е дека нема основа за вакви сомневања. Докажано е дека причина за несреќата е непрописното поминување на улицата од пешакот, кој движејќи се низ возилата, удрил во реторвизорот, паднал и починал по неколку часа на скопските клиники – вели Вуксановиќ.

За да се избегнат шпекулациите, адвокатската канцеларија побарала две независни вештачења, кои го потврдиле ставот на Обвинителството.

Вуксановиќ ги демантира и шпекулациите во јавноста дека автомобилот, наводно, го возела ќерката на Алачки и дека таа се пријавила да ја преземе вината за да ја заштити.

Семејството на починатиот по денешната одлука на Јавното обвинителство има право на тужба.