Економија ЕК: Северна Македонија претпоследна во регионот по растот на БДП во првиот...

ЕК: Северна Македонија претпоследна во регионот по растот на БДП во првиот квартал

Фото: European Commission

Со пораст на бруто домашниот производ од 0,2 отсто во првите три месеци од годинава, нашата земја се најде на претпоследното место меѓу земјите од Западен Балкан, покажува најновиот извештај на Европската комисија за економските текови кај земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство во Европската Унија.

Прва на листата е Србија со пораст на БДП од 5 отсто во првите три месеци од 2020 година, а по неа следува Турција со пораст на БДП од 4,5 отсто.

На третото место е Црна Гора со пораст на БДП од 2,7 отсто, а по неа следуваат Босна и Херцеговина (пораст од 2 отсто) и Косово (пораст од 1,3 отсто). На последното место е Албанија која има негативен БДП од -2,5 отсто.

Од Европската комисија укажуваат дека последиците од пандемијата со корона вирусот во регионот биле забележливи уште во првото тримесечје и тоа преку изразена рецесија во Албанија и забавување на економските активности во Србија и Северна Македонија.

За нашата земја се вели дека економскиот пораст забавил од 3,4 отсто во последното тримесечје од минатата година на 0,2 отсто во првото тримесечје од годинава. Според ЕК, тоа се должи на намалувањето на приватната и на јавната потрошувачка и падот на инвестициите.