Свет Балкан Украина и ЕУ со ист став: Русија сака да направи проблем во...

Украина и ЕУ со ист став: Русија сака да направи проблем во Западен Балкан

Зеленски најпрво на 15 ноември годинава јавно предупреди дека Русија би можело да подготвува војна во регионот на Западниот Балкан, со цел да го одвлече вниманието од актуелната војна во Украина

Фото: Мета.мк

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и Европската Унија во изминативе денови предупредија на активностите на Русија за да предизвика проблеми во Западниот Балкан, кои би го отргнале вниманието на меѓународната јавност од воената агресија врз Украина.

Зеленски најпрво на 15 ноември годинава јавно предупреди дека Русија би можело да подготвува војна во регионот на Западниот Балкан, со цел да го одвлече вниманието од актуелната војна во Украина, пренесува Њузвик.

Пред странските новинари, украинскиот претседател изјави дека Русија работи на создавање проблеми на Блискиот Исток, но и на Балканскиот полуостров.

„Зад „експлозијата“ на Блискиот исток стои Русија, ние сме сигурни, со нејзиниот сојузник Иран“, изјави Зеленски, иако засега не понуди цврсти докази кои укажуваат на наводната улога на официјална Москва во актуелниот конфликт меѓу израелските сили и милитантната група Хамас во Газа.

Зеленски го повика светот да обрне внимание на случувањата на Балканот.

„Верувајте ми, ги добиваме информациите. Русија има долг план – Блискиот Исток, а второто одвлекување на вниманието ќе биде Балканот“, потенцираше тој.

Украинскиот претседател предупредува дека ако светот не направи ништо сега, тогаш ќе има нова „експлозија“, при што Русија ќе осигури една балканска земја да влезе во конфликт со друга.

Зеленски посочи дека Русија се обидува да го притисне Западот да ја распрсне финансиската помош, која во голема мера во моментов е фокусирана на поддршката на Украина во тековната војна. Со многу хуманитарни предизвици во светот, тој смета дека меѓународната заедница ќе треба да ја дистрибуира помошта кон повеќе различни точки.

Драматичните предупредувања кои доаѓаат од украинскиот претседател ги потврдува и Европската Унија, при што официјални лица на ЕУ велат дека ја делат загриженоста со Зеленски за негативното влијание на Русија врз Западниот Балкан, пренесува Радио Слободна Европа на македонски јазик.

„Имаме информации и ги следиме овие активности на Русија веќе некое време, така што ја имаме целосната слика и свесни сме што Русија се обидува да направи. Ние работиме многу тесно со нашите партнери од Западен Балкан за да ги обучиме да се справат со тоа“, рече портпаролот на ЕУ, Петер Стано, на прес-конференција.

Стано вели дека веќе извесно време Брисел зборува оти Русија се обидува да го спроведе своето малигно влијание на територијата на Западен Балкан.

„Знаеме дека Русија прави сè што може за да сее незадоволство, политичка нестабилност, странско мешање, манипулација со информации и затоа ја зголемуваме нашата соработка и помош за нашите партнери од Западен Балкан кога станува збор за зајакнување на капацитетите и способност за соочување со оваа форма на хибридни закани и надворешно влијание“, рече Стано.

Тој потврди дека руското влијание било една од темите на разговор на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ со нивните колеги од Западен Балкан.

Стано подвлече дека не ги коментираат деталите од разговорите што претставниците на ЕУ ги водат со партнерите од регионот, но повтори дека „ја делат оценката“ на украинскиот претседател.