Свет Балкан ИФИМЕС: Договорот САД-Србија-Косово ќе го поправи тоа што ЕУ дозволи да се...

ИФИМЕС: Договорот САД-Србија-Косово ќе го поправи тоа што ЕУ дозволи да се расипе

Фото: Арбнора Мемети

Вашингтонскиот договор претставува нова политичка реалност не само за Косово и Србија, туку и за целиот регион на Западен Балкан, па дури и за самата ЕУ, која премногу млитаво се однесуваше кон Западниот Балкан и е немоќна пред притисоците на Русија, Кина и Турција, и која не се спротивставува решително на популистите коишто соработуваат со силите чијашто единствена цел е разурнување на европското единство, и на крајот, на самата ЕУ, пишува Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (IFIMES) од Љубљана во својата анализа за договорите за „економска нормализација“ коишто во Вашингтон на 4 септември годинава ги потпишаа Србија и Косово под водството на САД.

Вмешувањето на САД со својата дипломатија во односите на Србија и Косово ИФИМЕС го толкува како цврста поддршка од САД за проектот „Мини Шенген“ на премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, и на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој отпочна со потпишувањето на Декларација во Нови Сад, на 9 октомври минатата година. Таквата поддршка од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се смета и за силна поткрепа на самата ЕУ.

„Наместо ЕУ да ја прецизира својата политика за проширување за Западен Балкан со временски одредници, и понатаму се служи со општи флоскули за европската перспектива и дека Западен Балкан припаѓа на Европа, што на државите од Западен Балкан и на нивните граѓани не им значи ништо, ниту пак ја намалува веќе постоечката неизвесност.

Аналитичарите сметаат дека ЕУ може да ја исправи својата грешка, односно „млитавата“ улога и забрзано во полноправно членство да ги прими преостанатите држави од Западен Балкан (Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Црна Гора), оти во спротивно ќе отвори простор за силно влијание на Русија, Кина и Турција, што може да доведе до промени на геополитичките ориентации на некои држави“, пишува љубљанскиот Институт за блискоистични и балкански студии.

ИФИМЕС одбележува дека дополнителен раст на Мини-Шенгенот може да се очекува сега откако по 31-година паднал режимот на Мило Ѓукановиќ во Црна Гора и дека земјата може да се приклучи на проектот. За Ѓукановиќ се вели дека има двојна „хипотека“, и криминално и воено-злосторничка и дека затоа се спротивставувал на овој проект, оти регионалното, односно економското поврзување, носи и почеток на владеењето на правото.

„Спротивставувањето на Ѓукановиќ за воспоставувањето на мини Шенген покажува дека на териториите и државите што се слаби поради различни причини или се криминални/корумпирани, не им одговара никаков економски просперитет, бидејќи со економското поврзување, почнува и владеење на правото“, порачува ИФИМЕС.