Меркел: Бегалците се можност за иднина

Германската канцеларка Ангела Меркел во својата новогодишна порака ги повика Германците на рекордниот прилив на бегалци да гледаат како на „можност за иднината“.

Минатата година, за земјата со најсилна економија во ЕУ и која прими повеќе од милион азиланти, била полна со предизвици, оцени Меркел. Таа ги предупреди Германците дека следуваат уште проблеми, но оти во иднина сето тоа ќе се исплати бидејќи „земјите секогаш имале корист од успешните имиграции, економски и социјално“.

Говорејќи за десничарските и за ксенофобичните групи, Меркел рече дека е важно да не се дозволи поделба на граѓаните.
– Од клучно значење е да не ги следиме тие кои со студенило или дури и со омраза во срцата укажуваат на тоа што значи да се биде Германец и настојуваат да ги исклучат другите – рече Меркел.

Таа потсети дека Германија и во минатото излегувала на крај со такви предизвици, како што е повторното обединување пред четвртина век и оти создала силна економија полна со иновации.

– Уверена сум дека ако се решава на правилен начин, денешната голема задача, како што е приливот и интеграцијата на толку многу луѓе, ќе биде мможност за иднината“, нагласи Меркел.