!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев во Чаир: Гласајте за Висар Ганиу, ќе работи за сите граѓани


Скопје, 27 октомври, 2017 - 20:16 (META) 

„Чаир е пример на мултиетничност, а Висар Ганиу е лицето на едно општество за сите. Овој концепт го градиме мудро и посветено, го препозна цела Македонија, мора да го препознае и знам дека го препознава и општина Чаир. Да не дозволиме повеќе национализми, победата ќе блеска како што му личи на Чаир“, порача претседателот на СДСМ, Зоран Заев, попладнево во скопската општина Чаир.

Тој ги уверуваше присутните во паркот во населбата дека „Чаир преку програмата на Висар Ганиу има можност да се развива во урбана општина и гордост на сите“.

– Само ни требаат чесни политичари кои ќе ги слушаат граѓаните. Знам дека имаме чесен човек. Го подготвивме новиот буџет, веќе ги вградивме парите за Чаир и за Град Скопје. Нашата опција е Висар Ганиу кој ќе биде градоначалник на сите граѓани и заедно со градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, ќе донесе живот за сите во Чаир и во Скопје. В недела да заокружиме број 3 и да прославиме живот за сите – порача претседателот на СДСМ, Зоран Заев.


Заев побара поддршка од гостиварци за кандидатот за градоначалник на ДУИ, Бејта


Гостивар, 21 октомври, 2017 - 10:16 (META) 

Лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, синоќа побара поддршка од граѓаните на Гостивар за кандидатот за градоначалник на ДУИ, Невзат Бејта, во вториот круг од локалните избори, кој ќе се одржи на 29 октомври.

– Дојдов во овој убав град на соживотот, да побарам поддршка за Невзат Бејта. Гостивар беше во незавидна состојба затоа што вашиот градоначалник знаеше да пофали и да искритикува кога треба и тоа го фрли во немилост од претходната власт. Мојот другар и добар пријател Невзат Бејта, знам колку си го сака Гостивар и со мала поддршка од централната власт, Гостивар ќе блеска – рече Заев, на синоќешната средба со граѓани на Гостивар.

Тој додаде дека целосно застанува зад програмата на Бејта за Гостивар, која, како што рече, ќе ги реши проблемите на граѓаните.

– Стоиме целосно зад потребите на Гостивар, а тоа е трајно решавање на депонијата, реконструирање на главната улица во булевар, со што ќе се растовари сообраќајот и ќе се овозможи Гостивар да дише. Вие граѓаните го полните буџетот на Општината, вие ќе кажувате за што ќе се наменуваат парите – додаде Заев, изразувајќи уверување дека граѓаните на Гостивар ќе ја дадат довербата на Невзат Бејта.


Богдановиќ вети детална ревизија на проектот „Скопје 2014“


Скопје, 10 октомври, 2017 - 12:18 (META) 

Кандидатот за градоначалник на општина Центар од СДСМ, Саша Богдановиќ, денеска најави детална ревизија на проектот „Скопје 2014“, како и дека ќе ја објави целата документација за проектот.

Богдановиќ изјави и дека „новата власт во Скопје“ ќе ја запре и изградбата на панорамското тркало.

– Галиите, шмизлите, Прометеј и целиот криминален и налудничав проект „Скопје 2014“ ги одзедоа душата и убавината на централното градско подрачје. Се украдоа милионски суми од граѓаните за барок и за стиропор. Со енергична борба успеавме да спасиме да не никнат и шпански скали. Со новата власт во Скопје ќе се сопре и изградбата на панорамското тркало. Проектот, за жал на центарци, на скопјани и на цела Македонија е целосно реализиран, но Општина Центар сè уште може да направи многу повеќе во однос на ова чувствително прашање што досега никогаш не е докрај расчистено – рече Богдановиќ.

Кандидатот за градоначалник на општина Центар најави дека со надлежните институции ќе направи детална и функционална ревизија за тоа како се спроведувале тендерите и деталните урбанистички планови за „Скопје 2014“.

– Поради тоа што станува збор за проект од јавен интерес, јас, како градоначалник на Општина Центар, ќе ја објавам целата документација за „Скопје 2014“. Од одговорност нема да биде поштеден никој – изјави Богдановиќ.


Саша Богдановиќ е кандидат на СДСМ за градоначалник на општина Центар


Скопје, 13 септември, 2017 - 21:17 (META) 

Саша Богдановиќ, директорот на Јавното претпријатие „Паркинзи – Општина Центар“, ќе биде кандидат на СДСМ за градоначалник на општина Центар, потврди лидерот на партијата и премиер, Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето на договорот со лидерите на 21 партија за предизборна коалиција.

Заев ја потврди кандидатурата на Богдановиќ откако актуелниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски, се повлече од трката за втор градоначалнички мандат и, како што се договорил со премиерот и лидер на СДСМ, ќе добие функција во централната власт.

Инаку, Заев и лидерите на 21 партија вечерва потпишаа договор за заеднички настап на локалните избори под мотото „Живот во Македонија за сите“.

– Формиравме предизборна коaлиција предводена од СДСМ за следните локални избори. Настапуваме отворено, го слушнавме гласот на граѓаните кои избраа заедништво, наспроти поделби. Граѓаните од целото општество имаат шанса да учествуваат во промените и тоа го прават. Затоа сум убеден дека оваа коалиција по промената на централно ниво ќе донесе и промени на локално ниво на изборите на 15 октовмри – рече Заев.