Павлопулос: Ново име и промена на уставот, па интеграција во ЕУ и НАТО


Кукуш, 13 мај, 2018 - 22:12 (META) 

За интеграција на ПЈРМ во НАТО и ЕУ потребно е решение на името, за што предуслови се промена на уставот и елиминирање на иредентизмот, рече претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос.

– Постои еден начин за да оди напред интеграцијата на ПЈРМ во НАТО и ЕУ. Прво, претходна промена на нејзиниот Устав, нешто што го сигнализира почитувањето што Грција, Европската Унија и на НАТО го покажуваат кон нејзиниот правен поредок и владеењето на правото во целост – рече Павлопулос.

Грчкиот претседател говорејќи за битките на Грците за време на Балканските војни, рече дека тие, од една страна, конечно и непобитно го документираат грчкиот карактер на Македонија, а од друга, ја исмеваат секоја спротивна пропаганда.

Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, близу до Атина, имаа средба со посредникот во преговорите Метју Нимиц кој рече дека разговорите биле сериозни, со позитивни моменти.

Димитров и Коѕиас треба да ги информираат своите премиери пред самитот во Софија каде што Заев и Ципрас ќе имаат средба на 17 мај.


МНР подготвува реакција на серијата напади и обвинувања од Атина


Скопје, 11 април, 2016 - 15:35 (META) 

Од македонското МНР најавуваат дека во текот на денот и официјално ќе реагираат на серијата грчки префрлања, обвинувања и осуди по вчерашната интервенција на полицијата и на АРМ на границата.

Грција вчера прво испрати протестна нота до Македонија, осудувајќи ги насилните инциденти со бегалците на границата.

Грчкото МНР истакна дека употребата на насилство не помага да се реши проблемот со бегалците и оди против меѓународното и хуманитарното право.

Денеска прво грчкиот претседател Прокопис Павлопулос остро забежа дека со насилниот однос кон бегалците Македонија покажала дека не заслужува да биде членка ниту на ЕУ ниту на НАТО.

Веднаш потоа грчкиот премиер Алексис Ципрас изјави дека „голем срам и за Европа и за Македонија се вчерашните инциденти на Идомени“.

Ципрас остро ја критикуваше Македонија што нападнала невооружени бегалци, кои, според него, воопшто не претставувале опасност за државата и ги осуди насилните инциденти во кампот на Идомени.

Тој истакна дека вчерашните инциденти поставуваат два нови предизвици за грчката влада. Едниот од нив се странските активисти, кои, според Ципрас, живеат некаде околу Гевгелија и поттикнуваат протести меѓу бегалците, а вториот предизвик е ставот на македонската полиција, која насилно нападнала бегалци кои немале оружје.

– Втор предизвик за нас е ставот на силите на поранешната југословенска Република Македонија. Против луѓе кои немаа оружје, не беа сериозна закана за нив, одговорија со солзавец и со гумени куршуми. Сакам да кажам дека ова е голем срам за европската култура и за земјите што сакаат да се дел од европската култура – истакна Ципрас.


Грчкиот претседател Павлопулос на средба со Меркел во Берлин


Атина, 18 јануари, 2016 - 11:05 (META) 

Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос денеска пристига во Берлин, на дводневни средби со германскиот државен врв. Напладне тој ќе се сретне со својот германски колега, Јоаким Гаук, а вечерва ќе има тет-а-тет средба со германската канцеларка Ангела Меркел.

Агендата на Павлопулос опфаќа голем број средби, меѓу кои и со претседателот на германскиот парламент, германскиот митрополит, претставници од грчко-германската бизнис-алијанса, претседателот на германските синдикати. Утре, Павлопулос ќе замине и во посета на Франкфурт, за средба со претседателот на Европската централна банка, Марио Драги.

Павлопулос пред средбите испрати позитивни пораки за соработка до своите германски колеги и до германскиот народ. Во инервју за „Зидојче цајтунг“, грчкиот претседател вели дека на средбите во Берлин гледа со голем оптимизам и со надеж дека Германија и Грција ќе можат наскоро повторно да ги нормализираат врските и да ги вратат на исто ниво како и пред кризата, кога почна заострувањето и постојаните меѓусебни критики. Според него, врските веќе се подобрени благодарение на одлуката на Меркел да ја задржи Грција во еврозоната по сите проблеми летово.

Павлопулос во интервјуто оди до степен да ѝ даде комплимент на Меркел за нејзиното справување со бегалската и со финансиската криза, чекор кој досега отсуствуваше од речникот на грчките политичари поради заладените грчко-германски односи и постојаните критики и притисоци од германската канцеларка за спроведување на мерките за штедење.

– Политичкиот пат на Меркел е храбар и со тоа доаѓа и голема политичка цена. Со своите одлуки, им даде многу на Германија и на Европа и треба и да продолжи така. Меркел е голем политичар и историјата ќе го покаже тоа – вели Павлопулос во интервју за германскиот весник.

Под знак прашалник е дали грчкиот претседател на средбата со Меркел ќе го покрене и прашањето за името меѓу Македонија и Грција, тема по која Павлопулос се има изјаснето како радикален десничар, со ставови дека името „Македонија“ е грчко и не смее да се фалсификува од македонските политичари.