Излезе трејлер за Assassin’s Creed Shadows, првата игра од познатиот серијал со дејство во феудална Јапонија

Играта ќе излезе на 15 Ноември на сите платформи, вклучувајќи ги и Windows за PC и PlayStation 5. Играта е достапна за преднарачки и може да се купи предвреме и потоа да се игра на денот кога ќе излезе

По години чекање од фановите на серијалот Assassin’s Creed, Ubisoft конечно ја најави најновата игра во серијалот – Assassin’s Creed Shadows. Нејзиното дејство се одвива во феудална Јапонија, а подолу може да го видите трејлерот за истата:

Играта ќе излезе на 15 Ноември на сите платформи, вклучувајќи ги и Windows за PC и PlayStation 5. Играта е достапна за преднарачки и може да се купи предвреме и потоа да се игра на денот кога ќе излезе.

Претходно, катаната (и вакизашито- пократкиот самурајски меч) се појави како оружје што може да се користи играта Assassin’s Creed Rogue, но ова е првата игра од познатиот серијал која е целосно посветена на самураи и нинџи.

Шинобито во играта е јапонска девојка, а другиот главен лик е самурај со африканско потекло.

Трејлерот е излезен пред неколку недели и создаде бран на расистички коментари поради инклузивноста на девелоперите. Се отвори цел бран на коментари околу прашањето дали ликот Јасуке, инспириран од истоимениот маж кој живеел во Јапонија во 16-ти век, во реалноста бил самурај. Воедно, страницата на Википедија за вистинскиот Јауске стана „бојно поле“ на голем број промени во својата содржина.

Покрај приказните дека Јасуке бил донесен како роб во Јапонија и станал првиот африкански самурај, на Википедија стои дека бил само борец под наем. Точниот негов назив не е ни докрај важен бидејќи Assassin’s Creed игрите секогаш имаат приказни со алтернативна историја, некои дури и со научно-фантастични елементи.

Дополнително, ова не е прва видео-игра со странски самурај – во игрите Nioh 1 и 2 играте како Вилијам, првиот белец самурај во Јапонија.

Странски самураи се често обработувана тема во кинематографијата, како што може да се види во филмовите „Последниот Самурај“ со Том Круз и „47 Ронини“ со Кијану Ривс. Сепак, најдобро филмско остварување за афроамерикански самурај е во филмот„ Ghost Dog: The Way of the Samurai“ на култниот режисер Џим Џармуш, чија музика беше направена од РЗА од рап групата Ву Танг Клан, а во главна улога беше Форест Витакер.