Визуелизации За 18 години се загубиле 40 милиони патници од јавниот транспорт (инфографик)

За 18 години се загубиле 40 милиони патници од јавниот транспорт (инфографик)

Тетово и Штип се двата града кои во моментов размислуваат да воведат јавен превоз, додека Скопје и Прилеп се единствените општини во кои функционираат јавни претпријатија што ги одржуваат градско - приградските линии

Извор на фотографија: Општина Прилеп

Бројката на превезени патници во јавниот превоз во Македонија опаѓа низ годините, но сè повеќе македонски општини се одлучуваат да воведат редовен линиски превоз во градовите. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека лани услугите на градско – приградскиот превоз ги користеле 71.410.000 патници, додека со јавен транспорт во 2000 година биле превезени 111.408.000 патници.

Статистичките податоци укажуваат на постепено намалување на користењето на јавниот превоз во земјава, и покрај постоечкиот тренд на зголемување на општините во кои што се организира ваков вид на транспорт. Градско – приградски превоз во континуитет се организира во неколку македонски градови, вклучувајќи ги Скопје, Куманово, Велес, Кочани, Кавадарци, Прилеп, Битола и Охрид.

Штип и Тетово во моментов размислуваат за воведување на линиски превоз низ двата града, при што тетовските општинари во 2016 година формираа и јавно претпријатие за јавен превоз „Тетово транспорт“. И покрај ова, жителите на Тетово денеска не можат да го користат ваквиот превоз, бидејќи градски автобуси не се набавени, а планираните линии не се одржуваат.

Статистичките податоци за периодот од 2000 година до денес покажуваат дека бројот на линии, нивната должина и бројот на возила што сообраќаат од година во година се зголемуваат, но затоа пак се намалува капацитетот на возилата за превоз на патници што се должи на замената на автобусите со комбиња при вршењето јавен превоз.

Скопје и Прилеп се двата града во земјава што имаат јавни претпријатија за вршење на оваа дејност. Покрај актуелната набавка на градски автобуси во Скопје, и прилепските локални власти периодов се во потрага по набавка на 4 нови автобуси што ќе сообраќаат на природен гас. Тамошното претпријатие ЈП за ПУП – Прилеп со подновениот возен парк ќе ги одржува трите постојни линии во градот, со што Прилеп е единствената македонска општина во која јавниот превоз се организира само од јавно претпријатие.

Линиите за превоз на патници во Скопје се организираат од ЈСП – Скопје и двете приватни претпријатија, додека јавниот превоз во другите градови се организира единствено од приватни автотранспортни компании.