Видео Полицијата пука со гумени куршуми по граѓаните во Барселона

Полицијата пука со гумени куршуми по граѓаните во Барселона

Крвави судири се случуваат во Барселона помеѓу шпанската полиција и поборниците за независност на покраината Каталонија, откако полицијата изврши неколку брутални упади на избирачки мести и почна да се пресметува со граѓаните на улиците, а почна и да пука со гумени куршуми по луѓето. Според извештаите на светските медиуми, веќе има десетици ранети луѓе.

Демонстранти низ улиците на Барселона извикуваат „Ние сме луѓе на мирот“ и „Не се плашиме“. На голем број места во градот се забележливи амбулантни возила.

По претходните инциденти со полициски интервенции на гласачките места, каде се одржува референдумот за независност на Каталонија, кој шпанската власт го прогласи за нелегален, на улиците на Барселона, вториот најголем град во Шпанија, почнаа да се слушаат и истрели на гумени куршуми и испукување гранати со солзавец. Граѓаните поставуват метални бариери на улиците, а полицијата со комбија со засилени браници напред ги истуркува.

– Полицајците со пендреци ги тепаа луѓето кои седеа на улиците – вели еден учесник на големиот мирен протест во Барселона, кој почна да се омасовува по извештаите за полициските акции на гласачките места.

Но, не била насилна само полицијата. Многу демонстранти фрлале камења и други предмети кон металните бариери и кон полицајците.

Во акцијата се вклучени полицајци од цела Шпанија. На избирачкото место во колеџот „Џауме Балмес“ во Барселона, во судир со полицијата се повредени неколку лица. Полицијата во Каталонија насилно упаднувала на избирачки места и запленила гласачки ливчиња и кутии.
Националната полиција успеа да затвори околу 15 избирачки места и да заплени материјал за гласање.