Пуштен во употреба првиот аудио-водич за археолошкиот локалитет „Стоби“


Неготино, 13 јули, 2018 - 12:38 (META) 

Националната установа за управување со археолошкиот локалитет „Стоби“, во соработка со софтверската компанија „Г6 солушн“ (G6 Solutions) од Скопје, го изработија првиот аудио-водич за археолошки локалитет во Македонија и истиот е во употреба од 12 јули 2018 година.

„Во чекор со најсовремените пристапи за управување со посетители при посета на археолошки локалитет, овој аудио-водич ќе му помогне на секој посетител да го запознае и доживее археолошкиот локалитет Стоби, еден од најубавите локалитети во Македонија, на интерактивен и автентичен начин“, се вели во соопштението на оваа Национална установа.

Археолошкиот локалитет „Стоби“ е едена од најпосетуваните туристички дестинации во Македонија и за потребите на посетителите, освен туристички водич кој е на располагање за посетителите на локалитетот, од сега, ќе може да се користи и мобилната апликација „Стоби аудио гајд“ (Stobi audio guide), на македонски и англиски јазик.

Апликацијата содржи сите неопходни информации за објектите кои се во состав на археолошкиот локалитет, како и кус историјат за локалитетот и насоки за движење согласно неговиот историски наратив. Посетителите ќе може да ја спуштат апликацијата на самиот влез на локалитетот каде што е обезбеден и слободен интернет пристап.


Бочварски: Имаме обврска да го чуваме Штип за идните генерации


Штип, 10 септември, 2017 - 17:04 (META) 

Благој Бочварски, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Штип, со неколку сопартијци денеска се вклучи во еколошка акција, чистејќи го локалитетот Мирјанина Црква.

– Имаме одговорност пред самите нас и пред идините генерации, да направиме добри дела за овој град, да работиме во интерес на граѓаните, да ја заштитиме животната средина и здравјето на нашите граѓани – рече Бочварски и вети дека ако победи, во Штип повеќе нема да има диви депонии.


„Охрид СОС“: Продолжува негрижата за животната средина, здравјето и за квалитетот на живот на граѓаните


Охрид, 9 декември, 2016 - 10:21 (META) 

Во текот на изминативе две години, локалните власти во Охрид и владата наголемо најавуваа големи инфраструктурни проекти во Охридско и покрај предупредувањата од домашни и од странски експерти дека реализација на тие проекти ќе значи дефинитивно уништување на значајни и уникатни екосистеми.

Со ваква реакција се огласија од невладината „Охрид СОС“, како што велат, испровоцирани од последните случувања во Охрид и од крајната негрижа за животната средина, здравјето и за квалитетот на живот на граѓаните.

Оттаму реагираат дека во програмата на ВМРО-ДПМНЕ за 2016- 2020 година опфатен е и проектот за изградба на ски-центар на планината Галичица.

Исто така, во врска со патот Охрид – Пештани, кој треба да го опслужува ски-центарот, од здружението посочуваат низа проблеми поврзани со влијанието врз животната средина. Покрај тоа, од „Охрид СОС“ нагласуваат дека иако владејачката гарнитура тврди дека за овој проект се обезбедени средства од Европската банка за обнова и развој, банката ги нема одобрено овие средства.

На експертската конференција за Галичица која се одржа во ноември годинава, професорот Томас Вилке од Универзитетот во Гисен, кој го предводеше истражувањето на староста на Охридското Езеро, истакна дека треба да се прогласи мораториум за сите градежни активности што влијаат на езерото или неговите сливови.

Сепак, се најавува дека на охридската страна, на самиот брег кај локалитетот Градиште, ќе има одморалиште со хотел од висока категорија со 200 соби, како и 300 апартмански единици, со вкупно 1.600 легла.

Каналот Студенчишта, кој во моментов служи како конекција помеѓу филтерот на езерото – Студенчишко Блато и Охридското Езеро, и како локација за гнездење на повеќе видови, деновиве се уништува и се бетонира по налог на Општина Охрид, каде се исекоа и повеќе од 20 дрвја, велат од „Охрид СОС“.

Во септември годинава на социјалните мрежи осамнаа фотографии од големи згради изградени врз мозаиците на археолошкиот локалитет Плаошник, каде и денес продолжуваат градежните активности.


Груевски: Во обновување на амфитеатарот Скупи ќе се вложат 8,5 милиони евра


Скопје, 5 февруари, 2016 - 17:24 (META) 

Aмфитеатарот во Скупи ќе биде обновен, најави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во обраќањето пред младите во Младинскиот културен центар.

– Целта на проектот е целосна реконструкција, врз основа на сочуваните архитектонски елементи и преку аналогија со театри кои се блиски до амфитеатарот во Скупи. Со тоа би се овозможила ревитализација на објектот и негова презентација пред пошироката културна јавност, преку одржување на културни манифестации со капацитет од 9.000 места – истакна Груевски.

Амфитеатарот е прогласен за споменик на културата од прва категорија, а изминативе две години беа извршени првите систематски археолошки испитувања.

За негово обновување ќе бидат инвестирани околу 8,5 милиони евра.


Археолози ќе го истражуваат античкиот град Стибера


Прилеп, 28 мај, 2015 - 11:29 (META) 

Археолози ќе го истражуваат античкиот град Стибера кај прилепското село Чепигово, откако минатата година даде многу интересни научни резултати.

Античкиот град изминативе педесетина години не го доби вниманието што го заслужува, па отсекогаш е во сенката на Скупи, Стоби или на Хераклеја Линкестис. Тоа по што е исклучителен и по што го добил епитетот македонска Помпеја, е зачуваноста на откриените објекти. Од 2008 година сè повеќе внимание се посветува на Стибера и на полето на археолошките ископувања и на полето на конзервација на објектите.

Иако е дел од капиталните проекти на Владата, за годинашните активности на локалитетот се издвоени 300.000 денари. Истражувањата ќе почнат кон средината на јуни, а ќе траат дваесетина дена.
Ископувањата и истражувањата ќе ги спроведат тимови од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Прилеп.

Сите активности ги координира Управата за заштита на културното наследство, а раководител на ископувањата е археологот Душко Темелкоски.