!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Мажот застрелан во Аеродром во болница бил донесен мртов


Скопје, 3 ноември, 2017 - 20:13 (META) 

Мажот што денеска околу 17.40 часот бил застрелан со огнено оружје во скопската населба Аеродром, во Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ бил донесен мртов, информираше Министерството за здравство.

Потоа лекарите се обидувале да го реанимираат цели 40 минути, но тоа било безуспешно, па била констатирана смрт, известија од министерството.

Како што извести МВР, денеска околу 17.40 часот пред угостителскиот објект „Ред кафе“ на улицата Владимир Комаров во скопската населба Аеродром, со огнено оружје бил застрелан М.Ј.

Според некои медиуми, напаѓачот, кој потоа го фрлил и избегал, испукал четири-пет куршуми во жртвата.


Непознат напаѓач застрелал маж во Аеродром


Скопје, 3 ноември, 2017 - 19:09 (META) 

Во тежок инцидент што се случил денеска околу 17.40 часот пред угостителскиот објект „Ред кафе“ на улицата Владимир Комаров во скопската населба Аеродром, со огнено оружје бил тешко ранет М.Ј., соопштија од МВР за „Мета“.

Идентитетот на напаѓачот засега е непознат, тој е во бегство, а повредениот бил префрлен во Градската општа болница, велат од МВР.

Според извештаите на некои медиуми, биле испукани четири куршуми во ранетиот, кој е поранешен фудбалер.


Починал носителот на независна листа што беше застрелан во Кичево


Скопје, 5 октомври, 2017 - 11:02 (META) 

Носителот на независна листа на советници во Кичево, 40-годишниот Алит Абази, кој на 27 септември во центарот на Кичево беше застрелан, утрово починал на КАРИЛ во скопскиот Клинички центар.

Абази од ранувањето беше во критична состојба на интензивна нега, поради сериозни повреди на абдоминалните органи и на ’рбетот.

Врз Алит Абази, како и Дестан Абдиу, шеф на неговиот изборен штаб, и Шабан Далипи, случаен минувач, пукаше 58-годишниот Абдула Абдули. Убиецот беше набргу приведен, а судија на претходна постапка му одреди притвор од 30 дена.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вчера на прес-конференција го повтори тврдењето на полицијата дека нападот не е поврзан со изборната кампања.

Премиерот Зоран Заев синоќа на митингот во Општина Ѓорче Петров, осуди какво било насилство во изборниот процес и повика на воздржaност од активности кои би оставиле дамка на овие избори.


Маж тешко ранет во ресторан во скопско Батинци


Скопје, 9 септември, 2017 - 14:16 (META) 

Крвава пресметка се случила вчера во скопското село Батинци, при што еден жител на селото е тешко ранет, а полицијата трага по неговите напаѓачи.

Како што соопшти полицијата, рано попладнето дошло до тепачка во ресторан во селото, по што противниците излегле надвор и таму продолжиле да се пресметуваат. Во еден момент било стрелани кон 35-годишниот Р.А. од Батинци, при што добил прострелни рани во нозете. Потоа напаѓачите избегале со автомобил „ауди А8“.

Ранетиот бил префрлен во Градска општа болница „8 Септември“, каде му била направена операција.
По добиената информација, тим од единицата „Алфа“ го пронашол возилото на кое биле забележани оштетувања од огнено оружје. На местото на настанот било пронајдено и патничко возило „пежо“, сопственост на С.А. од селото Батинци.

СВР Скопје известува дека се работи на пронаоѓање на сторителот и на целосно расчистување на случајот.


Обвинителството почна истрага против полицаецот што пукаше во момчињата


Струмица, 14 август, 2017 - 12:25 (META) 

Jавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Струмица донел Наредба за спроведување на истражна постапка против полицаецот што во петокот вечерта со службениот пиштол рани и нанесе тешки повреди на двајца малолетници, од кои едниот со тешки повреди e хоспитализиран на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување во Скопје (КАРИЛ) и е во многу тешка состојба, а на другиот му бил извршен оперативен зафат во струмичката болница.

Полицаецот е осомничен дека сторил убиство. За целосно расветлување на настанот, јавниот обвинител ги очекува резултатите од наредените вештачења на траги и материјални докази пронајдени на лице место, балистичките вешачења и анализите на трагите од барутни честички. Од сите инволвирани веднаш по инцидентот беа земени за анализа и примероци од крв и урина, како и парафински ракавици.

Бидејќи сведоците се сослушани и се прибрани материјални докази, обвинителот за осомниченито предложил серија мерки на претпазливост – забрана за напуштање на местото на живеење, обврска за редовно јавување во суд, привремено одземање на патната исправа и забрана за вршење на определени работни активности.


Кумановското обвинителство поведе истрага против лицето што уби тинејџер на свадба


Куманово, 27 јули, 2017 - 13:04 (META) 

Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против лицето кое застрела гостин на свадба завчера во кумановското село Липково.

Според соопштението, осомничениот на 25 јули во 22.45 минути, додека присуствувал на свадбена веселба, извадил од појас пиштол марка „смит и весон“ и со умисла истрелал еден куршум со кој го погодил сега починатиот 19-годишник Б.Х., државјанин на Република Германија.

Почната е истражна постапка против осомничениот, и тоа за убиство и за новластено  изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачи материи.

Основен суд Куманово, по предлогот од јавниот обвинител, на осомничениот му изрекол притвор од 30 дена.


Скопјанец застрелан во расправија во Ченто, се наоѓа во животна опасност


Скопје, 10 март, 2017 - 14:38 (META) 

Откако вчера бил застрелан, 27-годишен скопјанец со тешки повреди е пренесен во Специјалната хируршка болница „Свети Наум Охридски“ во Скопје и се наоѓа во животна опасност, извести МВР.

Инцидентот се случил вчера попладне. Во полиција било пријавено дека на улицата Фуштанска во населбата Ченто, две непознати лица, кои дошле со два автомобили, почнале да се расправаат со Г.Б. (27), по што еден од нив извадил пиштол и стрелал во 27-годишникот, нанесувајќи му прострелна рана во десна надколеница и повеќе повреди на телото. Вооружениот потоа заминал со автомобилот.

Ранетиот е пренесен и задржан на лекување во болницата „Св. Наум Охридски“, каде му се констатирани тешки телесни повреди и се наоѓа во животна опасност.

Полицијата вели дека трага по сторителите.