Со јавен превоз во сите градови од земјава лани биле превезени 72.040.000 патници, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Со линиите од градскиот превоз во 2019 година патувале 42.404.000 патници, додека автобусите од приградските линии превезле 29.636.000 патници. Во овие бројки се вклучени податоците од главниот град, но и од градско-приградскиот превоз што се одржува во Куманово, Велес, Кочани, Кавадарци, Прилеп, Битола и Охрид.
Статистиката покажува дека во 2018 година со јавен превоз во земјава биле транспортирани 71.410.000 патници, што значи дека лани бил забележан благ на бројката на патници за помалку од 600.000. Сепак, треба да се нагласи ова се должи на зголемениот обем на работа кај линиите во некои градови од внатрешноста на земјава, како и на приватните превозници во Скопје. Информациите од ЈСП – Скопје за 2019 година покажуваат дека со нивните автобуси биле превезени над 44,1 милион патници или за половина милион патници помалку во споредба со 2018 година.
Позитивно придвижување во наредниот период може да се очекува со повторното воведување на јавен превоз во Тетово, каде што Светска банка треба да помогне во набавката на автобуси за тамошното општинско претпријатие за јавен превоз. Воедно, веќе набавените нови автобуси за ЈСП – Скопје годинава е предвидено да се пуштат во функција, со што се очекува зголемување на интересот за патување со автобус од страна на жителите на главниот град.