Граѓаните на Германија ќе добијат законско право на брз интернет


Берлин, 1 март, 2018 - 9:53 (META) 

Граѓаните на Германија ќе добијат законско право на брз интернет, според коалицискиот договор на конзервативците на Ангела Меркел и Социјалдемократската партија на Германија (СПД), вели Хелге Браун, кој е именуван за шеф на кабинетот на германската канцеларка.

Во интервју за весникот „Билд“, Браун објаснува дека новата голема владина коалиција ќе создаде правна рамка со која граѓаните ќе добијат право на брз интернет.

– Брзиот интернет е важен колку и снабдувањето со гас, вода и струја, па затоа тоа прашање е меѓу врвните приоритет на канцеларката – вели тој.

Според именуваниот шеф на кабинет на Меркел, федералната влада и индустријата ќе издвојат најмалку 100 милијарди евра за до 2025 година сите  региони во Германија да имаат брз интернет.

Германија е на 28. место на списокот на 32 земји по пристапот до брз интернет, подготвен од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Браун вели и дека се планира забрзување на процесот на разгледување на барањата за азил, а депортирањето во иднина да се врши побргу.

Сепак, дали сето тоа ќе се случи ќе се знаев в недела, кога околу 464.000 членови на СПД ќе гласаат за „големата коалиција“.


Меркел категорично против нови избори


Берлин, 25 ноември, 2017 - 22:25 (META) 

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека е категорично против предвремени парламентарни избори, по неуспехот да формира влада со либералната партија ФДП и со партијата на зелените.

– Апсолутно не сум убедена дека треба да ги повикаме граѓаните да гласаат повторно – изјави Меркел на конференција на нејзината Демохристијанска партија (ЦДУ), пренесуваат агенциите.

Таа истакна дека на Европа ѝ е потребна силна Германија и дека е пожелно бргу да се формира влада.

Меркел е подготвена да почне разговори со Социјалдемократската партија на Германија (СПД) за повторно формирање на голема коалиција.

Лидерот на социјалдемократите, Мартин Шулц, кој е под голем притисок да прифати нова коалиција со ЦДУ, заедно со Меркел и со лидерот на нејзината сестринска партија ЦСУ, Хорст Зехофер, в четврток треба да има заедничка средба со претседателот на Германија, Франк Валтер Штајнмаер.